Атентат врз Киро Глигоров

Атентат врз Киро Глигоров ― неуспешен обид за убиство на претседателот на Република Македонија Киро Глигоров, извршен на 3 октомври 1995 година.

Атентат врз Киро Глигоров
Дел од Историја на Република Македонија
МестоУлица Македонија, Скопје, Македонија
Датум3 октомври 1995
ЦелКиро Глигоров
Мртви2
Повредени2

Опис на настанот

уреди

На 3 октомври 1995 година, во 9 часот и 50 минути бил извршен атентат врз претседателот на Република Македонија. Глигоров го преживеал атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загинал неговиот возач Александар Спировски, а бил повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Исто така, на повредите подоцна им подлегнал и Ристо Хаџиманов, пензионер, кој бил случаен минувач покрај местото на настанот. Малку подоцна, во 10 часот, во канцеларијата на претседателот на Собранието, Стојан Андов влегле шефот на кабинетот и политичката советничка на Глигоров, Живко Кондев и Снежана Османли, кои го известиле Андов за извршениот атентат и за пренесувањето на Глигоров во Градска болница. Андов се упатил во болницата, каде на една количка лежел Глигоров, кој на прашањето на Андов ги помрднал очните капаци, но не успеал да ги отвори очите. Истиот ден, во Клиничкиот центар била извршена тешка операција на главата на Глигоров од страна на неврохирургот Јовица Угриновски. Потоа, Глигоров бил на боледување околу три месеци и повторно се појавил во јавноста на 14 јануари 1996 година, на годишната средба со шефовите на странските дипломатски мисии во Македонија.[1]

Нападот бил извршен со автомобил-бомба на 3 октомври во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот "Бристол" во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Бомбата, поставена во автомобил АМИ 8, била активирана со далечински управувач кога автомобилот на претседателот минувал покрај неа. Од силината на експлозијата, ситроенот бил целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу. Експлозивната направа била производство на ЈНА, а содржела еден килограм пластичен експлозив, со стотици челични топчиња кои имаат смртоносно дејство во полупречник од околу 50 метри. Автомобилот бил намерно избран за поставување на бомба, затоа што има тенок лим кој може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков шрапнел и го убил возачот на претседателот. Нападот дошол по само еден ден откако во Скопје претстојувал претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ, при што претседателите на двете земји постигнале договор за мегусебно признавање на двете земји.[1][2][3]

Истрага за атентатот

уреди

Иако по атентатот била отворена обемна истрага од страна на МВР, под името „Автомобил“, а се вклучиле и безбедносните служби на САД, Германија и Британија, ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сѐ уште не се познати. Во 1995 година, по неколку месеци од атентатот, како еден од можните атентатори, разузнавачката служба ги посочила „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија. Потоа, тогашниот министер за внатрешни работи како нарачатели ги посочил бугарската „Мултигруп“, југословенската „КОС“ итн. „Братиславска врска“, но не се пронајдени тврди докази околу нивната вмешеност во атентатот. Подоцна, водството на бугарската организација „Мултигруп“ лично дошло во посета кај Глигоров за да ги отфрли тие шпекулации.[1][3] Во април 2008 година во Република Македонија дошла информација преку дневните медиуми дека организатор на атентатот била албанската организација „КОС“, но оваа информација не е потврдена.[4] За обидот за атентат врз него, Глигоров напишал и автобиографска книга „Атентат - ден потоа“, што ја промовирал во 2002 година.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Стојан Андов, „Голем срам е што не се открија организаторите на атентатот врз Глигоров“, Фокус, број 1043, 2.10.2015, стр. 40-43.
  2. „Атентат-ден потоа“, Киро Глигоров (2002)
  3. 3,0 3,1 Гроздан Цветковски, „Неодговорната истрага ги сокри атентаторите“, Фокус, број 1043, 2.10.2015, стр. 40-43.
  4. Извештај на телевизија Канал 5 околу атентатот