Музеј-галерија - Кавадарци

музеј и галерија во Кавадарци, Македонија

Музеј-галерија - Кавадарцимузеј и галерија во градот Кавадарци. Музејот бил отворен со работа во 1976 година и денес претставува месна установа чијашто надлежност е да овозможи заштита, чување и претставување на културно-историското наследство на подрачјето на градот Кавадарци и неговата поширока околина.

Музеј-галерија - Кавадарци
Карта
Основан7 септември 1973 (со одлука)
6 септември 1976 (службено отворен)
МестоКавадарци, Македонија Македонија
ФондИсториска постановка
Археолошка постановка
Етнолошка постановка
Ликовна постановка
Мреж. местоwww.muzej-galerija.org.mk

Историја

уреди

Музејот-галерија од Кавадарци како установа од областа на културата е основана со одлука на Собранието на Општина Кавадарци на 7 септември 1973 година. На 6 септември 1976 година, со отворањето на ликовната изложба на словенечкиот сликар Марио Вилхар, официјално почнал со работа.[1]

Одделенија

уреди
 
Новиот музеј.

Во склоп на музејот делуваат археолошко, етнолошко, историско одделение, одделение за заштина на споменици на културата, оддел за историја на уметност и галерија каде годишно се случуваат десетина изложби, спомен соба на Васил Хаџиманов, спомен соба на Никола Бадев.[1]

Физички овие одделенија се поделени во првичниот Музеј-галерија (во кој се наоѓаат изложбениот простор, историската поставка и административниот дел), и новиот музеј.

Новиот музеј се наоѓа стотина метри западно од стариот објект, во кој се наоѓаат археолошката и етно поставка, музејот на вкусови и спомен собите на Васил Хаџиманов и Никола Бадев.[2]

Археолошко одделение

уреди
 
Изложени поставки во дворот на музејот.

Археолошкото одделение во Музеј-галерија Кавадарци било создадено во 1976 година заедно со создавањето на Музејот. Основна дејност на археолошкото одделение е истражување, прибирање, документација, презентација и публикација на археолошкиот материјал, кој континуирано е прибиран по пат на теренски истражувања (рекогносцирање и ископувања), подарок или откуп.

Во склоп на Музеј-галеријата има две постојани археолошки поставки и тоа: Лапидариумот во дворот на Музејот и постојана поставка од предмети за лов, обработка и користење на храна и пијалоци.

Во Археолошкиот дел во музејот се изложени предмети од нашето подалечно минато, кои служеле за лов, за обработка и консумирање на храна и тоа: камени секирки, стрели, паници, чаши, грниња, стомни, амфори, питоси и др. Изработени се од различен материјал (камен, керамика, дрво, метал и стакло). Овие артефактите потекнуваат од 10-тина различни археолошки наоѓалишта во општина Кавадарци како што се: „Белград“ - Кавадарци, „Чаковец“ - Ресава, „Градот“ - Тиквешко Езеро, „Градиште“ - Глишиќ и други.

Временското датирање можеме хронолошки да се следи од неолитот, преку бронзеното и железното време, архајскиот, античкиот, сè до доцноримскиот период.[1]

Етнолошко одделение

уреди

Етнолошкото одделение како оддел на Музеј-галеријата исто така дава голем придонес во зачувувањето на движното културно наследство во овој крај, а има организирано и неколку истражувачки проекти со цел да се афирмира етнолошкото богатство на тиквешкиот крај.

Преку истражувачката дејност, покрај прибирање податоци за материјалната и духовната култура од теренот за населбите и населението, големо значење се придава на прибирањето на секаков вид етнолошки материјал, што се употребувал во секојдневниот живот на луѓето од овие простори.

Како состевен дел од етнолошкото одделение е и постојанта етнолошка поставка која ја отсликува традиционалната селска куќа со предмети за производство и обработка на храна, предмети за секојдневни активности, занаетчиски алати но и народни носии. Тиквешките народни носии ги имаат каракеристиките кои спаѓаат во Мариовскиот етнички предел, поточно Горно Мариово како етнички подпредел.

