Википедија:Избрана статија/2008/19
Киро Глигоров бил првиот претседател на самостојна Република Македонија од 1991 до 1999 година. Функцијата ја извршувал во два мандати: прв пат за претседател бил избран на 27 јануари 1991 година од страна на Собранието на Република Македонија, а втор пат на 19 ноември 1994 на општи претседателски избори. Функцијата претседател на Републиката ја вршел до 19 ноември 1999 година.
Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Завршил правен факултет во Белград во 1939 година. Соработувал со Кузман Јосифовски - Питу и активно се вклучил во комунистичкото и антифашистичкото движење. На Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 во манастирот Свети Прохор Пчињски, тој го водел записникот од заседанието, но исто така бил избран и за член на АВНОЈ.
Од 1945 до 1987 вршел бројни високи функции во федералната власт и во комунистичката партија на СФРЈ во Белград. Во 1987 се пензионирал, а потоа продолжил да соработува со Анте Марковиќ, а подоцна и со Петар Гошев на реформирањето на политичкиот и економскиот систем на СФРЈ. Во 1989 се вратил во Македонија.
На 3 октомври 1995 година врз Глигоров бил извршен неуспешен обид за атентат, кој го преживеал со тешки повреди на главата. Нарачателите и извршителите на атентатот до денес се непознати.
Кон крајот на својата кариера, Киро Глигоров бил најстариот македонски политичар, со околу 70 години активност во современата историја на Македонија. Во 1999 година, кога завршил неговиот втор претседателски мандат, тој имал 82 години, а во 2000 Гинисовата книга на рекорди го забележалa како најстар претседател на држава во светот.