Инструменти на монетарната политика на Македонија
Инструментите на монетарната политика во Македонија претставуваат административни мерки и финансиски трансакции преку кои Народната банка на Македонија ја спроведува монетарната политика.
Видови инструменти на монетарната политика
уредиЦеновната стабилност претставува примарна цел на монетарна политика во Македонија и за да може централната банка да ја одржува ценовна стабилност користи повеќе инструменти. За да бидат успешни резултати од инструментите на монетарната политика истите треба да се користат во вистинското време. Имајќи предвид дека помеѓу инструментите и крајната цел на монетарната политика постои сложена и индиректна поврзаност со временско задоцнување, НБРМ го следи движењето на одредени економски променливи - оперативни и посредни цели. Оперативните цели полесно се контролираат, но се подалечни од крајната цел, додека посредните цели потешко се контролираат, но се поблиски до крајната цел.
Инструменти со кои се служи НБРМ се следниве:
- Операции на отворен пазар
- Задолжителна резерва
- Расположливи депозити
- Расположлив кредит преку ноќ
- Интрадневен кредит
Од инструментите на монетарната политика најфлексибилен претставува операции на отворен пазар и тие најчесто се спроведуваат преку емисија на хартии од вредност на НБРМ - аукции на благајнички записи или преку купување или продажба на хартии од вредност на привремена или дефинитивна основа. Со овој инструмент, НБРМ директно влиаје врз понудата на пари и кредити. За надминување на краткоричниот ликвидносен недостик кај банките на крајот на денот НБРМ одобрува расположлив кредит преку ноќ. А во обратна ситуација, односто во услови на краткорочен вишок на ликвидност банките можат да пласираат средства кај НБРМ во расположливите депозити преку ноќ и на седум дена.
Операции на отворениот пазар
уредиОперациите на отворениот пазар претставуваат група индиректни пазарни инструменти на монетарната политика, преку кои НБРМ врши продажба и купување на хартии од вредност. Со овие инструменти се влијае врз нивото на краткорочните каматни стапки, односно нивото на расположливите ликвидни средства на банките. Зголемувањето на каматната стапка кај овие операции упатува на порестриктивна монетарна политика и обратно, намалувањето на каматната стапка овозможува релаксирање на монетарните движења. Структурната позиција на банкарскиот систем во однос на централната банка придонесе повлекувањето ликвидни средства од банкарскиот систем коешто НБРМ го остварува преку емисија на хартии од вредност (благајнички записи) да доминира подолго време. Од друга страна, заради задоволување на краткорочниот ликвидносен недостиг во банкарскиот систем, НБРМ спроведува репо-операции за обезбедување ликвидност. Дефинитивните купопродажби на хартии од вредност на секундарниот пазар се помалку застапени. Во услови на позначајни отстапувања кај проекциите на ликвидноста коишто доведуваат до непланиран вишок или недостиг на ликвидност во вкупниот банкарски систем, НБРМ може да применува (вонредни) операции за фино регулирање преку коишто се избегнуваат значајни флуктуации на нивото на ликвидноста на банкарскиот систем и каматните стапки на пазарите на пари.[1]
Операциите на отворениот пазар ги опфаќаат следниве инструменти:
- Аукција на благајнички записи
- Аукција на репо-трансакции
- Дефинитивни трансакции
Под аукција на благајнички записи се подразбира управување со ликвидноста на банкарскиот систем преку продажба на хартии од вредност од страна на НБРМ на примарниот пазар. Каматната стапка што ја носат благајничките записи претставува основна каматна стапка за насоката на монетарната политика во РМ. Аукциите на благајничките записи се одржуваат во редовни термини, а купувачи на истите се банките. НБРМ применува два основни типа тендери кај аукцијата на благајнички записи:
- Тендер со каматни стапки: во проспектот што се упатува до банките, НБРМ го објавува износот на благајнички записи што го нуди за продажба, а банките наддаваат со износи и каматни стапки;
- Тендер со износи: во проспектот што се упатува до банките, НБРМ објавува фиксна каматна стапка по која ќе се реализира продажбата на благајничките записи, а банките наддаваат само со износи.
Во долниот пример се прикажани резултатите од аукција на благајнички записи од 13.3.2013 г.
