Глигор Стефанов
Глигор Стефанов (Кавадарци, 3 јули 1956) - македонски вајар, значаен за иновацијата на скулптурата во осумдесеттите години и за нејзината промоција во други средини. Живее и создава во Канада.
Глигор Стефанов | |
---|---|
Роден(а) | 3 јули 1956 Кавадарци, НР Македонија |
Занимање | вајар |
Животопис
уредиСтефанов е роден на 3 јули 1956 година во Кавадарци. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1981 година, каде што ги завршил и пост-дипломските студии во 1985 година. Од почетокот на својата кариера Стефанов ја обработувал скулптурата како објект или како комплексна просторна инсталација на објекти. Во средината на осумдесеттите години, започнал да создава просторни инсталации со употреба на природни материјали како памук, слама, трева, глина и дрво. Неговата серија изложби во јавни и во галериски простори како во Кавадарци, Загреб, Белград, Скопје и сл. биле меѓу првите site-specific инсталации и забележале значајна поддршка од македонската и југословенска критика. Со овие дела Стефанов бил вклучен на бројни значајни изложби на авангардната југословенска уметност во Франција, Австрија, Чехословачка, Унгарија, Грција, Германија и во југословенските центри како Сараево, Белград, Загреб и Скопје. Во 1986 година ја организирал својата голема самостојна изложба во Музејот на современата уметност во Скопје, каде што ја изложил серијата Летала во кои основен материјал била сламата. Во 1988 година се преселил во Лондон, каде што наративните аспекти на неговото дело добиле религиозни компоненти. Во раните деведесетти години на 20 век Стефанов создавал серија објекти и инсталации под заеднички наслов Серафини, Керубини и Тронови во форма на ангелски крилја и кругови, во кои и натаму основниот материјал била сламата. Со овие дела се појавувал на изложби во Вајтчапел галеријата во Лондон во 1989 година, Шумата Грајздеил (Grizdale Forest, 1990) и др. места во Англија. Во 1993 година заедно со вајарот Петре Николоски, Стефанов изложувал на 45. Биенале во Венеција како претставник на Македонија. Стефанов како предводник на иконографското студио ARTSOME, ја има насликано македонската црква „Св. Никола“ во Виндзор, Канада, која претставува монументално дело и најголем уметнички потфат во Виндзор и областа Есекс воопшто.[1] Стефанов живее и работи во Монтреал, Канада.[2]
Наводи
уредиНадворешни врски
уреди- Мрежно место
- Стефанов на Facebook
- Замина во потрага по душевен мир[мртва врска] - интервју за Вечер, 2005