Игра во ’ржта
Игра во ’ржта или Ловецот во ’ржта е првиот роман на американскиот писател Џ. Д. Селинџер, објавен во 1951 г. Романот доживеал огромна популарност помеѓу тинејџерската публика, бидејќи обработува теми од бурниот младешки живот, како: бунтот, осаменоста, отуѓувањето, збунетоста и револта кон постојниот тек на работите.[1] Главниот лик во делото, антихеројот Холден Колфилд, станал икона и синоним за тинејџерскиот бунт и непослушност.
македонското издание | |
Автор | Џ. Д. Селинџер |
---|---|
Изворен наслов | The Catcher in the Rye |
Изработувач на корицата | Мајкл Мичел |
Земја | САД |
Јазик | англиски |
Жанр | роман |
Издавач | Литл, Браун и Компани |
Издадена | 16 јули 1951 |
Медиум | Печатена (тврди & меки корици) |
Страници | 214 |
ISBN | 0-316-76953-3 |
OCLC | 287628 |
Содржина
уредиРоманот се состои од 26 глави.
- Глава 1 - 7: Холден Колфилд е 16-годишно момче кое се наоѓа на лекување во еден санаториум и започнува да раскажува за настаните што му се случиле претходно. Пред Божиќниот распуст тој бил избркан од средното училиште во градот Еџерстаун, Пенсилванија, а претходно веќе променил уште неколку училишта. Пред заминувањето дома, Холден го посетува стариот професор Спенсер, кој му дава животни совети кои воопшто не допираат до него. По враќањето во својата соба во интернатот, Холден дознава дека неговиот другар од собата, Стредлетер има закажано средба со Џејн Галагер, неговата поранешна сосетка. Кога Стредлетер се враќа од средбата, љубоморниот Холден побеснува и почнува да го навредува. Стредлетер безуспешно се обидува да го смири и потоа силно го удира, соборувајќи го на подот. Уште истата ноќ, Холден го напушта училиштето.[2]
- Глава 8 - 14: Во возот, Холден се запознава со мајката на еден ученик од неговото училиште и ја лаже, измислувајќи разни нешта за нејзиниот син. Кога пристигнува во Њујорк, се сместува во хотел и ѝ се јавува на една познаничка за да се видат, но таа го одбива. Потоа, слегува во хотелскиот ноќен клуб каде запознава три постари девојки со кои игра цела ноќ. Подоцна, посетува ноќен клуб во градот, но брзо се враќа во хотелот каде со лифтбојот се договара да го посети проститутка. Меѓутоа, кога таа доаѓа во неговата соба, Холден е депримиран и не може да има сексуален однос. Сепак, тој ја плаќа договорената цена, но проститутката бара повеќе пари. По некое време, тој си легнува, а во собата влегуваат лифтбојот и проститутката и му земаат уште пари, а исплашениот Холден се расплакува и го навредува лифтбојот поради што добива силен удар во стомакот.[3]
- Глава 15 - 26: Утредента, Холден закажува средба со познаничката Сали Хејс, го напушта хотелот и оди во паркот за да ја побара сестричката Феба, а потоа оди до Природонаучниот музеј, но не влегува внатре. Тој и Сали гледаат театарска претстава на Бродвеј, а потоа одат на лизгалиштето, но таму доаѓа до кавга меѓу нив и Холден ја напушта Сали. Потоа, тој му се јавува на својот познаник Карл со кого има кратка средба во еден клуб. Таму, Холден се опијанува и ѝ се јавува на Сали, а потоа заминува во паркот за да го види езерцето. Бидејќи нема повеќе пари за да замине во некој хотел, доцна во ноќта Холден оди во својот дом каде тајно влегува во собата на сестра му Феба со која разговара. Кога доаѓаат неговите родители, Феба му позајмува пари и Холден заминува кај неговиот поранешен професор Антолини, кој го советува да се смири и да го продолжи образованието. Набргу, Холден заспива од умор, а ноќта наеднаш се буди и го здогледува Антолини покрај себе, милувајќи го по главата. Исплашен, Холден набрзина го напушта станот на професорот и оди во Централната железничка станица каде преспива. Потоа, некое време шета бесцелно по улиците и оди во училиштето за да ѝ предаде порака на Феба, цврсто решен засекогаш да си замине од дома. Чекајќи ја неа, тој влегува во музејот каде се онесвестува, а потоа се среќава со Феба, која доаѓа со куфер, со намера да му се придружи. Холден ја одвраќа од намерата и поради тоа Феба му се налутува, но двајцата одат во зоолошката градина, а потоа и во паркот каде Феба се вози на рингишпил. Така завршува приказната на Холден, кој соопштува дека истиот ден се вратил дома, а потоа се разболел и бил испратен во санаториум за да закрепне.[4]
Симболика на делото
уредиАко некој сретне некого додека оди низ ’ржта - ... Сега сеедно, постојано замислувам многу мали дечиња како играат во едно големо житно поле. Илјадници мали деца, а во близина нема никој... никој возрасен, мислам... освен мене. А јас стојам на самиот раб од една страшна бездна. Што ми е должноста, треба да го уловам секој кој ќе се залета кон бездната, сакам да кажам, ако некој трча не гледајќи каде оди, јас треба да се појавам од некаде и да го уловам. Тоа е сѐ што треба да правам цел ден. Да бидам ловец во ’ржта. Знам дека тоа е лудо, но тоа е единственото што би сакал да бидам. Знам дека е лудо.
