Зоја Порфирогенита

Зоја Порфирогенита (грчки: Ζωή η Πορφυρογέννητη, о. 978 г. - јуни 1050 г.), била византиска царица од Македонската династија која владеела заедно со сестра ѝ Теодора од 20 април до 11 јуни 1042 г. Таа била крунисана како царска придрижничка на повеќе совладетели почнувајќи од Роман III во 1028 година сè до нејзината смрт во 1050 година кога била омажена за Константин IX.

Зоја Порфирогенита
Ζωή η Πορφυρογέννητη
Царица на Источното Римско Царство
Царицата Зоја прикажана на мозаик во Аја Софија.
Византискa царица
На престол12 ноември 1028 – јуни 1050
ПретходникКонстантин VIII
НаследникКонстантин IX и Теодора
Совладетели12 - 15 ноември 1028 (со Константин VIII)
1028 - 1034 (со Роман III)
1034 - 1041 (со Михаил IV)
1041-1042 (со Михаил V)
20 април 1042 - 1050 (со Теодора)
11 јуни 1042 – 1050 (Константин IX)
Роден(а)околу 978
Цариград
Починал(а)јуни 1050
Цариград
СопружникРоман III (1028-1034)
Михаил IV (1034-1041)
Константин IX (1042-1050)
ДинастијаМакедонска династија
ТаткоКонстантин VIII
МајкаЕлена

Владеење

уреди

Мажење со Роман Аргир

уреди

Прашањето за наследството на престолот се поставило мошне остро бидејќи стариот цар Константин VIII немал машки деца. Неговата најстара ќерка Евдокија, заболена и осакатена од сипаници, се закалуѓерила уште на млади години. На двете помлади ќерки Зоја и Теодора, иако веќе биле во повозрасно доба, им преостанала значителната улога во византиската историја на следните децении. За чудо, Константин VIII дури на смртниот одар се сетил да омажи една од нив и да и избере достоен епарх. Неговиот избор паднал на цариградскиот епарх Роман Аргир. Позицијата на цариградскиот епарх секогаш била сметана за особено почесна. Во XI век неговото значење се зголемувало. Уште во „Книгата за церемониите“ на Порфирогенит се вели дека епархот е татко на градот, но дури подоцна, Михаил Псел, писателот на XI век, ќе рече дека тоа е царска функција на која и недостатува само царски порфир. Како носител на ова високо удостоение и како претставник на едно од најугледните магнатски семејства, Роман Аргир бил најистакнатиот претставник на цариградското чиновничко благородништво. На 12 ноември 1028 година, тој се венчал со педесетгодишната Зоја, а три дена потоа, по смртта на Константин VIII, стапил на престолот.[1]

Меѓу царот Роман III и царицата Зоја подолго време постоела длабока неслога. Откако дошол до царската круна, Роман Аргир не покажувал веќе никакво интересирање за старата царица, почнал да ја запоставува, па дури и ги скусил и паричните средства. Меѓутоа, царицата Зоја, која штотуку почнала да ужива во радостите на тој живот, не допуштила лесно да биде елиминирана. Нејзиниот поглед се запрел на младичот Михаил, селанец од Пафлагонија, кого неговиот брат, влијателниот дворјанин евнухот Јован Орфанотроф, го вовел во Геникејот на царскиот двор. Бидејќи како евнух и калуѓер не можел сам да претендира на царската круна, тој решил да му ја осигура на неговиот брат. И итриот евнух не се излажал во својата сметка: Зоја се заљубила во убавиот младич со сиот жар на задоцнетите страсти. И така се случило што Роман III, на 11 април 1034 г., одненадеж умрел во бања. Истиот ден царицата се омажила за својот млад љубовник и тој се качил на престолот како цар Михаил IV.[2]

Втор брак

уреди

Меѓутоа, Зоја одново се излажала, зошто Михаил престанал да се интересира за неа веднаш штом стапил на престолот. И била одземена дури и слободата на движење. За да не му се случи на брата му тоа што му се случило на Роман Аргир, Јован Орфанотроф ја ставил царицата под постојана присмотра.[2]

По сузбивањето на Делјановото востание, Михаил IV се вратил од Балканот тешко болен. Бидејќи неговата смрт можела да се очекува секој час, Јован Орфанотроф се погрижил да ја зачува царската круна за своето семејство. Царицата Зоја се согласила да го посвои неговиот и царев внук Михаил, па тој бил прогласен за цезар и престолонаследник. Не чекал долго на царската круна зашто веќе во декември 1041 г. Михаил IV умрел.[3]

Краткото владеење на Михаил V

уреди

Михаил V брзо го окочал владеењето на пафлагонскиот дом. Осилениот младич ја испратил в манастир и царицата Зоја, тоа било пресудно за да ја загуби круната. Против него сложно истапиле аристократијата и Црквата, потпирајќи се на династиските чувства на цариградското население. Приврзаноста но легитимноста на Македонската династија станала со времето толку силна што дури и Зоја и Теодора уживале наклонетост од Цариграѓаните. Михаил Калафат кој се осмелил да крене рака на царицата "родена во пурпур", бил симнат и ослепен на 20 април 1042 г.[3]

Заедничко владеење со Теодора

уреди

Решено било Зоја и Теодора, како претставнички на македонскиот дом, да ја преземат власт и да владеат заеднички. Теодора, која на барање од Зоја се закалуѓерила, имала силна поддршка, особено во црковните кругови. Правото на жената за вршење царска власт веќе не било оспорувано како во времето на Ирина. Но двете царици биле толку неспособни, а нивната меѓусебна омраза толу непомирлива, што веќе по неколку недели се покажало дека мора да се побара друго решение и власта да му се довери на некој маж. Иако стара 64 години, Зоја подготвено стапила во трет брак. На 11 јули 1042 г. таа се омажила за угледниот сенатор Константин Мономах кој утредента ја примил царската круна.[4]

Трет брак

уреди

Зоја станала попустлива и под товарот на годините. Односите кои Константин IX сосема отворено ги одршувал со убавата и умна Марија Склирина предизвикувале огорчување кај народот, но не и кај царицата. Одликувана со новата почесна титула севаст, царевата љубовница, покрај двете царици учествувала во сите официјални дворски свечености.[4]

Наводи

уреди
  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 386-387.
  2. 2,0 2,1 Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 389.
  3. 3,0 3,1 Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 392.
  4. 4,0 4,1 Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 393.