Киро Донев (р. 21 март 1942, Моноспитово) — македонски писател за деца и млади и преведувач.

Животопис

уреди

Киро Донев е роден во с. Моноспитово, Струмичко на 21 март 1942 година. По завршувањето на основото училиште, завршил Учителска школа во Штип, а потоа студирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел како новинар при што бил главен и одговорен уредник на списанието „Наш свет“, а кон крајот на 1990-тите бил главен и одговорен уредник и директор на редакцијата „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“.[1] [2]По пензионирањето се преселил во родното село. Тој е член на ДПМ од 1970 година.

Творештво

уреди

Киро Донев е автор на следниве дела:[3]

  • Жаба спикер (поезија, 1967)
  • Мешана салата (хумористична проза, 1967)
  • Било - не било (раскази, 1969)
  • Априли - ли (пиески, 1969)
  • Да се запознаеме (раскази, 1971)
  • Мешана салата (хумористично-сатирична проза, 1972)
  • Ај погоди (гатанки, 1982)
  • Битката на Мечкин камен (повест, 1982)
  • Шенко (роман, 1983)
  • Јордан Пиперката (повест, 1982)
  • Пере Тошев (повест, 1984)
  • Стражари на мирот (раскази, 1985)
  • Збркана сказна (роман, 1986)
  • Мојот свет (избор, 1986)
  • Ден по ден година (раскази, 1987)
  • Ајде да патуваме (сликовница, 1988)
  • Внукот на мајорот (роман, 1989)
  • Шарена криенка (раскази, 1990)
  • Наталија во Лагалија (сликовница, 1990)
  • Таинствена книга (сликовница, 1990)
  • Ден по ден година (сликовница, 1991)
  • Манастирски ѕвона (роман, 1992)
  • Далаверите на Добре Лошиот (роман, 1992)
  • Четириножните рицари (роман, 1993)
  • Азбучна криенка (гатанки, 1995)
  • Стихувани случки за внучиња и внучки (поезија, 1997)
  • Надуенка (раскази, 1997)
  • Збркана бајка (роман, 1997)
  • Шарена криенка (раскази, 1998)
  • Киндер квачка (роман, 1999)
  • Приказни на четири нозе (раскази, 2000)
  • Шнеген петел (роман, 2001)
  • Шарена азбука (гатанки, 2002)
  • Еколошка читанка (2002)
  • Чудни ѕвона (2006)
  • Весел зоопарк (2007)
  • Театар без билет (раскази, 2010)
  • Дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка (раскази, 2012)
  • Приказни од куќичката на дрво (раскази, 2013)
  • Секој има право да се храни здраво (песни, 2014)
  • Приказни од цел свет за добра ноќ (приказни, 2014)
  • Јамболија што лае (раскази, 2015)
  • Училишен театар (пиески за деца, 2016)
  • Приказни за годишните времиња (раскази на бугарски јазик, 2016)
  • Збркана сказна (роман на бугарски и украински јазик, 2016)
  • Весел зоопарк (раскази на бугарски и украински јазик, 2016)
  • Стихови во боја за дедо мраз (песни, 2017)
  • Било и се скрило (поезија, 2017)

Исто така, тој е автор и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српско-хрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.

Киро Донев е добитник на наградите: „Гоцева повелба“ - Подгорци, „Ванчо Николески“ (за најдобра книга за деца), наградата „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“.[4]

Осврт кон творештвото на Донев

уреди

Според книжевните критичари (на пример, Миодраг Друговац, Мурис Идризовиќ и Оливера Ќорвезироска), основните белези на творештвото на Киро Донев се смислата за хумор и своевидниот шарм, како и едноставноста и непосредноста на лирското и прозното искажување на детскиот свет. Хуморот во неговите дела не е готов производ, добиен со едноставна постапка, туку е многу сложен при што хуморот во неговата поезија „се смее“ додека во неговата проза „се зборува“. Во неговите песни, хуморот е концентриран и сообразен со поетските норми, а во прозата, хуморот е есктензивиран. Во таа смисла, според Видое Подгорец, хуморот на Донев „не е контрукција“. Во продолжение, духовитоста на Донев создава препознатлива творечка боја, која е значајна како за рецепцијата, така и за естетскиот досег. Тој го внел шармот во детската книжевност како свој печат, овозможувајќи да се наметне како препознатлив автор. За таа цел, во својата проза, Донев жртвува некои значајни нешта само за да им отстапи место на шармот и на лесното раскажување. Додека раскажува, тој граба сè што му е при рака, но е незаинтересиран за она што во мигот му е непотребно. Тој не предвидува што ќе му притреба во натамошното раскажување, па затоа често се среќаваме со навестено отсуство во смисла дека нешто навестува, но потоа го испушта. Ваквото недоследно раскажува во основа претставува слабост, но придонесува за шармот како основна одлика на творештвото на Донев. Оттука, дури и кога потфрла, тој го прави тоа на шармантен начин и сопствениот пад го маскира и го одуховува. Свесен за својот шарм, понекогаш тој намерно произведува слаби места кои прераснуваат во маниристичка постапка. Ваквиот сложен и развиен однос кон сопствените слабости само зборува за оригиналноста на авторот, па така, она што критиката го посочила како слабо место, Донев го користи во подоцнежните дела како модел за препознавање. На тој начин, случајниот превид се трансформира во намерна, концептуална, маниристичка недоследност, отстапка со намера.[5]

Наводи

уреди
  1. Киро Донев, Киндер квачка. Детска радост, Скопје, 1999.
  2. Петка — грб: пиески. Детска радост, Скопје, 1984, стр. 44.
  3. Киро Донев, Приказни од куќичката на дрво. Скопје: Македоника литера, 2013.
  4. Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр. 80.
  5. Оливера Ќорвезироска, „Раскажувањето како џиџанка од шарен филџан“, во: Киро Донев, Киндер квачка. Детска радост, Скопје, 1999, стр. 127-132.