Александар Андреевски
Александар Андреевски — македонски лекар - специјалист, оториноларинголог, универзитетски професор и член на МАНУ.
Александар Андреевски | ||
Роден | 14 октомври 1922 Кожле, Скопско | |
---|---|---|
Починал | 29 октомври 2005 Скопје, Македонија | |
Националност | Македонец | |
Занимање | оториноларинголог |
Животопис
уредиРоден во 1922 година во село Кожле, Скопско. Основно образование учел во Скопје, а гимназија во Аранѓеловац.[1] Во септември 1944 година, влегол во народноослободителната војска на Македонија, а во март 1945 година бил упатен за помошник-комесар во Армиската воена болница во Скопје.[1] Дипломирал во Загреб на Медицинскиот факултет во 1948 година, каде што завршил специјализација по оториноларингологија во 1953 година. Една година подоцна е избран за асистент на Медицинскиот факултет во Скопје по предметот оториноларингологија. Веднаш потоа заминал во Париз на едногодишен студиски престој каде што ја усовршува: функционалната реконструктивна хирургија на злоќудните заболувања на ларинксот и хипофаринксот, микрохирургијата на средното уво, пластичната хирургија во ОРЛ, аудиовестибулологијата и др.
Следните години Андреевски престојувал повеќепати во реномирани клиники од областа на оториноларингологијата во Париз, Лондон, Москва, Ленинград, Прага, Варшава, Берлин, Хамбург, Хановер, Фрајбург, Хајделберг, Бордо, Лион и во други центри, при што посебно внимание им посветувал на реконструктивната функционална хирургија на злоќудните заболувања на ларингофарингеалните подрачја како и на други области од струката: тимпанопластиките, стапедопластиките, хирургијата на лицевиот нерв, ринопластиките и др.
Кариера
уредиПо обемното искуство стекнато при овие посети напишал хабилитационен труд кој го одбранил во 1956 година, а во 1957 го дина е избран за доцент на Медицинскиот факултет во Скопје. Вонреден професор станува во 1961, а редовен во 1967 година. Андреевски успешно извршувал и многубројни функции на кои бил избиран: триесет години бил директор на Клиниката за ОРЛ на Медицинскиот факултет во Скопје, продекан и во два мандата декан на Медицинскиот факултет во Скопје,[1] прв директор на Универзитетскиот клинички центар, сега Клинички центар во Скопје, ректор на Скопскиот универзитет, претседател на здруженијата по ОРЛ во бивша Југославија и во Република Македонија. Акад. Андреевски бил организатор на многубројни домашни и меѓу народни конгреси и симпозиуми.
На клиниката за ОРЛ под негово раководство се оформени повеќе од 140 специјалисти, многубројни докторанти и магистранти, при што на многу од нив им бил ментор. Тој е автор на учебникот по ОРЛ за студенти по медицина. Раководел над 13 научноистражувачки проекти. Објавил над 280 научно-стручни трудови. За неговите заслуги и долго трајна работа бил наградуван со многу награди и признанија меѓу кои е и наградата „11 Октомври“ за животно дело во 1978 година. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1979, а за нејзин редовен член во 1986 годи на. Во Академијата акад. Андреевски во два мандата е секретар на Одделението за медицински и биолошки науки а од 1980 -1990 е потпретседател на Академијата. Последните години бил избран за избран член на Претседателството на МАНУ. Починал на 29 октомври 2005 година.
Добитник е на награди и признанија, меѓу кои: наградата „11 Октомври“, Орден за храброст и заслуги за народ од III ред, Орден на заслуги за народот со сребрени зраци и Медал за храброст.