Македонска архитектура во XX век

статија за архитектура

Урбаната структура на Македонија која била оформена во текот на 19 век, останува речиси непроменета и во почетокот на 20 век, сè до Првата светска војна. По Првата светска војна, уништени биле голем број стари вредни објекти и градски квартови. Пример за такво уништување е градот Полин (Стар Дојран) покрај Дојранското Езеро. Од друга страна, убавите староградски објекти кои биле градени дотогаш, градени од недолготраен градежен материјал, не ја добиле потребната грижа за нивно техничко одржување.

Модерната наспроти еклектицизмот во Македонија уреди

Во периодот меѓу двете светски војни, во Македонија сè уште се градело на традиционален начин, но сепак, кон крајот на 20-тите години се појавиле одделни примери на модерната архитектура блиски до западноевропската. Приоритет во изградбата имале објектите кои во овој период ја симболизираат моќта на државната власт. Новиот архитектонски израз бил создаден пред сè под влијание на еклектицизмот, што го пренеле архитектите школувани во странство или дојдени однадвор. Во тој период се подигнати неколку капитални објекти во Скопје, а подоцна и во другите градови низ Македонија.

Архитектура во село Љубојно


Архитектонски реализации уреди

 
Македонски народен театар на разгледница од Скопје

Народниот театар во Скопје (1921-27, урнат 1963) е изграден од архитектот Јосиф Букавац. По заминувањето на архитектот Букавац, неговата работа ја наследуваат Е. Бронштајн, С. Бељаевски, Д. М. Леко и П. Гачиќ. Како резултат на дополнителни интервенции од нивна страна, првобитниот проект претрпува значајни промени, особено во надворешниот изглед.

Ристиќевата палата во Скопје (1925-26) е изградена од архитектот Драгутин Маслаќ, и го оформува најзначајниот агол меѓу две улици (ул. Македонија и ул. Максим Горки) на градскиот плоштад во Скопје. Овој објект припаѓа на правецот академизам.

Дом на занаетчии (1930) е објект изграден и проектиран од страна на рускиот архитект Владимир Антонов. Кај овој објект се испреплетуваат задоцнетите влијанија на академизмот со елементите на српско-византискиот стил. Кај ова симетрично решение со богато расчленети архитектонски елементи, речиси целосно изостанува декорацијата. Симетријата, како основен закон на композицијата, понатаму архитектот Антонов ја применува и кај Општинската зграда (1931) во Куманово. Рускиот архитект Василиј Баумгартен во т.н. српски неовизантиски стил го подига Офицерскиот дом во Скопје (1929, урнат 1963).

Една деценија подоцна, белградскиот архитект Велимир Гавриловиќ ја подига Железничката станица во Скопје (1938, подоцна Музеј на Град Скопје) во задоцнет поедноставен српски неовизантиски стил. Белградскиот архитект Богдан Несторовиќ спроти Офицерскиот дом во Скопје го подига објектот на Народната банка (1929, урнат 1963). Двата објекти прават монументална архитектонска силуета во центарот на градот покрај реката Вардар. Веднаш до Народната банка, е изграден објектот на Стопанската комора (1933) од страна на архитектот Милан Злоковиќ.

Загрепскиот архитект Драго Иблер е заслужен за градењето на објектот на Окружниот уред за социјално осигурување (1928-34, подоцна Градска болница) во центарот на градот Скопје. Композициски, тој е составен од разгранета основа и нагласени хоризонтали со полно и празно, и чиста рамна фасада со црвеникава нијанса. Во текот на 30-тите години, со порастот на градовите, значајно се зголемила и станбената изградба, со тенденции за рационални решенија. Студентскиот дом (1930-34, урнат во 1963), Детскиот дом во Скопје (1932-34), Основното училиште „Ѓура Јакшиќ“ (1931-32) и училиштето Цар Душан (1931-33, подоцна Гоце Делчев) изградени од белградскиот архитект Бранислав Коиќ, биле градени исто така во српски неовизантиски стил со примеси од експресионизмот. Глигорие Томиќ, македонски архитект кој како автор стои зад голем број станбени објекти, исто така се појавува и како автор на станбено - деловниот објект Ибни Пајко во Скопје (1935-38). Со рамната конкавна фасада, и тремот на столбови, тој прикажува прочистен модерен израз.

