Боро Петрушевски-Папучар ( 1920 Куманово21 април 1943 во Горанце, Качаничка Клисура) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија, македонски комунист и учесник во НОВ. Заедно со Лазо Колевски, Петрушевски е првиот кој на 8 септември 1941 година убил непријателски војник по окупацијата на Македонија во Втората светска војна. На 20 декември 1951 е прогласен за народен херој на Југославија.[1][2]

Боро Петрушевски-Папучар
Роден 1920 година
Куманово, Македонија
Починал 21 април, 1943 година
Горанци, Качаничка Клисура

Животопис

уреди

Рани години

уреди

Боро Петрушевски е роден во сиромашно земјоделско семејство на Апостол Петрушевски во Куманово. Многу мал се соочил со суровата судбина која наместо во училишните клупи го однела во папучарскиот дуќан. Дење работел во слаткарница, а ноќите ги поминувал во умножување на партиски пропаганден материјал во својот стан.

Во 1936 година станал квалификуван работник и член на СКОЈ. Во 1937 година бил примен во УРС-овите синдикати, а кон крајот на 1939 година станува член на КПЈ. Оставил впечаток на правичен, но бунтовнички расположен против ненародниот режим. Во 1937 година се одржувал некаков шовинистички митинг, организиран од страна на режимот. Не можејќи да го поднесува шовинистичкото истапување на говорникот се искачил на бината и во присуство на сите граѓани, го истуркал од бината. За овој инцидент бил затвоен и претепан во полицијата. Но, бидејќи имал само 17 години и бил малолетен, бил ослободен.[1] Во 1938/1939 г. Петрушевски раководи со штрајковите на папучарските и чевларските работници во Куманово, а по преселувањето во Скопје во 1939 година,[3] го организирал и раководел штрајкот на папучарските работници во Скопје во 1940 година. Во 1941 година станал секретар на партиската ќелија на кожарските работници.

Во НОБ

уреди
 
Спомен плоча на местото каде Боро Петрушевски го пробил бугарскиот непријателски обрач на 8 септември 1941 година, убивајќи еден бугарски војник.

Ноќта меѓу 8 и 9 септември 1941 година кај Водно бугарската полиција и војска започнала рации, при што Петрушевски бил опколен. Тој успеал да го спакува гештендерот и да го пробие обрачот. Во судирот потешко ранил еден бугарски војник, кој подоцна починал од повредите.[4][5] Веднаш потоа Петрушевски му се приклучил на Скопскиот партизански одред. По расформирањето на одредот на 2 ноември, за него настапиле тешки денови на илегален живот. Заедно со уште пет другари од Одредот заминале за Прилеп каде требало да се приклучат на Прилепскиот партизански одред.

Во пролетта 1942 година Петрушевски се приклучува на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“, а потоа кон крајот на 1942 година на Вториот скопски партизански одред каде е политички комесар на чета. Во 1943 година е борец во Шарпланинскиот партизански одред.[6] Бил многу ценет меѓу партизаните и населението, бидејќи знаел да развие широка политичка и мобилизаторска активност.[1]

Во април 1943 Боро добил задача да воспостави врска со партизанската организација во Скопска Црна Гора. Но, на патот кај селото Горанце, близу Качаник, загинува во непријателска заседа на Албанските балистички банди.[1]

Во негова чест, едно средно училиште во Скопје го носи неговото име.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Беа, загинаа, останаа“ - спомен книга на загинатите борци во НОВ и жртвите на фашизмот - Скопје, 1969, 15 стр.
  2. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, 311 стр.
  3. „Имињата на улиците на Скопје, Скопје, 1981, 39 стр.
  4. Александар Спасовски, „Партизанското движење во Скопје и Скопско 1941-1945“, Архив на Скопје, Скопје, 1984, 45 стр.
  5. Крсто Здравковски, „Да не се заборави“, Архив на Скопје, 1982, 42 стр.
  6. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, 1154 стр.