Библиотека „Искра“ - Кочани

библиотека во Кочани

Библиотеката „Искра“ во Кочани е градска библиотека формирана во јуни 1941 година.

Библиотека “Искра“
Основанојуни 1941
Седиште,
Опслужувани подрачја
Општина Кочани
Вработени
8
Мреж. местоhttp://www.bibliotekaiskra.mk

Историјат

уреди

Во јуни 1941 се одржало основачко собрание за формирање на читалиште во Кочани, кое било меѓу првите формирани во тоа време во Македонија, со значајна и прогресивна улога во ширењето на народно-ослободителното движење во Кочани и Кочанско. На одржаното собрание е избрана управа на читалиштето и притоа за претседател бил избран д-р Тодор Апостолов - Доче, виден и лојален граѓанин на тогашната власт. Изборот на ова лице претставувал „покритие“ на вистинските идеи на тогашните основачи, напредни младинци од редовите на Комунистичката партија или нејзини симпатизери. Така, во управата бил избран Благоја Попов, Стојан Христов (библиотекар), Љупчо Ефремов Сантов, Бота Трендова, Боро Ефремов, Страшо Христов, Геро Максимов и други.

По изборот на управата се пристапило кон избор на името на читалиштето. Имало многу предлози и по бурна дискусија на крајот се прифатил предлогот на еден од членовите, Славко Митев, читалиштето да се вика „Искра“. Така, во летото 1941 година во куќата на Љубо Павловиќ (во тоа време веќе иселен во Србија), на главната улица и шеталиштето во Кочани, својата работа ја започнала Библиотеката „Искра“.

Активноста на читалиштето завршила при крајот на окупацијата, со опожарувањето на Кочани, кога била изгорела и куќата на Љубо Павловиќ. По ослободувањето Читалиштето „Искра“ прераснало во Градска библиотека, а бројот на книгите повторно се обновил. Во истото време почнало и ширење на мрежата на библиотеки и читалишта во Оризари, Зрновци, Грдовци, Облешево, Чешиново. Библиотеката „Искра“ станала Матична библиотека на општинско ниво.

Местоположба

уреди
 
Зградата на библиотеката денес

Кочанската библиотека често била преселувана (приватни куќи, Дом на култура „Бели мугри“, во Домот на АСНОМ), за најпосле, во 1989 година, повторно да се најде на местото каде што била и основана.

Денес Јавната општинска установа Библиотека „Искра“ опстојува заедно со две подрачни библиотеки: една во населбата Оризари, Библиотека „Св.Кирил и Методиј“, и другата во основното училиште во село Чешиново, „Никола Карев“.

Книжен фонд

уреди

Вкупниот книжнен фонд на библиотеката „Искра“ е околу 67.050 монографски публикации.[1] Од 1967 година вработените во МБ „Искра“ се формираат библиотечните одделенија и клонови кои започнуваат со стручната обработка на монографските публикации според светските библиотечни стандарди ISBN(M).

Најголемиот оддел е Одделот за возрасни. Тој е носител на околу 31.500 монографски публикации, од кои 23.800 се на македонски јазик, 7.700 се на српскохрватски јазик, а останатите книги се на другите светски јазици.

Фондот во Детското одделение има 22.250 монографски публикации.

Други дејности

уреди

Издавачка дејност

уреди

ЈОУ Библиотека „Искра“ за издавачка дејност била регистрирана во далечната 1985 година. Издавачката дејност и продукција ја координира Издавачки одбор кој се менувал повеќепати. Последниот, кој е актуелен, го сочинуваат: Вангелија Цавкова, претседател, Илија Захариев, член и Данута Ананиева, директор на Библиотеката. Во зависност од содржината на понудениот материјал за печатење, Издавачкиот совет се дополнува со членови, стручни лица од одредена област.

Во годините на постоењето на издавачката дејност во ЈОУБ „Искра“ излезени се од печат голем број публикации од сите области од автори-граѓани на општина Кочани, но и многу пошироко од неа.

Литературен клуб „Копнеж“

уреди

Литературниот клуб „Копнеж“, како организациона единица на ЈОУ Библиотека „Искра“, постои од 1968 година. Во него членуваат луѓе со афинитет за пишување во сите литературни жанрови, а членовите се од сите возрасти, од различни образовни степени. Членовите на „Копнеж“ се активни учесници на многу литературни настани во општината и надвор од неа, а носители се на две големи манифестации: Детски поетски фестивал „Мајски цвет“ (од национален карактер) и Месец на книгата.

Роднокрајно одделение

уреди

Одделот за роднокрајна дејност во Јавната општинска установа Библиотека „Искра” - Кочани е формиран во 1982 година, а е во функција од април 1983 година. Роднокрајниот фонд во Библиотеката „Искра“ е организиран како самостоен, a соодветно на тоа претставува и специјален фонд. Граѓата во овој фонд е универзална по својата содржина: збирка магистерски трудови, докторски дисертации, публикувани трудови на роднокрајни автори и тоа како монографски публикации, сепарати, ракопис на рака, ракопис на машина, касети, ЦД-а.

Збирката која содржи секаков вид материјал кој му дава информации на корисникот од историјата, земјоделието (производството на ориз - најзначајното обележје на Кочани), економијата, политиката, поточно од сите сфери на општественото живеење на градот Кочани и општината во старите рамки. Оваа збирка содржи: монографски публикации, фотографии, разгледници, ситен печат, весници што биле издавани порано, а и оние што сега се издаваат во Општина Кочани.

Библиотечната граѓа од овој фонд е достапна за сите корисници – истражувачи, ученици, студенти на кои им се потребни податоци за Кочани и Кочанско, а можат да ја користат само во просториите на библиотеката.

Музејска збирка

уреди

Во периодот од 1983 година, па заклучно со јануари 2010 година во состав на Библиотеката, согласно законските прописи, функционирал и Оддел за музејска дејност. Во согласност со новите законски решенија истиот продолжил со работа како Музејска збирка - депанданс на НУ Музеј на Македонија.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Книжен фонд[мртва врска], ЈОУБ “Искра“ - Кочани