Боро Поцков

(Пренасочено од Борис Поцков)

Боро (Боривој) Поцков познат и како Мирко Шпанецот (Струмица, 18 април 1916 - Струмица, 19 јуни 1981) бил учесник во Шпанската граѓанска војна,[1][2][3] учесник во НОВ и генерал-мајор на ЈНА. Носител е на Партизанска споменица 1941.

Боро Поцков
Роден 18 април 1916
Струмица, СХС денеc Македонија
Починал 19 јуни 1981
Струмица, СФРЈ, денес Македонија
Занимање генерал, учесник во Шпанската граѓанска војна, пратеник

Животопис

уреди

Боро Поцков е роден во Струмица на 18 април 1916 година. Завршил три класа гимназија по што во Белград го учи печатарскиот занает. Станал член на Синдикатот на графичките работници, во 1937 година е примен за член на СКОЈ, а во 1938 година, пред тргнувањето за Шпанија, станал и член на КПЈ.

Во пролетта 1938 година заминал за Шпанија каде од април 1938 бил борец на баталјонот „Дивизионарио“ во составот на 45-та дивизија на Интернационалните бригади.[4] Бил ранет во јули 1938 година во битката на Ебро.[5]

По повлекувањето од Шпанија бил во концентрационите логори во Франција.[6][7] По капитулацијата на Франција, со група од 50-тина југословенски логораши заминува на работа во Германија, каде е одреден да работи во градот Хале во близина на Лајпциг. Во мај 1941 година, заедно со неколку други југословенски логораши, успева да избега и се враќа во Југославија.[8][9]

Во септември 1941 година се префрла во Сараево и се вклучува во НОБ на Босна и Херцеговина.[10] Во октомври 1942 година бил заробен и предаден на Германците. Откако поминал два месеци во затвор во Сараево, бил испратен во работните логори во Германија, каде останал девет месеци. Откако добил бугарски пасош, успеал да се врати во Југославија.[11]

Во есента 1943 година се вклучува во НОВ на Македонија и станува командант на Петтата оперативна зона на НОВ и ПОМ. Бил командант на Кумановскиот и на Струмичкиот партизански одред (30 август 1944), командант на баталјон, началник на штаб и командант на дивизија на НОВЈ. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ.

По ослободувањето, работи во УДБА, а потоа во декември 1947 година е испратен на школување во СССР, на Фрунзеовата академија. По донесувањето на Резолуцијата на Информбирото, во јуни 1948 година, заедно со останатите југословенски академци, се вратил во Југославија. Го продолжува школувањето на Вишата воена академија во Белград, која ја завршил во 1955 година. Потоа се наоѓал на разни командни должности во ЈНА. На 1 мај 1965 година е пензиониран со чин генерал-мајор. По пензионирањето бил сојузен пратеник во два мандати и пратеник во Собранието на СРМ. Починал во Струмица на 19 јуни 1981 година.[12][13]

Наводи

уреди
  1. „Фалсификувани пасоши за доброволците“ во „На шпанската земја. Сеќавања на учесници во Шпанската граѓанска војна“, Скопје, 1961, 11-21.
  2. „Борбите на реката Ебро“ во „Сеќавања на учесници во Шпанската граѓанска војна“, Скопје, 1961, 129-140.
  3. „Повторно доброволци“ во „Сеќавања на учесници во Шпанската граѓанска војна“, Скопје, 1961, 148-154.
  4. „Интербригадисти од Македонија во Шпанската револуција“ во „Во срцето на Шпанија. Сеќавања на интербригадисти од Македонија“, Скопје, 1975, 243.
  5. Boro Pockov – Mirko “Borbe na reci Ebru” vo Čedo Kapor (ur.) "Španija 1936-1939", "Vojnoizdavački zavod", Beograd, 1971, tom 3, 477-484 str.
  6. Божо Стефановски, Боро Поцков - Мирко, „Во интернационалните бригади на Шпанија“, Скопје, 1989, 90-96.
  7. Симо Младеновски, Учеството на Македонците во Шпанската граѓанска војна, библиографија, на истото место, 229-230, библ. единици 171-182.
  8. Ćiril Dropuljić “Povratak u zemlju” vo Čedo Kapor (ur.) "Španija 1936-1939", "Vojnoizdavački zavod", Beograd, 1971, tom 4, 439-442 str.
  9. Ацо Манински „Боро Поцков-Мирко“, Струмица, 2011, 9 стр.
  10. Olga Marasović i Moni Finci “Španski borci u Sarajevu 1941.” vo Čedo Kapor (ur.) "Španija 1936-1939", "Vojnoizdavački zavod", Beograd, 1971, tom 4, 471-481 str.
  11. Ацо Манински „Боро Поцков-Мирко“, Струмица, 2011, 10-11 стр.
  12. Ацо Манински „Боро Поцков-Мирко“, Струмица, 2011, 14 стр.
  13. Автобиографија, ракопис во Општинскиот одбор на Сојузот на борците од НОВМ во Струмица.

Литература

уреди
  • Boro Pockov – Mirko “Izrada pečata, štembila i pasoša za španske dobrovoljce” во Čedo Kapor (ur.) "Španija 1936-1939", "Vojnoizdavački zavod", Beograd, 1971, tom 1, 454-457 str.
  • Boro Pockov – Mirko “Borbe na reci Ebru”, во Čedo Kapor (ur.) "Španija 1936-1939", "Vojnoizdavački zavod", Beograd, 1971, tom 3, 477-484 str.
  • Ацо Манински „Боро Поцков-Мирко“, Струмица, 2011.