„Леб и страв“ (српски: Хлеб и страх) — роман на српскиот писател Милисав Савиќ, првобитно објавен во 1991 година. Романот бил награден со НИН-овата награда, но една недела подоцна Савиќ ја вратил наградата, откако во списанието „НИН“ се појавил текст во кој биле нападнати авторот и неговото дело. Притоа, Савиќ ја вратил наградата „во името на одбраната на достоинството на писателската професија, како обид да се запре навалата од плукање во јавниот дијалог.“[1]

Содржина

уреди

Главен лик во романот е Миќа, одличен ученик од сиромашно, селско семејство во близината на Рашка, кој во детството бил опседнат од големината и моќта на Јосип Броз Тито. Под дејство на американските филмови, во март 1958 година, заедно со неколку другари, тој заминал на пат за САД, но нивното патување траело многу кратко, по што децата биле казнети. Петнаесет години подоцна, тој станал писател, а неговиот другар Пижама (еден од најлошите ученици) веќе станал партиски функционер. Во една прилика, тие двајца се сретнале во Њујорк.[2]

Во детството, Миќа не бил прифатен од другарите, поради тоа што бил мирен и посветен на учењето. Времето го поминувал чувајќи ги говедата во селото, но притоа многу читал и така се зближил со градскиот библиотекар. Неговиот стрико бил стрелан од комунистичката власт, како народен непријател, а вујко му бил двапати затворен поради исмејување на Тито. Кога станал писател, многу патувал низ светот и имал два пропаднати брака.[3]

Миќа се запишал во гимназијата во градот П., каде започнал да ги објавува своите први песни. Кога го напуштила неговата прва љубов, тој се преселил во градот К., а таму се запознал со кафеанскиот живот кој многу се разликувал од светот на книгите кој го познавал Миќа. Таму, за првпат имал сексуален однос со една кафеанска пејачка, која му понудила да избегаат некаде заедно, но Миќа немал храброст да го направи тоа и повторно се вратил во градот П. Во 1968 година, работејќи како писател во Белград, тој бил сведок на студентските демонстрации. Поради еден текст во кој ја критикувал власта паднал во немилост и неговиот школски другар Пижама (кој во меѓувреме направил успешна политичка кариера) го убедувал да даде оставка од работата. Во младоста, еднаш избегал од дома, но набргу бил вратен со полициска придружба, а оттогаш, во текот на целиот живот посакувал да стане одметник од секојдневниот живот, но никогаш немал доволно храброст да го направи тоа.[4]

Додека бил гимназијалец, Миќа почнал на еден молер да му составува љубовни писма кои тој ѝ ги праќал на својата љубовница. Десет години подоцна, нејзиниот сопруг го обвинил Миќа како непријател на власта, поради што имал непријатности. Потоа, Миќа се преселил во Белград, каде бил сведок на политичкиот прогон на писателите кои го критикувале режимот. Во детството, Миќа бил уценуван од едно дете и бил принуден секојдневно да му носи јаболка. Во тоа време, вообичаена практика било учениците да се критикуваат себеси или своите родители. Многу подоцна, Миќа конечно го видел Тито, додека тој парадирал по улиците на Белград. Во 1980-тите, тој бил редовен гостин на повеќе странски универзитети, како предавач по српски јазик, а за време на неговиот престој во Лондон дознал за смртта на татко му. Во 1982 година, Миќа се оженил по вторпат при што двапати ја напуштал сопругата и повторно се враќал. По четири години поминати во брак, го напуштила сопругата, која умрела осамена во 1989 година.[5]

Осврт кон романот

уреди

Повеќе српски писатели и критичари се искажале поволно за романот. Така, Јован Делиќ рекол дека романот „влегува во драгоцената низа куси романи во српската книжевност“; според Жарко Требјешанин, романот „е исткаен од животните фрагменти, сочни, миризливи, набиени со емоции и со страсти“; а Марко Недиќ забележал дека романот претставува „прозно дело кое е истовремено комуникативно и многузначно, едноставно и автентично, и над сè, прозно дело кое непосредно зборува за човечката судбина во времето и за самото време“.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Milisav Savić, Hleb i strah. Beograd: Laguna, 2019.
  2. Milisav Savić, Hleb i strah. Beograd: Laguna, 2019, стр. 7-20.
  3. Milisav Savić, Hleb i strah. Beograd: Laguna, 2019, стр. 21-66.
  4. Milisav Savić, Hleb i strah. Beograd: Laguna, 2019, стр. 67-127.
  5. Milisav Savić, Hleb i strah. Beograd: Laguna, 2019, стр. 128-179.