Архитектурата во Македонија во периодот од 1945-1964 уреди

Архитектонските идеи на увезениот социјалистички реализам од СССР биле прифатени и во Југославија. Инвеститор повеќе не бил поединецот кој знаел каква архитектура сака, туку анонимниот колектив кој главно барал "покрив над глава", а притоа речиси и да не размислувал за архитектонските идеи. За кратко време биле изградени голем број станбени, индустриски и административни објекти без особен архитектонски израз. Кај објектите кои би требало да прикажат моќ и статус, присутна била монументалната нота на социјалистичкиот реализам.

Архитектонски реализации уреди

Првиот туристичко - угостителски ансамбл е изграден во Отешево (1948-50) на брегот на Преспанското Езеро, од хрватскиот архитект Антон Улрих. Хотелот Палас во Охрид (1955) од словенечкиот архитект Едо Михевц припаѓа на експресионистичкиот стил. Македонскиот архитект Славко Брезоски ги преточил традиционалните тремови, еркери и чардаци во модерен израз. Тоа е јасно видливо во станбено-деловниот блок во Велес (1953) и седиштето на Комунална банка во Скопје (1954). На сличен начин како претходните два објекти, е изведена и Стоковната куќа во центарот на Скопје (1954).

Кон крајот на 50-тите години од 20 век во Македонија навлегле задоцнети влијанија од архитектурата на Ле Корбизје и Лудвиг Мис ван дер Рое, кои послужиле како инспирација за станбено-деловниот објект (1960) на архитектот Драган Томовски, и за административниот солитер Електро - Македонија (1962) на архитектот Бранко Петричиќ, со карактеристична "мисовска" стаклена ѕид - завеса. Меѓу позначајните објекти се вбројуваат и студентскиот дом Кузман Јосифовски - Питу во Скопје (1958 - 1960) на архитектот Јован Ранковиќ, потоа Електро-машинскиот и Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје (1965), во кои исто така е присутно задоцнето влијание на меѓународниот стил.

Архитектурата во Македонија во периодот од 1965-1990 уреди

Развојот на модерната архитектура во Македонија од средината на 60-тите години е директно зависен од општествено - политичката состојба во Федерацијата, но и од економските услови кои владеат во Републиката. Под директива на партиските структури, Сојузната влада започнала со спроведувањето на првата значајна економска реформа во земјата. Во рамките на реформата се забранува инвестирање во изградба на објекти од нестопански дејности, што значително го стеснува просторот на архитектонските активности. Забраната не се однесувала единствено на инвестирањето во станбената изградба и во обновата на пост - земјотресно Скопје. Поради тие причини, Скопје за сите југословенски архитекти станало драгоцен полигон за испитување на новите архитектонски идеи.

Со економското зајакнување на земјата, во средината на 70-тите години започнала позасилена архитектонска активност, со што се развиваат голем број разновидни квалитетни објекти и во Македонија. Третиот период во развојот на модерната архитектура во Македонија, всушност започнува по земјотресот во 1963 година, во кој биле уништени преку 85% од станбениот фонд и преку 80% од културно - историските објекти во Скопје. По земјотресот, централното градско подрачје на Скопје, својот облик го добил по распишаниот меѓународен урбанизтички конкурс за неговото решение. На тој конкурс учество земале четири југословенски и четири странски екипи. Победник на овој конкурс бил познатиот афирмиран јапонски архитект Кензо Танге, чиј конкурсен труд бил разработен и доведен до фаза на реализација од страна на група македонски архитекти.

