Оскар Давичо
Оскар Давичо (18 јануари 1909, Шабац, Кралство Србија — 30 септември 1989, Белград, СФР Југославија) — српски поет, романописец, есеист и сценарист.
Животопис
уредиОскар Давичо е роден на 18 јануари 1909 година, во Шабац. По завршувањето на Првата светска војна, од 1919 година живеел во Белград, каде во 1926 година ја завршил гимназијата по што заминал на студии во Париз. Две години подоцна се вратил во Белград и дипломирал француска книжевност на Филозофскиот факултет. Од 1930 до 1932 година работел како суплент во гимназиите во Шибеник, Белград и Бихаќ. Во 1932 година, поради својата комунистичка дејност бил уапсен и осуден на затворска казна во траење од пет години, која ја издржувал во затворите во Митровица и во Лепоглава. Во 1937 година бил пуштен на слобода, а потоа некое време живеел во Белград и во Загреб, но веќе следната година бил повторно уапсен. Во 1941 година бил уапсен во Сплит по што бил одведен во логор во Италија. Во 1943 година побегнал од логорот и најпрвин престојувал на ослободените далматински острови, а потоа се приклучил на Првата пролетерска дивизија. По завршувањето на Втората светска војна, работел како новинар во „Танјуг“, „Борба“ и „Глас“, а во 1947 година станал професионален писател.[1]
Творештво
уредиСвоите први книжевни творби, Давичо ги напишал за време на гимназиските денови, кога заедно со Ѓ. Јовановиќ и Ѓ. Костиќ го основал списанието „Окна“ од кое излегол само првиот број. Подоцна, по враќањето од Париз, во 1928 година, тројцата ги објавиле плакатите „Траги“ (во три броја) и „Четири страни“ (еден број). Во 1930 година ја објавил својата прва самостојна стихозбирка, „Анатомија“, а во 1932 година ја објавил книгата „Положбата на надреализмот во општествениот процес“ (заедно со Д. Матиќ и Ѓ. Костиќ). По излегувањето од затворот, во 1938 година, ја објавил збирката „Песни“ (издание на „Наша стварност“), а потоа, во „Печат“ го објавил циклусот песни „Хана“. Со овие дела, тој се истакнал како автентична појава и главен носител на модерните струења во српската поезија. По Втората светска војна, Давичо се вброил во најзначајните современи југословенски писатели. Поважни негови дела од тој период се: патописот „Меѓу Маркосовите партизани“ (1947), поемата „Зрењанин“ (1949), стихозбирките „Вишна со ѕид“ (1950), „Хана“ (1951), Населени очи“ (1955) и „Флора“ (1955), поемата „Човековиот човек“ (1953), есејот „Поезијата и отпорите“ (1952), романите „Песна“ (1952), „Бетон и свитоци“ (1956), „Работен наслов на бескрајот“ (1958) итн. Исто така, тој е автор и на сценаријата за филмовите „Мајката Катина“, „Момчето Мита“ и „Последниот ден“.[2]