Современа македонска книжевност

Под поимот современа македонска книжевност се подразбираат сите уметнички книжевни остварувања на македонските писатели по крајот на Втората светска војна. Во овој временски период македонската книжевност бележи интензивен развој, како последица на забрзаната културна и духовна еманципација на македонскиот народ. Општествено-политичката средина, постојаните литерарни иновации, како и големите промени во светската книжевност придонеле за жанровското разнобразие во оваа област на македонската култура. Книжевноста од овој период може да се издели на повеќе етапи според жанровскиот сооднос во нејзиниот седумдецениски развоен тек: социјален реализам, поетика на интимизмот, психолошки и лирски реализам, критичка поезија, модернизам, фантастика, проза на документот, постмодернизам итн.[1]

Современа македонска поезија

уреди

Во НОБ и Народната револуција активно учество зеле голем број културни работници, меѓу кои и млади поети. По завршувањето на војната тие целосно се посветиле на книжевна и културна дејност. Се појавила првата поетска генерација, што ја сочинуваа: Ацо Шопов, Славко Јаневски, Блаже Конески, Гого Ивановски и Гане Тодоровски.

Во педесеттите години се појавила втората, или средната генерација поети: Србо Ивановски, Матеја Матевски, Цане Андреевски и Анте Поповски.

Кон крајот на педесеттите настапи и третата млада генерација чии најистакнати претставници се: Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски, Јован Котески, Петар Бошковски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Михо Атанасовски.

Во понатамошниот период поетски, прозни и драмски дела создаваат низа автори: Бранко Варошлија, Ката Мисиркова-Руменова, Горан Стефановски, Ташко Георгиевски, Борис Вишински, Благоја Иванов, Радован Павловски и други. Со нив и завршува периодот на современата македонска книжевност во XX век. Во XXI век започнува нов период од развојот на македонската книжевност.

Поема

уреди

Лирско-епски творби

уреди

Песни во проза

уреди

Современа македонска проза

уреди

Раскази

уреди

Расказот, како куса раскажувачка форма, се појавил уште во првите години по војната и воедно претставувал најплоден книжевен жанр, на чие поле твореле сите автори од раната модерна доба. Во првата повоена декада, македонските раскажувачи ги користеле класичните наративни методи и техники, со тоа што нивните куси творби спаѓале во доменот на реализмот од светската книжевност. Содржините кои ги обработувале биле претежно со воена тематика, според нивните животни искуства од Втората светска војна. Дел од овие прозни творби биле напишани за време на војната, но поради оскудните прилики во тоа време, биле публикувани подоцна.

Домашната книжевна критика го смета Владо Малески за втемелувач на современиот македонски расказ. Своите раскази ги објавувал во списанието Нов Ден, а со неговиот прв објавен расказ „Селанка од копачка“ отпочнал една богата традиција во македонската куса проза. А Јован Бошковски е автор на првата збирка раскази на македонски јазик „Растрел“, објавена во 1947 година. Значајна е и уметничката дејност на Ѓорѓи Абаџиев, чии раскази ја отсликувале револуционерната борба на македонските дејци од пред илинденската епоха. Главни јунаци во неговите прозни дела биле историските војводи и борци за слобода како Гоце Делчев, Даме Груев и Јане Сандански.

Творештвото на Иван Точко и Стале Попов било обоено со поинакви мотиви од дотогаш воспоставените. Тие го опишувале животот на секојдневните, мали и безимени јунаци, раскажувале за менталитетот на луѓето од руралната средина (Мариовo и околината), сето тоа проткаено низ сатирично-хумористична призма.

Модернистичката определба на Бранко Варошлија и Димитар Солев внела новини во дотогашните реалистични наративни постапки врз кои била изградена македонската проза. Збирката раскази „Осамени минувачи“ на Варошлија и раното прозно творештво на Солев (расказите „Окопнети снегови“ и „По реката и спроти неа“) биле повод за еден вид литерарен натпревар помеѓу писателите кои го применувале класично-реалистичниот раскажувачки метод од една страна, и оние кои ги следеле новите европски наративни техники од друга страна.

