Анали на Франкското Кралство
Анали на Франкското Кралство (латински: Annales regni Francorum; ARF) — анали што ја опишуваат историјата на Франкија во периодот од 741 до 829 година, главен извор на историски податоци за целиот период на владеењето на Карло I Велики и првата половина од владеењето на Лудвиг I Побожниот.
Претходно, „Аналите на Франкското Кралство“ во историската наука се нарекувале „Големи лоршки анали “ (латински: Annales Laurissenses maiores; по манастирот Лорш, наводното место на настанок) или „ Ајнхардовите анали “ (латински: Annales Einhardi; именуван по Ајнхард, нивниот наводен автор). Но, откако двете хипотези биле побиени, останало само ова име. Биле создадени на дворот на кралевите на франкската држава со цел да ги прослават и да ја оправдаат нивната експанзионистичка политика кон соседите.
Содржина
уредиВо Аналите, даден е краток опис на секој настан во дадена година, при што посебно внимание им се посветува на активностите на Каролиншката Монархија, почнувајќи од доаѓањето на престолот на Пипин Малиот, по соборувањето на меровиншкиот крал Хилдерик III. Значајно место им било дадено и на воените походи што ги преземале каролиншките владетели, каде што своите постапки ги оправдавуале со потребата да се зачува мирот и освојувањата во име на ширење на христијанската вера. Соборувањето на Меровиншката династија е претставено на начин да се оправда пренесувањето на кралската власт од една на друга династија, нагласувајќи го каролиншкото придржување кон франкските традиции и одобрувањето на папата Захариј.[1]
Од тројцата кралеви - Пипин, Карло Велики и Лудвиг Побожниот - најдетално се опишани воените походи на Карлов Велики, дадени описи на неговите победи над Саксонците, Бретонците и другите народи. Описот на походот на Карло против Саксонците е исто така значаен бидејќи содржи еден од неколкуте постоечки описи на Ирминсул, важна, но загадочна гранка на германскиот паганизам практикувана од Саксонците во тоа време. Уништувањето на Ирминсула зазема видно место во хрониката и е опишано како дел од победите на Франките над „нефранкските“ и нехристијанските варвари. Во изворниот текст не се спомнуваат поразите што ги претрпел Карло, како што е Битката кај Ронсво во 778 (подоцна опеана во Песната за Роланд) и Битката кај Сунтел во 782 година. Всушност, Аналите ја опишуваат битката кај Сунтел како победа, иако Саксонците всушност им нанеле тежок пораз на Франките. Заговорот изведен од Пипин Грбавиот против Карло Велики во 792 годините, како и која било неправда од Карло Велики, исто така се премолчуваат. Ревидираниот текст ги вклучува и овие настани, притоа ја задржува општа наклонетост кон кралот на Франките, кој е претставен како неспоредлив војсководец.
Лудвиг Побожниот, син на Карло Велики, ретко е прикажан во битка, најчесто е прикажан како командант кој испраќа други во битка, или како некој што преговара за мир. Контрастот меѓу Лудвиг и неговиот татко е сосема јасен. Додека претходните кралеви биле непоколебливи, прикажани како подобри во однос на нивните непријатели, дури и во пораз, Лудвиг потоа бил прикажан како човек кој ја делегирал воената моќ на другите, слично како што меровиншките кралеви биле прикажани на почетокот на Аналите. Чудата му помагаат на Карло и неговите луѓе, а благодатта Божја го води до победа. Лудвиг главно е опкружен со зло и пропаст, како што е знакот во ѕвездите што наводно го претскажува поразот на неговата војска од Есон и ненадејниот пад на дрвена структура врз него во 817 година.
Делови од хрониката кои ги опишуваат настаните од 9 век повеќе се полни со впечатливи природни појави, чудни настани и чуда. Покрај необичните природни појави, како што се затемнувањата, почнуваат да се бележат и натприродни појави, обично во врска со речиси ритуалното годишно бележење на редовното менување на Божик и Велигден. Небесниот оган во 823 година уништил околу 20 села, а во исто време неименувана девојка наводно го започнала својот тригодишен пост.
Аналите се единствениот доказ дека Карло Велики поседувал слон, по име Абул-Абас, а го споменува Ајнхард, кој го презема од оваа хроника. Овој слон му бил даден на Карло Велики, заедно со други подароци, од абасидскиот калиф Харун ал-Рашид, што сведочи за напорите да се создаде абасидско-каролиншки сојуз во тоа време, за што има само навестувања во Аналите.[2]
Настанок
уреди„Аналите на Франкското Кралство“ биле напишани од неколку хроничари и биле преработени во неколку наврати. Првиот дел од аналите бил составен во 789 година од непознат автор и опишува настани во периодот 741-788 година. Се заснова на списите на „Фредегаровите наследници“ и незачувани анали. Истиот автор потоа почнал да води годишни записи, продолжувајќи ги аналите на 783 година. По него, работата на аналите ја воделе тројца летописци: едниот ги опишал настаните во периодот 795-807 година, вториот во периодот 808-820 година и третиот (кој бил игумен на манастирот Сен Дени Илдуин) ги опишал настаните во периодот од 821 до 829 година. Ова е таканаречената „Прва редакција на „Аналите на Франкското Кралство“. Напишана е на сиров латински со примеси на варваризми. Во обид да го прослави кралот Карло Велики, првиот хроничар пропуштил цела низа настани што можеле да се мешаат во таа цел: тој не го спомнува поразот на Франките во Ронсеволската Клисура во 778 година и востанието на Пипин Малиот во 792 година и поразот на Саксонците во битката кај Зинтел во 782 година ја прогласува победата на Франките.
Околу 812 година, друг непознат хроничар (се претпоставува дека тоа би можело да биде Ајнхард), кој имал еден од преписите на изворниот текст на аналите, го редактирал делот што го опфаќа периодот 741-801 година (тоа е т.н. „втора редакција на „Аналите на Франкското Кралство““), при што бил подобрен книжевниот стил и биле отстранети сите пропусти на претходните автори на аналите.
Така, „Аналите на Франкското Кралство“ станале прилично целосен преглед на историјата на франкската држава во периодот од средината на 8 до првиот квартал од 9 век. Тие биле зачувани во многу ракописи, станувајќи основа за подоцнежните анали, од кои главни се: „Бертински анали“ (за историјата на Западното Франкско Кралство) и „ Фулдски анали“ (за историјата на Источното Франкско Кралство).
Наводи
уреди- ↑ Scholz, Bernhard Walter; Rogers, Barbara (1970). Carolingian Chronicles: Royal Frankish Annals and Nithard's Histories (англиски). University of Michigan Press. ISBN 978-0-472-06186-0.
- ↑ McKitterick, Rosamond (2004). History and memory in the Carolingian world. Cambridge: Cambridge University Press. ISBN 0-511-21108-2. OCLC 173610070.