Рок на доспевање: 28 дена Тип на тендер: Тендер со максимална каматна стапка (минимална цена) Доспеан износ: 24.020.000.000,00 денари Понуден износ: 24.020.000.000,00 денари Побарувачка: 28.731.000.000,00 денари Реализација: 24.020.000.000,00 денари Максимална каматна стапка утврдена од Народната банка: 3,50 % (99,7285) Пондерирана каматна стапка (цена): 3,42 % (99,7346) Минимална каматна стапка (цена): 2,96 % (99,7703) Максимална каматна стапка (цена): 3,47 % (99,7312)
Аукции на репо-трансакциите
уредиВо услови на краткорочни промени на ликвидноста, кои би можеле да доведат до значителни флуктуации кај краткорочните каматни стапки, НБРМ применува операции за фино регулирање на ликвидноста - аукции на репо-трансакции, помеѓу две интервенции преку основните операции, на пократок рок. Аукциите овозможуваат повлекување ликвидност преку моментна продажба на хартии од вредност, со обврска за нивен реоткуп на некој иден датум по однапред утврдена цена и обратно, обезбедување ликвидни средства преку моментно купување хартии од вредност, со обврска за нивна повторна продажба на некој иден датум по однапред утврдена цена. Исто како и кај аукции на благајничките записи и тука постојат два начина на аукции:
- Тендер со каматни стапки: во проспектот што се упатува до банките, НБРМ го објавува износот, а банките наддаваат со износи и каматни стапки;
- Тендер со износи: во проспектот што се упатува до банките, НБРМ објавува фиксна каматна стапка по која ќе се реализираат репо-трансакциите, а банките наддаваат само со износи.
Бидејќи станува збор за нередовни операции, нивните одлики (тип на тендер, честота, рок, каматна стапка) не се однапред утврдени. Аукциите може да се спроведат во две насоки - за обезбедување и за повлекување ликвидни средства. Така, врз основа на идентификувана потреба од дополнителна ликвидност во банкарскиот систем, почнувајќи од 2011 година, во неколку наврати беа организирани аукции на репо-трансакции со благајнички записи и државни хартии од вредност во насока на обезбедување ликвидни средства во банкарскиот систем. Од друга страна, во услови на одредени подолгорочни промени на ликвидноста на банкарскиот систем, НБРМ може да применува операции за структурно регулирање - дефинитивен откуп/продажба на хартии од вредност.[2]
Дефинитивни трансакции
уредиОсновната функција на инструментот е структурно регулирање на ликвидноста во банкарскиот систем, што би довело до долгорочна промена во нивото на ликвидност. Дефинитивните трансакции можат да се спроведуваат во двете насоки, за обезбедување или за повлекување ликвидност од банкарскиот систем, преку дефинитивен откуп, односно продажба на хартии од вредност на секундарниот пазар. Дефинитивните трансакции се спроведуваат со банките на билатерална основа.[3]
Задолжителна резерва
уредиПод задолжителна резерва се подразбира обврски на банките и штедилниците односно данок кој им го наметнува НБРМ за изделување на средства на сметка кај централната банка. Целта на овој инструмент се стабилизирањето на краткорочните каматни стапки на пазарите на пари, управување со понудата на пари и нивото на кредитна мултипликација. Основата за задолжителната резерва на банките се пресметува како просек од обврските за секој ден од календарскиот месец што му претходи на периодот на исполнување. Задолжителната резерва на банките во девизи се издвојува на посебни девизни сметки на НБРМ во странство и се исполнува во евра на фиксно ниво. Штедилниците ја исполнуваат задолжителната резерва на посебни сметки кај НБРМ на фиксно ниво. Стапката на задолжителна резерва на штедилниците изнесува 2,5%.[4]
Задолжителната резерва на банките е стандарден инструмент на монетарната политика на НБРМ, кој е во функција на намалување на структурниот вишок на ликвидност во банкарскиот систем. Во ноември 2012 година, НБРМ овозможила намалување на основата за задолжителна резерва на банките за износот на новоодобрените кредити на нето-извозниците и на домашните производители на електрична енергија, како и за вложувањата во должнички хартии од вредност во домашна валута без валутна клаузула, издадени од овие претпријатија. Основата на задолжителната резерва на банките се пресметува како просек од обврските за секој ден од календарскиот месец што му претходи на периодот на исполнување. Од јануари 2012 година, почетокот на периодот на исполнување соодветствува со денот на одржување (порамнување) на редовните монетарни операции на НБРМ. Периодот на исполнување започнува првата среда по прибирањето на податоците за основата за задолжителна резерва, и опфаќа 28 дена (4 недели) или 35 дена (5 недели).[2]
Задолжителната резерва во денари се исполнува со сметките на банките кај НБРМ, на просечна основа во текот на периодот на исполнување, што им овозможува на банките поголема флексибилност при управувањето со ликвидноста и има позитивно влијание врз стабилноста на каматните стапки на пазарите на пари. На дневна основа, банките може целосно да ја користат задолжителната резерва во денари, а се обврзани просечната дневна состојба на нивните сметки за периодот на исполнување да биде најмалку еднаква на пресметаната задолжителна резерва. Стапката на надомест за задолжителната резерва во денари изнесува 1%. Стапката на надомест на задолжителната резерва во евра изнесува 0,1%.
