Кабирија (филм од 1914)

Кабирија (италијански: Cabiria) - италијански филм од 1914 година, во режија на Џовани Пастроне, кој е и продуцент на филмот и автор на сценариото. Премиерата на филмот била одржана на 18 април 1914 година,[1] а во јуни истата година, филмот бил прикажан во Белата куќа, пред претседателот Вудро Вилсон и неговото семејство. На тој начин, „Кабирија“ станал првиот филм во историјата што бил прикажан во Белата куќа.[2][3][4] Реставрираната верзија на „Кабирија“ била прикажана на 27 мај 2006 година, во рамките на Канскиот филмски фестивал, со воведен говор на Мартин Скорсезе.

Плакатот за „Кабирија“

Улоги

уреди
  • Каролина Катена - Кабирија (како дете)
  • Емил Вардан - Бато, таткото на Кабирија и Ханибал
  • Џина Марангони - Кроеса, дадилката на Кабирија
  • Лидија Кваранта - Кабирија (како девојка)
  • Данте Теста - Картало, врховниот свештеник на Картагина
  • Умберто Моцато - Фулвиј Аксила, Римјанин
  • Бартоломео Пагано - Мачисте, робот на Фулвиј
  • Рафаеле ди Наполи - Бодасторет, гостилничар
  • Едоардо Давеснес - Хасдрубал, војсководец на Картагина
  • Италија Алмиранте-Манцини - Софонисба, ќерката на Хасдрубал
  • Алесандро Бернард - Сифакс, кралот на Кирта
  • Лујџи Келини - Сципион Африканецот
  • Витале ди Стефано - Масиниса, кралот на Нумидија
  • Енрико Гемели - Архимед
  • Игнацио Лупи - Арбаче

Синопсис

уреди

Прва епизода

уреди

Римскиот благородник Бато (го игра Вардан) се враќа дома, каде го чекаат сопругата и саканата ќеркичка Кабирија (ја игра Катена). Ноќта доаѓа до ерупција на Етна и куќата почнува да се урива. Сепак, слугите наоѓаат премин до подрумот, каде грабаат дел од богатството на Бато, а потоа безбедно ја нпуштаат куќата. Меѓу нив се наоѓаат и Кабирија, заедно со дадилката Кроеса (ја игра Марангони).[5]

Втора епизода

уреди

Утредента, родителите се очајни, мислејќи дека Кабирија погинала под урнатините на куќата. Слугите го делат пленот меѓу себе, а потоа одат на плажата, но таму ги напаѓаат феникиски пирати. Тие ги продаваат Кабирија и Кроеса како робови од Картагина, а ги купува врховниот свештеник Картало (го игра Теста), кој планира да го жртвува девојчето. Кроеса се обидува да ја спаси Кабирија, поради што ја камшикуваат. Потоа, таа бега крај морскиот брег, каде среќава двајца мажи, Фулвиј Аксила (го игра Моцато) и неговиот роб Мачисте (го игра Пагано), и ги моли да ја спасат Кабирија. Во меѓувреме, свештеникот ги фрла децата во огнот, како жртви на богот Молох, а кога доаѓа редот на Кабирија, во храмот влегуваат Фулвиј и Мачисте и ја спасуваат Кабирија. Бегајќи од толпата, тие се кријат во гостилницата на Бодасторет (го игра ди Наполи), а Кроеса ја погубуваат.

Трета епизода

уреди

Кога Ханибал ги преминува Алпите, Фулвиј одлучува да пребегне во Римското Царство. Во меѓувреме, убавата Софонисба добива поклони од Масиниса (го игра ди Стефано), кралот на Нумидија. Бодасторет ги предава Фулвиј и Мачисте при што Фулвиј успева да скокне во морето, а Мачисте се засолнува во градината на војсководецот Хасдрубал (го игра Давеснес), каде ѝ ја остава Кабирија на Софонисба. Потоа, толпата го заробува Мачисте.

Четврта епизода

уреди

Фулвиј се бори на страната на римската армија во опсадата на Сиракуза. Архимед (го игра Гемели) измислува оружје и со помош на сончевите зраци ја уништува римската флота. Фулвиј се спасува така што скока воморето, а потоа го спасуваат некои луѓе, кои му го земаат прстенот што своевремено му го даде Кроеса. Тогаш, Фулвиј му ја кажува на Бато приказната за Кабирија и му ветува дека ќе се врати во Картагина и ќе ја најде Кабирија.

Петта епизода

уреди

Десет години подоцна, Масиниса е симнат од престолот и Хасдрубал решава да ја омажи Софинисба за кралот на Кирта, Сифакс (го игра Бернард). Кабирија, наречена Елиса, е омилената робинка на Софинисба. Во меѓувреме, Сципион (го игра Келини) планира напад на Картагина, а Фулвиј се уфрлува во градот. Тој го ослободува Мачисте и двајцата одат кај Бодасторет, кој умира од претрпениот страв. Потоа, Фулвиј и Мачисте бегаат во пустината, надвор од Картагина, каде ги заробуваат војниците од Кирта. Таму, тие се затворени, а Кабирија им дава вода. Во меѓувреме, Масиниса ѝ се придружува на римската војска, го заробува Сифакс и ја опсадува Кирта. Софинисба се сеќава на дамнешната случка од градината и му кажува на Картало, кој ја бара Кабирија за себе. Мачисте бега од затворот и ја спасува Кабирија, но таа повторно е заробена, а Мачисте и Фулвиј се затворени во подрумот, каде им пружаат отпор на војниците кои се обидуваат да ги заробат. Софинисба наредува да ја убијат Кабирија, но тогаш Кирта се предава и во градот влегува Масиниса со својата војска. Кога ќе ја здогледа Софинисба, тој паѓа пред неа, но ја моли да ги поштеди Фулвиј и Мачисте, кои храбро се борат веќе подолго време. Сципион ја бара Софинисба за себе како воен плен, а Масиниса го испраќа Мачисте да ѝ однесе поклон - отров. Пред да умре, Софинисба ја ослободува Кабирија. Истовремено, Картагина се предава, а Фулвиј и Кабирија, вљубени еден во друг, пловат со брод кон Рим.

Наводи

уреди
  1. Kinnard, Roy; Crnkovich, Tony (2017). Italian Sword and Sandal Films, 1908-1990. McFarland, стр. 7. ISBN 1476662916.
  2. Drees, Rich (2006), “Italian Silent Classic Cabiria Restored” @ FilmBuffOnline.
  3. Kennedy, Ross A. (2013). A Companion to Woodrow Wilson. John Wiley & Sons. p. 29. ISBN 1118445686
  4. „French Ambassador and Wife Soon to Take Ship for Visit to Paris Home“. Washington Post. June 27, 1914. стр. 7.
  5. IMDb, Cabiria (1914) (пристапено на 1.4.2019)