Георги Господинов

Георги Господинов (роден на 7 јануари 1968 во Јамбол, Бугарија) — бугарски писател.

Георги Господинов
Роден/а7 јануари 1968
Јамбол, Бугарија
Занимањеписател
НационалностБугарин
ОбразованиеФилологија
Апсолвент наСофиски универзитет
Книжевно движењепостмодернизам
Значајни наградиНационалната книжевна награда за дебитантско дело
Аполон Токсофорос
Сопруг/аБилјана Курташева
ДецаРаја

Животопис

уреди

Господинов е роден во градот Јамбол, во 1968 година.[1] Господинов живее во Софија, каде дипломирал филологија, а на Институтот за литература при Бугарската академија на науките пријавил докторат. Господинов работел како уредник во неделникот за култура „Литературен весник“ и на Новиот бугарски универзитет, каде предавал бугарска книжевност.[2][3]

Творештво

уреди

Творештвото на Господинов е разновидно и опфаќа: поезија, романи, раскази, драми и есеи.

Поезија

уреди

Во 1992 година, Господинов ја објавил збирката песни „Лапидариум“, за која ја добил Националната книжевна награда „Јужна пролет“ за дебитантско дело. Во 1996 година излегла неговата поетска збирка „Црешната на еден народ“ (Черешата на един народ) за која ја добил годишната награда за надобра книга на годината, доделена од Друштвото на бугарските писатели. Во овој период, тој се јавил и како соавтор на две книжевни мистификации: „Бугарска хрестоматија“ (Българска христоматия) од 1995 година и „Бугарска антологија (Българска антология: Нашата поезия от Герова насам), објавена во 1998 година.[1][3]

Драми

уреди

Господинов е автор на неколку успешни драми. Во 2004 година, неговата драма „Д.Ж.“ (иницијалите на Дон Жуан) била прогласена за драма на годината во Бугарија, а таа била прикажана и во Франција и во Австрија. Во 2010 година се претставил со драмата „Апокалипсата доаѓа во шест попладне“ (Апокалипсисът идва в 6 вечерта), која се закитила со националната награда „Аскер“ за најдобар драмски текст во таа година. Европската театарска конвенција (ETC) ја одбрала меѓу 300 драми за престижниот меѓународен фестивал на драмски дела од млади писатели „Хот Инк“ (hotINK at the Lark), организиран од Њујоршкиот универзитет. Исто така, булгарското национално радио направило аудио-верзија од оваа претстава.[4]

Раскази и романи

уреди

Пошироката слава, Господинов ја стекнал со романотПрироден роман“, преведен на околу 20 јазици. Голем успех стекнал и со збирката „И други приказни“ од 2001 година, која била преведена на осум јазици, како и со романот „Физика на тагата“, преведен на седум јазици. Американското издание на „И други приказни“ било номинирано за најголемата меѓународна награда за краток расказ „Френк О' Конор“. Романот „Физика на тагата“ бил прогласен за роман на годината, за 2011/2012 година, во изборот на фондацијата „13 векови Бугарија“, а се закитил и со неколку други награди, како: националната награда „Христо Г. Данов“ за најдобро прозно дело во 2012 година, наградата за книжевност на градот Софија (2012) и наградата „Цветот на Хеликон“ за најпродавана книга во 2012 година. Во 2014 година, италијанскиот превод на овој роман бил номиниран за престижната наградите „Стрега“ и „Грегор фон Рецори“. Истовремено, германското издание на „Физика на тагата“ било номинирано за книжевната награда што ја доделува берлинскиот центар „Куќа на светските култури“, како и за наградата за книжевност и превод „Мост-Берлин“ (Brücke Berlin). Најпосле, овој роман влегол во изборот на десет најдобри европски романи, направен од австриската државна телевизија (ORF). Во 2013 година, Господинов ја објавил збирката раскази „И сѐ стана месечина“ (И всичко стана луна). [2][3]

Есеи

уреди

Во 2013 година, Господинов ја објавил книгата со есеи „Невидливи кризи“ (Невидимите кризи).[1]

Сценарија

уреди

Господинов е автор на сценаријата за неколку краткометражни филмови, од кои „Омлет“ (Omelette) ја освоил специјалната награда на жирито во рамките на меѓународниот филмски фестивал „Санденс“, во 2009 година.[4]

Награди и признанија

уреди

Во 2005 година, Господинов ја добил наградата „Аполон Токсофорос“ за извонреден придонес во развојот на бугарската култура.[2]

Значење и влијание

уреди

Книгата на Господинов „Сите наши рела“ е тема на краткиот расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[5]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 „Белешка о аутору“, во: Георги Господинов, И све постаде месец. Београд: Геопоетика, 2016, стр. 139.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Белешка о аутору“, во: Георги Господинов, И све постаде месец. Београд: Геопоетика, 2016, стр. 140.
  3. 3,0 3,1 3,2 „Белешка за авторот“, во: Георги Господинов, Природен роман, Темплум, Скопје, 2003, стр. 183.
  4. 4,0 4,1 „Белешка о аутору“, во: Георги Господинов, И све постаде месец. Београд: Геопоетика, 2016, стр. 139-140.
  5. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 447-448.