Исповедта на Лусио

Исповедта на Лусио (португалски: A confissão de Lúcio) - новела на португалскиот писател Марио де Са-Карнеиро од 1913 година.

Содржина

уреди

Романот, составен од осум глави, претставува исповед на Лусио, кој поминал десет години в затвор поради смртта на неговиот пријател, поетот Рикардо де Лоуреиро: Во 1895 година, Лусио пристигнува во Париз, каде студира право. Таму, тој се зближува со вајарот Гервасио Вила-Нова. Еден ден, Гервасио го запознава со богата, ексцентрична Американка, која подоцна ги кани на забава исполнета со многу еротика. На забавата, Лусио се запознава со поетот Рикардо де Лоуреиро. Оттогаш, тие стануваат неразделни пријатели, а Рикардо секојдневно му ја открива својата интима на Лусио. Во декември 1896 година, Рикардо ненадејно се враќа во Лисабон и тие остануваат раздвоени една година, но во декември 1997 година и Лусио се враќа во Лисабон. Таму, тој дознава дека Рикардо во меѓувреме се оженил. Лусио секојдневно го посетува домот на Рикардо при што станува опседнат од неговата сопруга, Марта, за која не знае ништо. Лусио и Марта интензивно се дружат и постепено стануваат љубовници. Меѓутоа, по одредено време, Лусио дознава дека Марта има и други љубовници меѓу пријателите на Рикардо. Бесен поради тоа, тој заминува во Париз, но по некое време се враќа во Лисабон заради прикажувањето на еден негов драмски текст. Еден ден, случајно го среќава Рикардо, кој му објаснува дека преку неверствата на Марта тој ја искажувал својата љубов кон пријателите и дека Марта е неговото второ „јас“. Потоа, Рикардо го води Лусио во својот дом и таму со револверот пука во Марта, но тогаш се случува чудо: Кога Лусио се освестува, тој го здогледува мртвото тело на Рикардо, револверот пред своите нозе, а Марта исчезнала. Набргу, полицијата го апси Лусио, обвинувајќи го за убиство на Рикардо.[1]

Осврт кон делото

уреди

„Исповедта на Лусио“ е едно од најважните дела на Марио де Са-Карнеиро во кое тој ги обработува своите три најголеми опсесии: самоубиството, перверзната љубов и ненормалниот развој на личноста што кулминира во лудило. Напишан со колоритен и раскошен стил, романот е приказна за љубовта, прељубата, боемството, уметничката треска итн. Инаку, романот е посветен на Антонио Понсе де Леао, а, исто така, авторот ставил цитат од делото на Фернандо Песоа, „Во Шумата на Отуѓеноста“.[2]

Изданија на македонски јазик

уреди

Во 2015 година, романот бил објавен на македонски јазик, во издание на „Бегемот“, во рамки на едицијата „Ars magna“, а во тираж од 500 примероци. Преводот од португалски јазик го направил Наташа Сарџоска; ликовното уредување на книгата е дело на Бојан Димитриевиќ; а јазичната редакција ја направил Филип Димевски. Книгата била преведена со финансиска помош на Генералната дирекција за книги, архиви и библиотеки, во рамки на Државниот секретаријат за култура на Португалија, а била испечатена во „Печатницата Наумовски“ од Скопје. Книгата, со димензии од 18 сантиметри и со обем од 135 страници, е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4718-36-9.[3]

Наводи

уреди
  1. Марио де Са-Карнеиро, Исповедта на Лусио. Скопје: Бегемот, 2015.
  2. Марио де Са-Карнеиро, Исповедта на Лусио. Скопје: Бегемот, 2015.
  3. Марио де Са-Карнеиро, Исповедта на Лусио. Скопје: Бегемот, 2015.