Архитектонски реализации уреди

Славко Брезоски е архитектот кој неуморно творел и во овој период. Во 1966 тој го проектира Соборниот храм Св. Климент Охридски, осветен во 1990 година. Заради долгогодишната изградба на храмот, направени биле голем број отстапувања од првбитниот проект така што до израз дошла некомпатибилноста на модерниот архитектонски концепт со традиционална црковна иконографија. Георги Константиновски исто така се вклучува во обновата на Скопје. Тој е автор на неколку објекти во бруталистички стил, меѓу кои: Архивот на Град Скопје (1968) во вид на скулптура во урбаниот простор, изведена од избразден натурбетон, потоа Студентскиот дом Гоце Делчев (1971 - 1975) со сличен концепт во градењето и обликувањето, како и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје (1980). Петар Муличкоски покрај р. Вардар ја подигнал зградата на Општествено - политичките организации (1970, денес Влада на Р Македонија), како и Народната и универзитетска библиотека Климент Охридски (1971), исто така во бруталистички стил. Јанко Константинов е автор на неколку подеднакво значајни објекти од овој период, во кои до крајни граници ги експлоатира пластичните својства на натурбетонот при што неговите градби ги доведува близу до скулптурата. Негови позначајни објекти се Педагошката гимназија Никола Карев во Скопје (1969), Медицинското училиште (1973) и Телекомуникацискиот центар (1974, денешна Пошта на Македонија). Во овој период со свои архитектонски реализации за пост-земјотресно Скопје придонеле и архитектите Радомир Лаловиќ и Олга Папеш (Комплекс на банки во Скопје, 1975), Љубинка Маленкова и Вера Ќосевска (Театар на народностите во Скопје, 1974), Живко Поповски, Т. Арсовски, Л. Маркова и Ж. Гелевски (Градски трговски центар во Скопје, 1973).

Во средината на 70-тите години во Скопје се завршуваат значајни општествени објекти:

 
Македонска Академија на Науките и Уметностите
  • Стоковната куќа Мост (1977) од архитектот Тихомир Арсовски, која е поставена на мостовска платформа,
  • Културниот центар во Скопје (1979, денес МОБ) изграден од словенечкото Биро 77, кој со својот скулптурален облик потсетува на бела санта мраз која како за момент да е застаната на брегот на р. Вардар,
  • Зградата на НИП Нова Македонија (1981) од архитектот Благоја Колев,
  • Домот на МРТВ во Скопје (1983) од архитектот Кирил Ацевски, сложена просторна целина со вертикален кубус за редакциите (П+25), поврзан со павилјоните на радиото и телевизијата.

Архитектурата во последната деценија на 20 век уреди

Општествено-политичката транзиција во 90-тите години создала сосема неповолни услови во градителството. Со промените на сопственоста на земјиштето, целосно се сменило претходното социјалистичко самоуправно планирање на просторот. Во таквиот период на приватизација се распаднале дотогашните големи проектантски и градежни претпријатија, а секој ден сè повеќе се регистрирале помали инженерски претпријатија. Старите градски четврти со ограничени инфраструктурни можности, биле пренатрупани со нови објекти. Пример за такво пренатрупување е скопската населба Дебар Маало, во која до денес владее урбан хаос.

Во овој период, за афирмација на македонската архитектура се залагал Сојузот на архитектите на Македонија, а доказ за тоа е реактивирањето на архитектонската публицистика тогаш, како и подобрувањето на организацијата на БИМАС. Во 1989 година Сојузот на архитектите на Македонија ја воспоставил наградата за животно дело Андреја Дамјанов, наречена Повелба за ред и развиток на македонската архитектура. Присутни биле големи напори за реафирмација на архитектонската теорија и практика во македонската архитектура, па така се организираат разни ретроспективни изложби (Славко Брезоски, Трајко Димитров, Јанко Константинов, Петар Муличковски), монографии, се издавало списанието за архитектура и урбанизам ,,Аршин", како и формирање на Комора на архитектите на Македонија, како би се регулирале односите во архитектонската струка. Во последната деценија на 20 век се создадени бројни објекти од областа на едносемејната станбена архитектура, но биле и довршувани некои објекти со поголема програмска содржина кои биле започнати со изградба во 80-тите години.

Користена литература уреди

  • Екстракти од ,,Архитектурата на почвата на Македонија". Книга 14. МАНУ. Скопје.
  • 100 Години модерна архитектура. Книга 3. Михаил Токарев. Скопје. ISBN 9989-2333-3-0.

Надворешни врски уреди