Историски архив (Скопје)

архив во Скопје

Архивот во Скопје е одделение на Државниот архив на Република Македонија, кое работи на адреса ул. „Московска“ бр. 1 во Скопје. Непосредно по формирањето на архивското средиште во 1951 година, Народниот одбор на град Скопје во 1952 година донесува решение за основање на Државнa Архива со надлежност на територијата на Народниот одбор на град Скопје и Скопска околија со што започнува организираната заштита на архивскиот материјал. Називот Околиски историски архив - Скопје, којшто го носи установата од крајот на 1953 гоцина, се менува во Историски архив - Скопје. Од 1974 година функционира како Архив на Скопје - Скопје, а од 1990 година се трансформира во подрачно одделение, како организациска единица на единствената управна организација Архив на Македонија. Од 2000 година подрачното одделение - Скопје продолжува да работи како Државен архив на Република Македонија - Одделение Скопје, без промена во територијалната надлежност.[1] Територијалната надлежност на Одделението Скопје ги опфаќа Скопје и неговата околина: Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Чаир, Шуто Оризари, Арачиново, Студеничани, Зелениково, Петровец, Илинден, Сопиште, Сарај и Чучер-Сандево.

Зградата во која е сместен архивот во Скопје, кој е одделение на Државниот архив на Република Македонија.

Архитектура

уреди

Главниот влез во објектот е сместен на ул. „Московска“. Влегувањето е насочено преку благи скали во простран трем. На тремот директно е наслонет влезниот хол чиешто средиште е осветлено преку лантерна поставена над галеријатата од првиот кат. На левата страна од холот се надоврзани административните содржини, а на десната страна се сместени просториите за посета на регистратури, на иследувачите, како и салата за состаноци. На катот се предвидени одделенијата за средување и обработка на архивската граѓа, за изработка на научно-информативни средства и просториите за груба класификација и систематизација. Помеѓу овие простории и депото воспоставена е мостовска врска за директно комуницирање. За депото проектирани се издвоени вертикални комуникации коишто му овозможуваат посебна контрола и безбедност, како базични предуслови за овој тип објекти.

Архитектонската композиција на објектот е предвидена од низок и висок габарит. Нискиот габарит е проектиран од два крстосани паралелопипеди поставени еден над друг, а високиот од четиристрана призма со висина од осум катови. Посебен акцент е ставен на бетонските ѕидови и снажните столбови коишто со својата ребресто-трепетлива структура во ентериерот и екстериерот треба да предизвикаат чувство на сигурност и стабилност кај вработениот персонал во објектот.[2]

Работата на одделението

уреди

Работи со 220 иматели на архивски материјал. Одделението Скопје во својот состав има микрофилмска лабораторија со апаратура за снимање на триесетипет милиметарски филм и микрофиши. Покрај основната функција има развиена издавачка дејност ориентирана на историјата на Скопје и Скопско, со значајни монографски изданија за познати револуционери подредени во едициите: „Светли ликови од револуционерното минато на Скопје“, „Мемоари“, „Монографии“. „Специјални изданија посветени на извештаи од научни конференции“.

Поважни фондови

уреди

Одделението располага со 675 фондови и 10 збирки. Меѓу позначајните фондови се:

  • „Градско поглаварство на Општината на град Скопје“ (1918-1941 година);
  • „Народноослободителни и народни одбори на град Скопје“ (1944-1953);
  • фондовите за просветните, културните и научните институции, за периодот 1919-1980 година;
  • фондовите за трговските производствени претпријатија, за периодот од 1919-1990 година;
  • фондовите на Православната црква (1919-1946), кои се однесуваат на парохиите, црквите и манастирите и фондовите на Исламската верска заедница - вакавски управи, поверенства и имамати.

Многу значајна е Збирката од над 30.000 фотографии за Скопје и неговата околина, создадена во периодот 1928-1983 година. Со посебно внимание се комплетирани фотографиите по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година и изградбата. Како признание за постигнати резултати во областа на културата и за успешна соработка во областа на архивското работење, Одделението Скопје е добитник на повеќе награди.

Наводи

уреди
  1. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2015-10-03. Посетено на 2016-01-21.
  2. 1930-, Konstantinovski, Georgi; 1930-, Константиновски, Георги. Patot na eden arhitekt : 1958-2013. Skopje. ISBN 9789989328091. OCLC 1003585479.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)