Белата тврдина (роман)

Белата тврдина (турски: Beyaz Kale) - роман на турскиот писател Орхан Памук од 1985 година.

Содржина

уреди

Романот се состои од пролог и 11 глави. Во прологот, потпишан од Фарук Дарвиноглу, е опишано наоѓањето на еден стар ракопис во градот Гебзе, во 1982 година. Притоа, авторот во ракописот се раскажува за заедничкиот живот на еден венецијански роб и неговиот турски господар во Истанбул, во 17 век: Пловејќи од Венеција до Неапол, неколку брода се нападнати од турските гусари, кои ги заробуваат патниците и ги носат во Истанбул како робови. Меѓу нив се наоѓа еден млад човек, вљубеник во книгите, кој успева да се спаси претставувајќи се како лекар и астроном. Благодарение на неговото скромно знаење, тој има повластен третман во затворот, а пресвртот во неговиот живот се случува кога успева да го излечи Садик-паша. Подоцна, во домот на пашата, робот среќава човек, наречен Хоџа, кој неверојатно личи на него и кој, исто така, е голем вљубеник во науката. Хоџа и робот се ангажирани да приредат огномет на свадбата на синот на пашата, нивниот проект се покажува како многу успешен и тие се богато наградени. За награда, робот добива понуда да стане муслиман, но тој ја одбива понудата, а потоа него го купува Хоџа. Така започнува неговиот заеднички живот во домот на Хоџа, која постојано се прави дека не е свесен за нивната неверојатна сличност. Робот му ги пренесува своите знаења на Хоџа до областа на астрономијата и другите науки при што за своите идеи Хоџа успева да го заинтересира и малолетниот султан.[1]

Еден ден, Хоџа си го поставува прашањето: Зошто е таков каков што е и какви се луѓето во западниот свет? Поради тоа, тој го принудува робот да почне да пишува за својот живот во Венеција, но со текот на времето, робот го наведува својот господар и тој да почне да пишува за своите идеи и соништа. Набргу, низ градот започнува да се шири чумата. На почетокот, робот е смртно уплашен од неа, а Хоџа е безгрижен, но кога неговото тело ќе се појави мал оток, дури и тој станува исплашен од смртта. Истовремено, во текот на годините поминати заедно, доаѓа до неверојатен духовен пресврт во којшто робот го поприма однесувањето и мислењето на Хоџа, а Хоџа постепено се претвора во робот од времето на неговата младост. Притоа, искористувајќи го стравот на Хоџа, робот успева да избега на еден мал остров, но таму копнее да се врати кај својот двојник, сè додека не го пронајде Хоџа и го враќа назад. Следејќи ги идеите на робот, Хоџа успева да го убеди султанот да преземе мерки за борба против чумата, кои се покажуваат успешни и градот е спасен. Хоџа е поставен за царски астролог и станува главен советник на султанот, добивајќи можност да ги оствари своите идеи за изработка на ново, моќно оружје. Меѓутоа, кога султанот го запознава робот, веднаш ја воочува нивната сличност и сфаќа дека тие си ги замениле своите личности. Тогаш, Хоџа се оддалечува од султанот, хистерично развивајќи го оружјето, додека робот станува миленик на султанот и времето го поминува уживајќи во секојдневните телесни задоволства.[1]

За време на воениот поход во Полска, султанот ги повикува Хоџа и робот, заедно со моќното оружје кое Хоџа безуспешно настојува да го употреби во војната. Соочен со личниот неуспех, Хоџа започнува да го мачи христијанското население, обидувајќи да покаже дека е заглавено во гревови, а пашите коваат завера портив робот. Кога војската пристигнува пред една бела тврдина, Хоџа и робот си ја заменуваат облеката и Хоџа бега кај христијаните, а робот го зазема неговото место како царски астролог. Кога султанот почнува отворено да зборува за неговиот вистински идентитет, тој дава оставка, се оженува и се сели во Гебзе, каде живее повлечен живот. Таму, тој почнува да ја пишува книгата за Хоџа и за робот која, во една прилика му ја чита и на прославениот Евлија Челебија. Еден ден, него го посетува странец кој му кажува дека бегалецот успеал да се врати во Италија, каде се оженил со својата некогашна свршеница при што станал славен со своите книги за животот поминат меѓу Турците. Тогаш, тој му ја дава да ја прочита својата книга и странецот ја сфаќа вистината.[1]

Осврт кон делото

уреди

Со романот „Белата тврдина“ Памук стекнал светска слава, а во ноември 1990 година, весникот Independent го прогласил за најдобар странски роман, опишувајќи го како „извонредно и значајно размислување за Истокот и Западот“ при што низ целата книга се присутни сериозноста, деликатноста и суптилноста својствени за Кафка и Калвино. Според „Њујорк тајмс“, „Белата тврдина“ спаѓа во „оние ретки романи што создаваат целосен и независен свет, проткаен со необичен сјај“.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Orhan Pamuk, Bela tvrđava. Beograd: Geopoetika, 2008.