Трепкачката ципа (наречена и „никтитативна мембрана“, од лат. nicto, nictare = „трепнува“) е проѕирен или прозрачен трет очен капак присутен кај некои животни. Овој очен капак се превлекува преку окото за заштита и за влажнење на окото, истовремено не попречувајќи го видот. Разни влекачи, птици, па дури и ајкули имаат целосна трепкачка ципа, додека кај многу цицачи постои само мала, рудиментирана ципа во аголот на окото. Некои цицачи, како белата мечка и некои фоки, исто така имаат целосна трепкачка ципа.[1]

Трепкачка ципа кај кокошка.
Се смета дека plica semilunaris е еволутивен остаток од трепкачка ципа кај луѓето.

Кај луѓето, plica semilunaris (видете слика) и поврзаните мускули се смета дека се еволутивен остаток од трепкачка ципа.[2] Чарлс Дарвин забележал дека кај африканските и австралијанските домородци plica semilunaris е нешто поголема од онаа кај другите народи.[2] Само за еден вид на приматите - Arctocebus calabarensis - е познато дека има целосна и функционална трепкачка ципа.[3]

За разлика од очните капаци кај луѓето, трепкачката ципа се движи хоризонтално преку окото. Обично таа е прозрачна. Кај некои животни - нуркачи, на пример дабарот и др., таа го покрива окото за да го заштити додека животното е под вода, и кај овие видови е целосно проѕирна. Кај други животни - нуркачи како на пример морските лавови, таа го прекрива окото на суво, за да го заштити од песок и други честички. Кај птиците, често служи да ги заштити очите на родителите додека ги хранат младите. Кај белата мечка трепкачката ципа ги штити очите од снежно слепило, а кај ајкулите на пример, го штити окото кога тие го напаѓаат пленот. Клукајдрвците ја затвораат ципата неколку милисекунди пред со клунот да удрат во дрвото, за да ги заштитат очите од испаѓање од очните дупки.[4]

Црешово око - состојба на отпуштена трепкачка ципа кај куче.

Кај мачките и кучињата, трепкачката ципа обично не е видлива, освен ако внимателно му го отворите окото на животното додека спие. Кај некои кучешки раси, ципата е склона на отпуштање, па доаѓа до состојба наречена црешово око.

Кај многу видови, каква било стимулација на окото (нпр. ако им дувнете) ќе резултира со рефлексно затворање на трепкачката ципа. Оваа особина се применува за проучување на условените рефлекси кај зајаците.[5]

Наводи

уреди
  1. Owen, R. 1866–1868. Comparative Anatomy and Physiology of Vertebrates. London.
  2. 2,0 2,1 Darwin, Charles (1871). The Descent of Man, and Selection in Relation to Sex. John Murray: London.
  3. Montagna, W., Machida, H., and Perkins, E.M. 1966. The skin of primates XXXIII.: The skin of the angwantibo. American Journal of Physical Anthropology. Vol. 25, 277–290.
  4. Wygnanski-Jaffe T, Murphy CJ, Smith C, Kubai M, Christopherson P, Ethier CR, Levin AV. (2007) Protective ocular mechanisms in woodpeckers Eye 21, 83–89.
  5. Gormezano, I. N. Schneiderman, E. Deaux, and I. Fuentes (1962) Nictitating Membrane: Classical Conditioning and Extinction in the Albino Rabbit Science 138:33–34.