Стапките на задолжителна резерва на банките изнесуваат:
- во домашна валута, 10% (од 11.1.2005)
- во домашна валута со валутна клаузула, 20% (од 11.7.2009)
- во странска валута, 13% (од 11.8.2009).
Исклучок:
- обврски кон физички лица со договорна рочност над две години, 0% (11.1.2012)
- обврски по репо-трансакции во домашна валута, 0% (11.1.2012)
- обврски врз основа на издадени должнички хартии од вредност во домашна валута со оригинален рок на достасување од најмалку две години, 0% (13.2.2013).
Расположливи депозити
уредиКога банките имаат вишок на ликвидност тие сакаат да ги пласираат тие пари со цел да заработат камата. Најчест пример за тоа претставуваат расположливите депозити кои банките ги префрлаат кај народната банка на РМ со рочност од 1 ден до 7 дена. Каматната стапка на депозитите на седум дена ја утврдува гувернерот и таа, заедно со останатите услови, се објавува на мрежното место на Народната банка. Каматата се пресметува со примена на следнава формула:[3]
К = D × k × d⁄100 × 360
каде што: К - камата на депозитот; D - износ на депозитот; к - каматна стапка; d - календарски број на денови.
Расположлив кредит преку ноќ
уредиОсновната функција на расположливиот кредит преку ноќ е надминување на ликвидносните проблеми кај поединечни банки со што се придонесува кон стабилизирање на ликвидноста на пазарите на пари и флуктуациите на краткорочните каматни стапки. Кредитот се одобрува со рок на достасување преку ноќ. Каматната стапка на расположливиот кредит преку ноќ претставува горна граница на краткорочните каматни стапки на пазарот на пари и се утврдува со додавање 0,50 п.п. над каматната стапка остварена на аукцијата на благајнички записи. Кредитот им стои на располагање на банките секој работен ден и се одобрува по нивно барање, во форма на репо-трансакција. Расположливиот кредит преку ноќ се одобрува согласно со Генералниот репо-договор, а како обезбедување се користат хартии од вредност согласно со Списокот на хартии од вредност за спроведување на монетарни операции. Право на кредит имаат сите банки и филијали на странски банки. Народната банка на Република Македонија одобрува кредит преку ноќ на банка преку склучување на репо-трансакција со рок на достасување од еден работен ден. За одобрениот кредит преку ноќ Народната банка наплаќа камата за 1,50 % поголема од каматата на благајничките записи. Народната банка има право да го ограничи барањето на за кредит или истото да го одбие. Расположливиот кредит преку ноќ кој банките може да го користат на сопствена иницијатива за надминување на ликвидносниот недостиг на крајот од работниот ден. Со оглед на структурниот вишок на ликвидност во банкарскиот систем, улогата на овој инструмент е маргинална (од јули 2011 година, банките го користеле само пет дена, во просечен износ од околу 1 100 милиони денари). Сепак, преку каматната стапка на расположливиот кредит преку ноќ се остварува значајна функција - поставување горна граница на движењето на краткорочните каматни стапки на пазарите на пари, со што може да се влијае врз намалување на променливоста на каматните стапки.[5][6]
Интрадневен кредит
уредиОсновната функција на овој кредит е надминување на ликвидносните нерамнотежи кај банките коишто настануваат како резултат на поголеми одливи во однос на приливите во текот на денот. На тој начин, овој инструмент овозможува непречено реализирање на платните трансакции во текот на денот и го подобрува ликвидносното управување на банките. НБРМ не наплаќа камата на интрадневниот кредит. Кредитот им стои на располагање на банките секој работен ден и се одобрува по нивно барање, во форма на репо-трансакција, при што постои можност за претворање на интрадневниот кредит во расположлив кредит преку ноќ на крај на денот. Интрадневниот кредит се одобрува согласно со Генералниот репо-договор, а како обезбедување се користат хартии од вредност согласно со Списокот на хартии од вредност за спроведување на монетарни операции.[7][8]
Наводи
уреди- ↑ Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен Поинт, 2010, стр. 239-243.
- ↑ 2,0 2,1 НБРМ, „Споредбена анализа и предлози за промена кај монетарните инструменти на НБРМ“, Скопје, декември, 2011.
- ↑ 3,0 3,1 Мрежно место на НБРМ
- ↑ Љупчо Трпевски, Монетарна економија, Скен Поинт 2010, стр. 248-252.
- ↑ НБРМ, „Споредбена анализа и предлози за промена кај монетарните инструменти на НБРМ“, Скопје, декември, 2011.
- ↑ Официјално мрежно место на НБРМ (пристапено на 1.10.2019)
- ↑ Официјално мрежноместо на Министерството за финансии на Република Македонија
- ↑ Официјално мрежно место на НБРМ (пристапено на 1.10.2019)