Зурла (македонска)
Зурла е македонски народен дувачки инструмент направен од оревово или сливово дрво. Зурлите, исто така, се користат во народната музика од земјите во регионот, особено Ерменија, Бугарија, Хрватска, Турција, Азербејџан, Ирак, Курдистан, Грција, Асирија, Иран, Израел, Авганистан, Албанија, Босна и другите кавкаски земји.
Најчесто се изработува од кајсија (Prunus Armeniaca). Името зурла дошло преку турскиот збор „zurna, surla", кој потекнува од персискиот збор сурна(ј) سرنای surnāy (сур = прослава + нај = кавал). Се состои од два дела: конусна цевка и славец кој се вметнува во горниот крај.
Зурлата има седум дупки и една палечна дупка од задната страна, како и издувни дупки при долниот дел, и трска со диск на горниот.
При свирење, зурлата се држи со двете раце под агол од ~45° во однос на видното поле. Прстите од левата рака работат со долните четири дупки, додека прстите од десната работат со горните дупки и палечната дупка. Сплесканата трска се става цела во устата, а усните се допираат со металниот диск (медник) кој им помага на образните мускули. За свирење на овој инструмент потребна е техника на кружно дишење.
Зурлата свири две октави од (отприлика) природната скала. Хроматичните тонови (D#, F#, A# и B#) исто така може да се свират со промена на притисокот и комбинација од покривање на дупките за тонови.
Овој инструмент има карактеристичен, многу гласен и продорен звук и речиси секогаш е придружувана од тапани. Стандардна комбинација се две зурли и два тапана.
Се смета дека зурлата е донесена во Македонија од Блискиот Исток, од Ромите или Турците.
Репертоарот на зурлата се состои од ора, кои се изведуваат на свадби, празници или испраќања.