Овие предмети биле значаен дел од инвентарот на покуќнината во секојдневното живеење на населението во Тиквешијата, а потекнуваат од почетокот на 18 век, па сè до првата половина на 20 век.[1]

Историско одделение

уреди

Една од основните задачи на историското одделение е прибирање, заштита и презентирање на предмети, документи, фотографии и материјали од областа на историјата на општина Кавадарци. Историското одделение организира и презентира постојани и повремени изложби на личности и настани од нашата подалечна и поблиска историја.

Една од значајните активности на историското одделение е богатата издавачка дејност на книги, монографии и публикации за личности и настани од историското минато на народот од овој крај.

Во склоп на историското одделение функционираат пет спомен соби меѓу кои: Спомен соба народниот херој „Страшо Пинџур“ во Ваташа, Спомен соба на Првата македонска дивизија во Шешково, Спомен соба на тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов“ во селото Бојанчиште, Спомен соба на „Васил Хаџи Манов“ и како најново отворена е Спомен собата на „Никола Бадев“.[1]

Одделение за заштина на споменици на културата

уреди

Во Кавадаречко, има средновековни споменици од кои позначајни се: Полошкиот манастирцрква Св. Ѓорѓи од 14 век, Црквата во село Дреново од 15 век, црквата Св. Спас во село Праведник од 1625 година, пештерните цркви Св. Лазар во село Бегниште и Св. Никола во село Драдња позната како Маркова пештерна црква кои датираат од 14 век и многу други.

Со создавањето на Музеј-галеријата во функција е и одделението за заштита на споменици од културата (движно и недвижно) кое се грижи за заштита, чувањe, презентација и проучување на ова наше национално богатство и е во директна комуникација со Националниот конзерваторски центар (НКЦ) – Скопје, бидејќи Музејот не располага со лабораторија и простор за соодветни конзерваторски-реставраторски работи.[1]

Спомен соба на Васил Хаџиманов

уреди

Васил Хаџиманов (14.01.1906-16.12.1969) е роден во Кавадарци, и е еден од најголемите македонски етномузиколози, мелографи и промотори на македонската народна музика и фолклор. Потекнува од угледно кавадаречко семејство. Завршил нижа гимназија во Кавадарци, а гимназија во Велес и Скопје. Во 1935 година станал магистер по фармација, а во 1956 година дипломирал на Музичката академија во Скопје.

Со нотно запишување на народни песни започнал во 1927 година. За време на својот живот собрал околу 8000 македонски народни песни, 800 албански, 500 тажалки и сите нив успеал да ги сочува од времето на заборавот.

Во спомен собата на Васил Хаџиманов се наоѓаат неговите лични предмети, но и инструменти: пијано, лејта (жичен музички инструмент), двоглав кавал (дувачки инструмент), дајре, тамбура, зурла, магнетофон (теренски со кој ги запишувал песните). Васил Хаџиманов умрел на 63 годишна возраст во Скопје.

Спомен собата на Васил Хаџиманов била отворена е на 13 септември во 2013 година.[1]

Спомен соба на Никола Бадев

уреди

Никола Бадев (1918-25.09.1976) е роден во село Глишиќ и уште како млад скришум свирел на виолина. Неговиот вујко Васил Неделков е заслужен за неговото почетно музичко образование, кој свирел неколку инструменти и бил самоук. Во 1948 година веднаш по аудицијата за млади таленти, Бадев дебитирал на програмата на Радио Скопје со што започнала неговата кариера. Неговото вклучување во ансамблот на Радио Скопје му помагнало да го дооформи неговиот исклучителен глас, а во има помош и од музикологите Васил Хаџиманов и Живко Фирфов.

“Тешка беше нашата разделба” биле неговиот прв сингл, издаден за Југотон. Во текот на својата долгогодишна кариера има снимено повеќе од 200 песни и 100 грамофонски плочи. Починал во Скопје на 58 годишна возраст.[1]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 „За нас“. muzej-galerija.org.mk. Архивирано од изворникот на 2021-04-12. Посетено на 6 ноември 2020.
  2. „Контакт“. muzej-galerija.org.mk. Архивирано од изворникот на 2021-04-12. Посетено на 17 декември 2020.

Надворешни врски

уреди