Две перници
Две перници — збирка раскази на македонската писателка Оливера Ќорвезироска, првобитно објавена во 2010 година од издавачката куќа „Три“.
Содржина
уредиЗбирката содржи 21 расказ:[1]
- Две перници
- Ненадоместливото
- Четвртоци
- Нога од памук
- Нашиот Скочен Зглоб
- Агенција за случки
- Промена на името
- Превод
- Другарка ми Лиле Богомилова
- Чешел
- Солза в уво
- Утре сабајле
- Негации Круша
- Мојата пријателка А.
- Скарбо во нејзиниот двор
- Цел сантиметар
- Грб
- Долапи и влечки
- Чај од кајсии
- Ателје за рачна работа
- Бескрајното небо на Пјер Безухов
Осврт кон делото
уредиВо освртот кон збирката, Лидија Димковска вели дека авторката создава литература од животот, а од литературата живот. Според неа, расказите во збирката ги обединува ставот дека живите и мртвите се современици, а Ќорвезироска како да поседува ексклузивно право да ги среќава мртвите и живите поети и писатели во јавниот простор на македонската култура и општество и со нив да разговара само за лични нешта. Расказите опишуваат семејни настани кои истовремено го тераат читателот да се смее и да плаче („Четвртоци“, „Грб“, „Солза в уво“, „Промена на името“), „Ненадоместливото“ има есеистички карактер, а за „Две перници“ се поставува прашањето, зошто не е роман или барем новела?[2]
Ермис Лафазановски истакнува дека двете перници се симболи кои ја раскажуваат животната приказна на авторката, нејзината виртуелна, а истовремено и можно реална автобиографија, создадена од љубов и омраза, радост и тага, болка и непрепебол. Збирката делува како да е единствен текст, една нарација, еден здив и во неа се испреплетуваат двете фундаментални антрополошки категории: животот и смртта. Перниците како моќна метафора понатаму создаваат многу други детали (прозорецот, ѕидот, крушата, грбот, долапите и влечките, сребрениот прстен, чешелот) кои не служат само како украс во нарацијата, туку се здружуваат, се множат и се делат по вертикала и хоризонтала, создавајќи калеидоскоп од понатамошни упатства за читање, размислување, имагинација, јазично-стилски заедништва и бравурози. Доминантна слика во збирката е силата на сеќавањето кое е предизвикано токму од деталите. Притоа, меморијата на деталите создава дефиниции и обликува вредности кои се својствени на целата збирка. На тој начин, читателот сигнува до писателскиот субјективитет на Ќорвезироска, кој напати е соголен („Две перници“, „Ненадоместливото“), напати исфрустриран и страшен („Нога од памук“, „Утре сабајле“), напати мистичен и магичен („Агенција за случки“, „Превод“, „Чешел“), а напати поетичен и меланхоличен („Солза в уво“, „Бескрајното небо на Пјер Безухов“). Деталите во збирката опишуваат круг кој започнува од минијатурниот предмет или мисла, потоа стануваат минијатурни категории на авторката, па реченици и раскази. Според неговата оцена, збирката се одликува со јазична и интуитивна оригиналност, со што станува дел од македонската современа книжевност.[3]
Технички одлики
уредиКнигата, со димензии од 20 сантиметри и со обем од 186 страници, била испечатена во „Печатница Наумовски“. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4577-73-7. Нејзиното објавување било финансиски помогнато од Министерството за култура на Република Македонија.[1]