Амди Бајрам (30 август 195624 октомври 2020) — македонски политичар и претседател на политичката партија Сојуз на Ромите од Македонија (СРМ).

Амди Бајрам
Пратеник на Собранието на Македонија во:
(1994 – 1998)   (1998 – 2002)   (2002 – 2006)   (2006 – 2008)   (2008 – 2011)   (2011 – 2014)   (2014 – 2016)   (2016 – 2020)   
На должноста
1994 – 2020
Лични податоци
Роден(а) 30 август 1956
Скопје, НР Македонија, ФНРЈ
Починал(а) 24 октомври 2020(2020-10-24)(4 г.)
Скопје, Македонија
Националност Ром
Партија СРМ
Професија трговец

Животопис

уреди

Амди Бајрам е роден во Скопје и има завршено средно трговско училиште, а извесно време бил генерален директор на текстилното претпријатие „Шутекс“. Бајрам во 1994 станал пратеник во Собранието на Република Македонија како член на Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), но до крајот на мандатот работел како независен пратеник.[1] Во 1996 го основал СРМ и бил назначен за нејзин претседател. Во периодот 1994–1998 бил во коалиција со владејачкиот СДСМ, а за парламентарните избори во 1998 типувал победа на премиерот Бранко Црвенковски со 102%.[2]

Во периодот 1998–2002 ја поддржувал владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски. При гласањето доверба на владата на Георгиевски по барање на водачот на опозицијата Црвенковски во декември 2000, владата опстоила поради гласот на Бајрам, по што тој изјавил дека им дал „гол со пета“ на СДСМ и дека неговата партија „секогаш е со власта“.[3]

Бајрам во 2004 бил обвинет за кражба на платно од штипската фабрика „Македонка“ вредно 750 илјади евра. Тој првично бил осуден на 7-годишна казна затвор, која потоа му била намалена на 4 години. На локалните избори во 2005, додека пресудата уште не била правосилна, се кандидирал за градоначалник на Шуто Оризари. Иако победил, бил градоначалник нецел месец, бидејќи бил однесен на издржување затворска казна во затворот во Штип. Во 2007 казната му била намалена за шест месеци од претседателот Црвенковски, а во 2008 излегол од затвор.[4]

По напуштање на затворот повторно влегол во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Никола Груевски. Додека партиципирал во коалицијата на Груевски, Бајрам вербално се конфронтирал со повеќемина пратеници на СДСМ, велејќи дека е „бренд како Кока-Кола“ во споредба со нив.[5] За време на протестите организирани од СДСМ пред Собранието на 24 декември 2012, Бајрам им покажал среден прст на насобраните симпатизери на опозицијата.[6] Бајрам ја прекинал коалиција со ВМРО-ДПМНЕ откако партијата заминала во опозиција по парламентарните избори во 2016 и изразил желба да премине во парламентарното мнозинство предводено од СДСМ на премиерот Зоран Заев.[7] Амди бил татко на политичарот Елвис Бајрам, кој бил градоначалник на Општина Шуто Оризари во периодот 2009–2017.

Починал на 64-годишна возраст како последица на срцеви проблеми.[8] Посмртно му бил направен тест за новиот коронавирус кој бил позитивен.[9]

Наводи

уреди
  1. „Биографија на Амди Бајрам“. Собрание на Република Македонија. Посетено на 2017-12-26.
  2. „Амди Барјам пред нов прелет во владино јато“. Независен. Посетено на 2017-12-26.[мртва врска]
  3. „Бранко му го прости „голот со пета" на Амди Барјам“. Вечер. Посетено на 2017-12-26.[мртва врска]
  4. „Амди Бајрам за шест месеци ќе биде на слобода“. Утрински весник. Посетено на 2017-12-26.
  5. „Амди Бајрам до Макрадули: Јас сум за тебе Кока-Кола!“. Вечер. Посетено на 2017-12-26.[мртва врска]
  6. „Амди Бајрам ги „поздрави" поддржувачите на опозицијата со среден прст“. А1он. Посетено на 2017-12-26.[мртва врска]
  7. „Амди Бајрам дел од парламентарната група на ДУИ?“. Алсат М. Посетено на 2017-12-26.
  8. Вест за смртта на Канал 5
  9. „МЗ: Итно спроведување на епидемиолошка анкета со најблиското семејство на Амди Бајрам“. kanal5.com.mk. Посетено на 2020-10-24.