Посебен сегмент на македонската проза се мини-расказите, т.н. „куса, мала форма“. Нејзините зачетоци можат да се лоцираат уште во „кусите приказни со животни“ собрани од Марко Цепенков, а куси раскази се застапени и во делата на авторите од првата генерација македонски писатели: во книгата „Дневник по многу години“ (1988) на Блаже Конески и во „Петто годишно време“ (2001) на Славко Јаневски. Куси раскази пишувале и Влада Урошевиќ и Митко Маџунков кон крајот на 1960-тите и 1970-тите години. Сепак, кусата проза својот пробив го доживеала во модернистичките и постмодернистичките тенденции во првите децении на XXI век. Тогаш, на македонската сцена се појавиле неколку збирки со микрофикции, а исто така, и во неколку класични збирки раскази се среќаваат куси прозни текстови со различни имизња: „мини-мини раскази“, „куси-куси прози“, „прозни записи“, „цртички“, „прозни скици“, „импресии“, „куса проза“, „микрофикција“, „секавична проза“ итн. Во 2012 година се појавила првата студија посветена на микрофикцијата - „Најкраткото долго - аспекти на микрофикцијата“, дело на Жарко Кујунџиски, а во 2019 година, издавачката куќа „Темплум“ ја објавила антологијата на македонски куси раскази, „Летаат приказни“. Исто така, во „Антологијата на светскиот краток расказ“ на Давид Албахари се застапени и раскази на двајца македонски писатели - Влада Урошевиќ и Митко Маџунков.[2]

Македонскиот роман

уреди

Првиот објавен роман на македонски јазик бил „Село зад седумте јасени“ од Славко Јаневски, отпечатен во 1952 г. Но, се смета дека „Крпен живот“ на Стале Попов бил првиот напишан роман, но авторот не бил во можност навремено да го издаде.[3] Првиот роман од Македонец, но на англиски јазик, бил „Мара“ од Стојан Христов, објавен во САД, 1937 година.

Се разбира, македонските романописци твореле и во првата половина на XX век, но нивните дела не биле на нивниот мајчин јазик. Од нив позначајни биле Ангелко Крстиќ, Венко Марковски и Јован Стрезовски.

Македонскиот роман особено продолжил да се развива во 60-те, 70-те и 80-те години на XX век со делата на Ташко Георгиевски, Петре М. Андреевски и други.

Современа македонска драма

уреди

Драмата е книжевно дело наменето за сценска (театарска) изведба. Драмата не раскажува, ами прикажува. Нејзиниот текст е во форма на дијалог, но може да биде и во монолошка форма (монодрама).

Овој книжевен жанр во Македонија првпат се појавил уште во втората половина на XIX век, период кога овде творел и учителствувал Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Тој во училиштата каде држел настава, организирал драмски претстави во кои настапувале неговите ученици. Македонската драма своите длабоки корени ги има во фолклорната драма: коледарска, василичарска, џамаларска, додолска и др. Во периодот на просветителството во Македонија посебен потстрек за развојот на граѓанската драма имаат заложбите на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, а кон крајот на XIX век во рамките на книжевните друштва на македонската емиграција во Софија, особено се негува и драмскиот книжевен вид.

Основоположник на македонскиот театар е Војдан Чернодрински кој со турнеите на својата дружина ја огласил појавата на македонската драма на Балканот, а од друга страна го поттикнал и развојот на театарот во повеќе македонски градови. Современиот развиток на македонското драмско творештво на македонското драмско писмо се одвива во тесна врска со развитокот на македонскиот театар. Како доминантен жанр во шестдеценискиот развиток и многукратно распространет подем. Токму овој драмски жанр е најзастапен и во книжевните публикации на македонската драма.

Првиот посериозен обид за драмско творештво бил направен од страна на Војдан Чернодрински, кој воедно се смета за основоположник на македонската драма. Тој со неговата театарска дружина ги пропатувал македонските градови, каде го промовирал уметничкото творештво на македонски јазик.

По стекнувањето независнот и државност, македонската драма доживеала огромен подем и напредок, со што отворила една нова етапа во нејзиниот повеќевековен развој. На сцената се појавила новата генерација повоени драматурзи, од кои поистакнати се Коле Чашуле, Горан Стефановски и Томе Арсовски.

Научно-публицистички жанрови

уреди

Автобиографија

уреди

Патопис

уреди

Патописната проза е жанр кој претставува вркстување на фактот со фикцијата (литерарно обликување на исказот). Овој жанр се појавува нешто подоцна на македонската книжевна сцена, а првото остварување од ваков тип е делото „Стреи и песоци“ на Томе Момировски (1956). Иако мал по обем, овој прозен жанр е постојано застапен во седумдеценискиот развој на современата македонска книжевност. Инспирација на повеќето македонски патописци биле неистражените природни убавини и неоткриениот духовен лик на Македонија. Меѓу позначајните патописи спаѓаат „Куќа цел свет“ од Богомил Ѓузел и „Аркашон“ на Данило Коцевски. Многумина од македонските романописци (Петре М. Андреевски, Луан Старова) својата писателска дејност ја започнале токму со опишување на личните патнички доживувања.

