Мице Лазаров Козароски – Јандре познат и како Мице Козар (Варош, Прилепско, 24 септември 1910 - Нежилово, Велешко, 19 декември 1942) — македонски комунист, учесник во НОБ, еден од повлијателните припадници на работничкото движење во Македонија помеѓу двете светски војни.[1]

Мице Козароски - Јандре
Роден 24 септември 1910
Варош, Прилепско, Отоманско Царство денеc Македонија
Починал 19 декември 1942(1942-12-19) (возр. 32)
Нежилово, Велешко
Занимање партизан и комунист
Споменик на Јандре на прилепскиот плоштад
Споменик на Мице Козар во Богомила

Животопис

уреди

Козароски е роден во прилепското село Варош на 24 септември 1910 година. Израснал во добро ситуирано семејство. Семејството Козар поседувало голема обработлива површина под лозје и тутун, вклучително и ан во старата чаршија. Жедта за наука му ја ускратува неговиот татко по завршен втори клас гимназија, па следи негово ангажирање како помошник на татко му.

Самоиницијативно набавува прогресивна литература и станува еден од предводниците на комунистичкото движење во Прилеп и Македонија. Во 1934 година станал член на КПЈ и член на прилепскиот Местен комитет.[2] Со време, анот станува собирно место на прогресивната младина. Работници, тутунари, занаетчии и интелектуалци од Прилеп, Крушево, Велес пристигнуваат кај Козароски со цел насочување, координирање и осмислување на насоките на дејствување за свое добро, за слобода, за борба против странските пропаганди и фашизмот во Европа. Се пријавува како доброволец во Републиканската војска во Шпанската граѓанска војна против Франко, но не успеал да замине во Шпанија.

Неговата прогресивна политичка активност не останува незабележана. Кај народот стекнува голема почит и симпатии, додека кај властите омраза и нетрпение. Како последица на т.н. „Голема провала“, акција на полициските сили за сузбивање на комунистичкото движење, неколку членови на Месниот комитет се уапсени и испратени по затворите на Кралството Југославија. Мице Козар е уапсен на 13 април 1937 година. По една година затвор во Велес, Козар се враќа во родниот град и продолжува со активностите. Се ангажира во Народниот универзитет во Прилеп, КУД Коста Абрашевиќ (како секретар на управата) и во Здружението на тутунопроизводителите каде е член на управата. Тој е еден од основачите на ова здружение, кое постои и денес и го носи неговото име.

Во декември 1940 година заедно со повеќе прилепчани е мобилизиран под изговор за воена вежба и е одведен во концентрациониот логор за изолација во Меѓуречје кај Ивањица. Во логорот Мице активно се дружел со Кочо Рацин и покрај бојкотот кој му бил наметнат од Партијата. Во логорот Меѓуречје Мице останува до неговото распуштање на 27 март 1941 година.

Со окупацијата на Македонија во 1941 година започнува раздвижување на масите под закрила на КПМ. Мице Козар зема активно учество, станува борец на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ и е дел од 16-те партизани кои на 11 октомври го започнуваат востанието на македонскиот народ. Учествува во групата која го напаѓа затворот во Прилеп. По инструкции на Партијата, Мице ги напушта Прилеп и фамилијата, преминува во илегала и делува во околината на Велес, во пределот Азот. По распуштањето на одредот, Козар преминува во илегала во Велес, каде останува до 18 јануари 1942 година. Следува период на бурна политичка активност и регрутирање на нови борци во новоформираниот одред „Димитар Влахов“ каде што Мице е командир на третата чета. Извршени се многубројни напади на непријателски сили и инфраструктура, а фронт претставуваат селата под Солунска Глава, долж пругата Велес-Битола: Богомила, Нежилово, Ораов Дол, Теово итн.

За одмазда, бугарските окупатори стегаат обрач наоколу, го тероризираат населението и концентрираат голем број војници и контрачетници. Зимата 1942 година донесува огорчени борби и многу жртви. Во декември третата чета од одредот „Димитар Влахов“ е разбиена од надмоќниот непријател. Повеќето борци се ранети и заробени, а помеѓу загинатите е и Невена Георгиева - Дуња. Еден од загинатите е и Мице Козар. Негово вечно почивалиште се карпите под Солунска Глава, каде што загинал на 6 декември истата година.

Неговото тело не било пронајдено до пролетта 1945 кога двајца ловџии од Горно Јаболчиште на надморска височина од 2.500 метри го пронашле делумно зачуваното тело на Мице Козар. Телото било препознаено по облеката, цокулите, часовникот, русата коса и мустаќи.[3] Во 2000 година на локацијата каде што било пронајдено телото на Козар, во месноста Долна бабина дупка, била поставена спомен-плоча, која била обновена во 2017 година.[4]

Наводи

уреди
  1. Стоилко Иваноски-Планински, „Мице Козар: живот и дело 1910–1942“, Скопје, 1996.
  2. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 707-708 стр.
  3. „oldprilep“. Архивирано од изворникот на 2014-05-30. Посетено на 2017-03-26.
  4. „Поставена е нова спомен плоча за партизанот Мицко Козар на Долна Бабина Рупа“, „Ти реков, ми рече“, 12 октомври 2017.

Надворешни врски

уреди