Даскал Камче со вистинско име Камче Наков Поп-Ангелов[1] (околу 17901848) — македонски просветен деец, учител и печатар. Ја отворил една од првите печатници во Македонија, во екот на македонското просветителство и борбата против грцизмот, во првата половина на XIX век. Во чест на неговата печатарска дејност, печатницата во Кавадарци го носи неговото име.[2]

Даскал Камче
Роден околу 1790
Корешница, Демиркаписко
Починал 1848
Ваташа, Кавадаречко
Народност Македонска
Познат Просветен деец, учител и печатар
Татко Нако Поп Ангелов
Деца Димитар Поп Ангелов

Живот, учителско-просветна и творечко-книжевна дејност

уреди

Рано детство

уреди

Роден е околу 1790 година во селото Корешница, близу Демир Капија во сиромашно семејство кое во почетокот на XIX век се доселува во кавадаречкото село Ваташа. Во Ваташа го започнал своето школување, кое набргу го напуштил поради материјалните тешкотии и самоучки го совладал писмото.[2][3]

Според народните преданија се вели дека Камче уште од мал имал голем афинитет кон пишаниот збор и образованието. Тој бил особено надарен за пеење, а набргу бил приметен од црковните органи и бил поканет да пее во црковниот хор на црквата „Успение на пресвета Богородица”.[2]

Образовна дејност

уреди

Желбата да научи нешто повеќе го терала постојано да патува. Еден период престојувал во Белград каде го дооформувал своето образование за подоцна[2] 1827/1828 година престојувал во Света Гора, каде што го научил грчкиот јазик и го усовршил црковното пеење.[3]

 
"Кратко описание двадесјат манастиреј обретајуштесја во Светој Гору Атонској" 1839 година

За да ја олесни работата на водичите, како и на посетителите на Светогорските манастири Даскал Камче изработил еден краток водич за дваесетте Светогорски манастири наречен "Кратко описание двадесјат манастиреј обретајуштесја во Светој Гору Атонској".[2] кој бил објавен од Теодосиј Синаитски во февруари 1839 година.[4] Книгата е напишана на црковнословенски јазик, а само описот на манастирот Зограф е на македонски народен јазик. Според Марин Дринов, книгата била превод од сличен грчки текст,[5] но тоа не го намалува значењето и фактот дека Даскал Камче имал творечки обиди, меѓу кои делумно и на народен македонски јазик во екот на македонското просветителство на почетокот на XIX век.[5] По неколку поминати години на Св. Гора Даскал Камче се вратил во Ваташа во 1830 година.[2]

Отворање на народно училиште

уреди
 
Училиштето во Ваташа.
 
Училиштето (народното читалиште) во Ваташа

Збогатен со нови сознанија, идеи и искуства даскал Камче прави обид во Ваташа да отвори народно училиште, по примерот на оние училишта што имал можност да ги види во Белград, Софија, Солун, Скопје, Велес и други градови. Меѓутоа сите негови обиди и идеи биле попречувани од грчкиот фанариотски владика Јеротие, кој по еден месец во годината престојувал во селото Ваташа. Меѓутоа Даскал Камче бил упорен и енергичен во остварувањето на својата идеа.[2]

Го предводел народното незадоволство против грчкото свештенство и бил иницијатор за изградба на ново училиште одвоено од црквата, а истовремено одржувал врски со архимандритот Теодосиј Синаитски.[3]

Во 1830 година по негова иницијатива ваташани започнале со изградба на селското училиште кое се наоѓало во непосредна близина на црквата Св. Богородица. За прв учител на световното училиште во Ваташа бил назначен Камче Наков, а по тоа го добил и прекарот "даскал" по кој бил познат додека бил жив, а тоа останало и како дел од неговиот личен идентитет и подоцна во македонската историја и историографија.[3]

Печатарска дејност

уреди
 
Страница од „Таблица перваја“
 
Бугарски обид да се бугаризира печатницата на Даскал Камче, со приказ на постер печатен многу години после неговата смрт. За таа цел поставено е лого на кое допишале дека се работи за истата печатница која ја водел Даскал Камче од 1837 година и испис дека истата била бугарска.

Со материјална помош од кавадаречкиот богатник Јовко Марков и од Теодосиј Синаитски, тајно ја отворил познатата Ваташка печатница во 1836 година, една од првите во Македонија, набавувајќи го печатарскиот материјал во Белград.[2][5]

Сместена во неговиот дом, печатницата почнала да печати мали книшки. Се претпоставува дека во ваташката печатница на Даскал Камче се отпечатени Таблица перваја на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, како и книгата „Служение еврејско”.[2] Нејзината работа ќе биде оневозможена во моментот кога ќе биде откриена од грчкото свештенство. Сепак, таа благовремено е префрлена во Солун од страна на Синаитски во 1839 и таму продолжува да работи сè до 1842 година, кога изгорела во подметнат пожар. Во 1847 година, Даскал Камче, повторно потпомогнат од Јовко Марков, купува во Белград букви за нејзината обнова, но тоа му создава нови непријатности. Смртта во 1848 година го спасува од поголеми малтретирања.[5] Според други податоци Даскал Камче починал околу 1855 година.[2]

По неговата смрт извесен период во Ваташа како учител работи неговиот син Димитар Поп Ангелов, кој подоцна се преселил во Битола. Своето самообразование даскал Камче успеал да го издигне над нивото на своите учители, при што се здобил со завидна култура за времето во кое што живеел.[2]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Тодоровски, д-р Томислав. Македонија - настани, личности, дела. Општ книжевно-историски прирачник. „Матица македонска“, Скопје-Мелбурн, 1999. стр.226
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 410–411. ISBN 978-608-4621-04-1.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Тодоровски, д-р Томислав. Македонија - настани, личности, дела. Општ книжевно-историски прирачник. „Матица македонска“, Скопје-Мелбурн, 1999. стр.92
  4. Тодоровски, д-р Томислав. Македонија - настани, личности, дела. Општ книжевно-историски прирачник. „Матица македонска“, Скопје-Мелбурн, 1999. стр.92-93
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Тодоровски, д-р Томислав. Македонија - настани, личности, дела. Општ книжевно-историски прирачник. „Матица македонска“, Скопје-Мелбурн, 1999. стр.93