Гајда
Гајда или мешница[1] — народен музички дувачки инструмент составен од мев (мешина), најчесто од коза, со три цевки за дување и за свирење.[2]

Состав на македонска гајдаУреди
Македонската гајда може да биде двогласна или тригласна што се определува во зависност од бројот на бордунските елементи. Во Македонија најзастапени се двогласните гајди, а во одредени делови на Македонија се среќаваат и тригласни гајди. Најмногу гајди со слагарче се среќавале во Овчеполието.[3] Гајдата се состои од:
- гајдарка, која се прави од дреново дрво. Гајдарката има седум дупки на лицето и една дупка за палецот на опачината; на крајот на цевката се прикачува славец.
- брчало, бучало или рог кое е составено од три дела кои се навлекуваат еден во друг со што овозможуваат негово скратување и продолжување со што се постигнува посакуваната висина; истото произведува континуиран тон (вториот глас). Првиот дел во којшто влегува писката се нарекува пискарник, вториот среднак а третиот брчало.
- слагарче, кое е составено од два дела кои исто така се навлекуваат еден во друг овозможувајќи постигнување на потребната висина. Овој дел го имаат само тригласните гајди.
- дувало поврзано со мевот. Преку дувалото повремено се надополнува мевот на гајдата.
- мев, направен од штавена овча или козја кожа.
Свирење на гајдаУреди
Пред свирење гајдата се штима. Ова се изведува со свирење на петтиот тон на гајдарката (додека погорните дупки се затворени) и со прилагодување на должината на брчалото, така што истото свири две октави пониско.
Гајдата се држи под рака (мевот се дополнува со воздух одвреме-навреме). Гајдарката се држи со двете раце, така што прстите од левата рака работат со долните 4 дупки, додека горните три и палечната дупка се работат со прстите од десната.
Брчалото се префрла преку рамо, преку десната рака или може да виси.
Гајдата може да свири 9 дијатонички и 2-3 хроматички тонови. Најкористените клучеви се B и A, но и подолните клучеви исто така можат да се употребуваат. Репертоарот за гајдата се состои од народни ора и песни, кои се изведуваат за време на празници. Гајдата се изведува соло и како дел од ансамбл во изведба на ора и инструментални импровизации.
Епска орска импровизација за гајда во изведба на мајстор Пеце Атанасовски