— извадок од романот
Холден Колфилд е 16-годишник кој раскажува за своето заминување од интернатското училиште од кое го бркаат и за неговото пристигнување во Њујорк. Неговата средба со градот, со хотелите, со таксистите, разните ноќни дружења се опишани со младешкиот жаргон. Преку овој лик, авторот ја афирмирал детската наивност и неконвенционален однос кон празнотијата на материјалното изобилство. Холден е прикажан како еден просечен тинејџер. Тој има свои проблеми и на светот гледа на свој начин. Малку е проблематичен, но сепак покажува знаци на разумност. Мисли дека светот не може да му го пружи она што тој го сакал. Во суштина, Колфилд не е лош, иако често бега од соочување со проблемите и се вплеткува во секојдневни глупости. Тој не знае што бара поради тоа што е изгубен и дезориентиран во надворешното опкружување.
Основната тема на книгата е иницијацијата на еден млад човек, но и драматичното разрушување на нашите животи во кои има сè помалку место за идеалите. Во делото, Селинџер ги изразува сексуалните конфликти и стравови на младата генерација во САД по Втората светска војна, како и бунтот против лицемерието и лагите во светот.[5]
За книгата
уредиВо времето на објавувањето на романот, добар дел од литературната критика била против експлицитниот уличен жаргон кој се користел во книгата, како и против ставовите и размислувања на Колфилд во врска со сексот.[6]
Романот веднаш го зазел врвот на списокот на најпродаваните книги на Њујорк тајмс, а главниот јунак Холден Колфилд станал митска личност, алтер-его за многу генерации изгубени тинејџери, не само во Америка, туку насекаде каде што романот бил преведен и објавен. Со текот на времето, оваа книга станала дел од наставната програма во средните училишта ширум светот. Популарноста на романот и натаму не се намалува: само во САД се испечатени преку сто изданија со вкупен тираж од преку 20 милиони примероци, а тој редовно се наоѓа на врвот на сите избори на најдобрите американски романи.[5]
Романот е преведен на речиси сите светски јазици, а ширум светот е продаден во тираж од 65 милиони примероци.[7] Исто така, книгата редовно се наоѓа во изборот на најдобрите книжевни остварувања на XX век.[8]
Надворешни врски
уреди- Илустрации со мотиви од Игра во ’ржта Архивирано на 28 септември 2016 г.
- Слики од првото (оригинално) издание на Игра во ’ржта
- Обвинение за „плагијат“ на „Игра во ’ржта“ – Си-Ен-Ен
- Селинцер и Игра во ’ржта Архивирано на 24 јануари 2012 г. - слајд шоу на Лајф магазин
- Куса содржина на Игра во ’ржта Архивирано на 2 февруари 2009 г.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Мајкл Карт (15 ноември 2000). „Карт Бланш: Најдобрите романи првенци“. Нивниот список. Архивирано од изворникот 2012-07-29. Посетено на 2007-12-20.
- ↑ Џ. Д. Селинџер, Ловац у житу. Београд: ЛОМ, 2016, стр. 7-59.
- ↑ Џ. Д. Селинџер, Ловац у житу. Београд: ЛОМ, 2016, стр. 59-113.
- ↑ Џ. Д. Селинџер, Ловац у житу. Београд: ЛОМ, 2016, стр. 114-225.
- ↑ 5,0 5,1 Џ. Д. Селинџер, Ловац у житу. Београд: ЛОМ, 2016.
- ↑ Џеф Гин (10 август 2001). „„Игра во 'ржта" - 50 години подоцна“. Вести на Тајмс. Архивирано од изворникот (слободна нарачка) на 2021-02-01. Посетено на 2007-12-18. Alternate URL
- ↑ Маџил, Френк Н. (1991). „Џ. Д. Селинџер“. Анкета околу квалитетот на амриканската литература. Њујорк: Маршал Кевендиш корпорација. стр. 1803. ISBN 1-85435-437-X.
- ↑ Гросман, Лев; Ричард Лакајо (16 октомври 2005). „Најдобрите 100 романи на сите времиња: Целосен список“. Тајм. Архивирано од изворникот на 2008-09-13. Посетено на 2012-12-13.