Дневници и мемоари

уреди

Книжевност за деца

уреди

Не може со сигурност да се тврди кога се појавила детската книжевност, но за нејзин основоположник се смета Јордан Хаџи Константинов - Џинот. Тој го издал првиот буквар на македонски јазик „Таблица перваја“, а значаен сегмент од неговото творештво за млади биле и неговите сценско-дијалошки творби со дидактички карактер. Освен него, Григор Прличев ја има издадено збирката од 12 песни насловена како „Воспитание“, додека Марко Цепенков во својата собирачка дејност вклучувал песни и сказни наменети за деца. Цепенков е автор на „Силјан Штркот“, една од првите сказни за деца во македонската книжевност.

Македонската книжевност за деца својот подем го достигнала по крајот на Втората светска војна. Во тој период се појавиле неколкумина писатели чие животно творештво било исклучително од оваа книжевна област. Васил Куноски пишувал песни за деца со родољубива содржина, додека Видое Подгорец со пиесата „Полската куќичка“ упатил морална порака дека злото и неправдата треба да останат надвор од детскиот свет. Славко Јаневски, иако своето творештво не го ограничил само на овој вид книжевност, дал значаен придонес во развојот на македонската книжевност за млади. Ја издал збирката раскази „Сенката на Карамба Барамба“, чиј имагинарен свет претставува синтеза на непознатото и необичното. Освен ова дело, карактеристична е и неговата поезија за деца со космополитски карактер, поточно збирката „Црни и жолти“, каде јасно упатува против расната дискриминација.

Прозата за млади произвела дела и јунаци со универзален каректер. Најголем белег на ова поле оставил ликот од истоимената книга на писателката Оливера Николова, „Зоки Поки“, кој бил окарактеризиран како „дете на мирот“. Освен него, значаен е романот „Волшебното самарче“ на Ванчо Николески, чиј главен лик Трајче е приказ на младич со хуманистички пориви и поведение. Од останатите прозни дела се издвојуваат „Белото Циганче“ на Видое Подгорец, „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски, протолкувани како соодветен пример за борба помеѓу доброто и злото, како и повеќе дела на Горјан Петревски, Славка Арсова и др.

Македонска наука за книжевноста

уреди

Македонската книжевна критика скромно почнува во XIX век. Таа доаѓа до особени израз во повоениот период кога конечно се развива во наука за книжевноста. Најистакнат автор на полето на книжевната критика е Димитар Митрев. На полето на истражувањето на нови и непознати и помалку познати автори од минатото на македонската книжевност, меѓу најзначајните имиња е она на Харалампие Поленаковиќ, понатаму Блаже Конески, Александар Спасов, Воислав И. Илиќ, Георги Старделов, Александар Алексиев, Васил Тоциновски, Гане Тодоровски и други.

Македонската книжевност во XXI век

уреди

Во првите години на XXI век се појавија повеќе млади автори кои со своето творештво, на разни начини, се истакнаа во книжевноста. Првата генерација млади македонски автори во XXI век ја сочинуваат: Никола Маџиров, Лидија Димковска, Гоце Смилевски, Славчо Ковилоски, Звонко Танески, Владимир Мартиновски и други. Втората генерација млади македонски автори во XXI век ја сочинуваат: Фросина Пармаковска, Елена Пренџова, Михајло Свидерски, Петар Андоновски и други.

Литература

уреди
  • Миодраг Друговац, Историја на македонската книжевност, XX век, Мисла, Скопје, 1990.
  • Георги Старделов, Портрети и профили, Мисла, Скопје, 1987.
  • Георги Сталев, Македонскиот верс, Македонска книга, Скопје, 1970.
  • Христо Георгиевски, Македонскиот роман 1952-1982, Мисла, Скопје, 1983.
  • Милан Ѓурчинов, Современа македонска книжевност, Мисла, Скопје, 1983.

Наводи

уреди
  1. Друговац, Миодраг (1990). Историја на македонската книжевност, XX век. Скопје: Мисла. ISBN 86-16-00203-7 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).
  2. Владимир Мартиновски, „Микропролог“, во: Летаат приказни. Скопје: Темплум, 2019, стр. 1-5.
  3. македонски јазик и литература

Надворешни врски

уреди


Поврзано

уреди