Природне роман (бугарски: Естетствен роман) е роман од бугарскиот писател Георги Господинов. Романот за првпат бил објавен во 1999 година.

Изданија на македонски јазик

уреди

Во 2003 година, „Природен роман“ бил објавен од издавачката куќа „Темплум“, како седма книга на библиотеката „Магма“. Преводот од бугарски јазик го направил Никола Маџиров. Книгата е отпечатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 187 страници. Каталогизацијата е извршена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи ознаката ISBN 9989-902-21-6. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на фирмата „Точка“. На крајот од книгата се наоѓа белешка за авторот.[1]

Содржина

уреди

Во јануари 1997 година, еден писател си купува стол за нишање. Тој е оженет, но по неколку години поминати во тивка нетрпеливост, тој се разведува од сопругата Ема, која претходно останува бремена со друг маж. По разводот, тој пишува роман во фрагменти, во кој раскажува за своите дилеми по разводот и во кој ги бележи спомените од детството. Неговата намера е да напише „природен роман“, т.е. роман што се состои само од почетоци на повеќе приказни. Еден ден, уредникот на едно списание го добива ракописот на романот, но без името на авторот. Набргу, кај него доаѓа една жена, која му кажува дека во романот е опишан нејзиниот заеднички живот со авторот во периодот пред разводот. Уредникот го наоѓа писателот кој живее како скитник, но подоцна, кога романот е готов за печатење, авторот исчезнува...[2]

За делото

уреди

„Природен роман“ ја добил специјалната награда на националниот конкурс „Развитие“ за современ бугарски роман. Во 2001 година, романот бил објавен во Србија (издание на „Геополитка“), а во 2002 година во Франција (издание на „Фебиус“).[3] Исто така, романот добил бројни позитивни рецензии во повеќе бугарски и светски весници и списанија. Така, Livres-Hebdo од Париз го опишал како „неидентификуван литературен објект...во секој поглед блескав и новаторски во однос на формата“; парискиот Le Nouvel Observateur го нарекол романот „забавен и оригинален“; весникот Le Soir од Брисел го опишал романот како „префинето деби“; според весникто „Политика“ од Белград, романот се одликува со „извонреден израз и леснотија на раскажувањето, заедно со вешто преминување низ различните стилови и жанрови“; според Worl Literature Today, вистинската вредност на романот се состои од „прикажувањето на секојдневниот живот во посткомунистичка Бугарија како смеса на обичното и возвишеното“; Симона Мирчева од „Капитал“ го прогласила романот за најдобрата белетристичка книга во 1999 година; според Бојко Пенчев од „Литературен весник“, романот е „книга за животот и за нашата неспособност да се снајдеме ниту со него ниту со неговото опишување“; Митко Новков од „Култура“ го опишува како „егзистенцијалистички постмодернистички роман“; а Марин Бодаков од „Егоист“ го прогласил за „прв роман, по раѓање и слава, на генерацијата на '90-тите“; [4]

Наводи

уреди
  1. Георги Господинов, Природен роман, Темплум, Скопје, 2003.
  2. Георги Господинов, Природен роман, Темплум, Скопје, 2003.
  3. „Белешка за авторот“, во: Георги Господинов, Природен роман, Темплум, Скопје, 2003, стр. 183.
  4. „Светскиот печат за Природен роман“, во: Георги Господинов, Природен роман, Темплум, Скопје, 2003, стр. 185-187.