Мимоза Томиќ

македонска архитектка

Мимоза Томиќ (моминско: Несторова; 21 јуни 1929 во Струга22 мај 2024 во Скопје) — македонска архитектка, планерка и урбанистка, која имала значајна улога во изработката на мастерпланот и реконструкцијата на Скопје по земјотресот во 1963 година, како соработник во тимот на полски планери и консултанти Полсервис, покрај Кензо Танге, победникот на меѓународниот конкурс за реконструкција на Скопје на ОН. Во периодот помеѓу 1986 и 1989 година, Томиќ беше главен архитект на градот Скопје.

Мимоза Томиќ
Родена Мимоза Несторова
21 јуни 1929
Струга, Кралство Југославија
Починала 22 мај 2024(2024-05-22) (возр. 94)
Скопје, Македонија
Националност Македонка
Позната проектант на Музеј на Македонија
Занимање архитектка, урбанистка
Сопружник Љубомир Томиќ

Ран живот и образование

уреди

Мимоза Несторова е родена во Струга, каде го завршила и основното образование. Средното образование го завршила во гимназијата во Охрид, по што се запишала на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград. Првите три години од нејзините студии по архитектура ги финансирало нејзиното семејство, по што се здобила со државна стипендија. Студиите ги завршила со дипломскиот труд „Урбанистичко решение за туристичкиот опфат Трсија во Охрид“, под менторство на професор Бранко Максимовиќ, во 1953 година. Во 1954 година, ќе биди избрана како асистент на Институтот за народна архитектура на Техничкиот факултет во Скопје, на предметот Проектирање на станбени згради.

Работа како архитект

уреди

Во периодот од 1954 до 1962 година, по краток период работејќи во бирото на архитектот Драго Галиќ во Загреб, Несторова-Томиќ учела и работела во бироа низ целиот свет, започнувајќи со пракса во Франција во 1957 година, и пракса во Велика Британија во 1960 година финансирана од British Council. Во 1964 година, заедно со нејзиниот сопруг, Љубомир Томиќ - исто така архитект, заминала во САД, каде работеле во Њујорк, Беркли и Чикаго.

По враќањето од САД, брачниот пар Томиќ работеле како архитекти во Скопје, и нивен најзначен проект во пред-земјотресниот период ќе биде станбен блок со приземје и три ката, на улица „Алберт Ајнштајн“ број 1, во населбата Дебар Маало.

Во 1964 година, Несторова-Томиќ ќе се приклучи кон Институтот за урбанизам и архитектура на градот Скопје, каде во тим со архитектонски конзерватори и инженери, ќе работи на проект за реконструкција и ревитализација на Старата скопска чаршија, како клучен дел од реконструкцијата на градот Скопје по земјотресот во 1963, а потоа ќе работи и на реставраторско-конзерваторскиот проект на Сули-ан.

Во 1969 година, Несторова-Томиќ ќе предводи архитектонски тим кој ќе го изработи проектот за трговскиот центар „Скопјанка“ во Скопје, подоцна познат како „Беко“ и „ТЦЦ Плаза“, кој ќе биде изведен во центарот на градот наредната година, а срушен во 2018 година.

Како врвно дело на архитектонската кариера на Несторова-Томиќ се смета нејзиниот проект за Музеј на Македонија, кој ќе го изработи во соработка со архитектот Кирил Муратовски во 1972 година.

Во 1974 година ќе го изработи проектот за угостителскиот објект „Менада“ во Старата скопска чаршија. Во 1983 ќе предводи тим од архитекти кој ќе изработи архитектонски проект за „Градската порта“ во Скопје, според урбанистичкиот план за Скопје на Кензо Танге, а истата година ќе биде избран и нејзиниот проект, на конкурсот за Пензионерскиот дом во Струга.[1] [2] [3]

Награди

уреди

Во 1977 година ќе и биде доделена наградата „13 ноември“ од страна на градот Скопје за проектот на „Музеј на Македонија“.

Во 2011 година ќе биде добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Наводи

уреди
  1. Konstantinovski, Georgi (2003). Градителите во Македонија (City Builders in Macedonia) (1, Volume 1. изд.). Skopje: Tabernakul. стр. 206–207. ISBN 9989-937-74-5.
  2. Tokarev, Mihail (2006). 100 Years of Modern Architecture, Volume 3: Contributions of Macedonia and Yugoslavia (1918-1990) (Volume 3. изд.). Skopje, Republic of Macedonia. ISBN 9989-2333-3-0.
  3. Vladimir Kulic, Maroje Mrduljaš and Wolfgang Thaler (2012). Modernism in-Between: The Mediatory Architectures of Socialist Yugoslavia. Jovis Verlag.