Џорџо Манганели (италијански: Giorgio Manganelli, 15 ноември 1922, Милано - 28 мај 1990, Рим) - италијански писател, есеист, новинар и универзитетски професор.

Животопис

уреди

Манганели работел како професор на „Универзита ди Рома“. Паралелно со писателската активност, Манганели соработувал со „Кориере дела сера“ и во повеќе познати неделници во Италија.[1]

Творештво

уреди

Манганели се појавил во италијанската книжевност релативно доцна: Во 1964 година, на возраст од 42 години, тој ја објавил својата прва книга, „Пресмешна трагедија“ (Hilarotragoedia), трактат за „паднатата“ природа на човекот. Во 1967 година се појавил најважниот теоретски текст на Манганели, „Литературата како лага“ во кој ја изложува својата антивиртуистичка и антивиталистичка програма, одбивајќи да му даде на светот друга реалност освен онаа на хиероглифското пишување. Во неговата богата есистичка дејност централно место зазема интересот за англосаксонската книжевност. Во текот на 1960-тите, Манганели бил еден од најистакнатите претставници од неоавангардното движење наречено „Група 63“. Во 1969 година, Манганели го објавил делото „Нов коментар“ (Nuovo commento) со кое се пробил кон врвот на апстракцијата; во 1972 година, со делото „На последните богови“ (Agli dei ulteriori), запливал во занес на мегаломанска езгалтација. Потоа следеле делата: „Отзаклучок“ (Sconclusione) од 1976 година, „Центурија“ (Centuria) од 1979 година, „Љубов“ (Amore) од 1981 година и „Дискурс за сенката и грбот“ (Discorso del ombra e dello stemma) од 1982 година.[1]

Критички осврт кон творештвото на Манганели

уреди

Во предговорот кон француското издание на „Центурија“ од 1985 година, Итало Калвино го оценува Манганели како автор кој не наликува на никој друг во италијанската книжевност, непогрешлив во секоја реченица, неисцрпен пронаоѓач на играта со јазикот и со идеите. Според Калвино, Манганели се појавил зрел и наоружан со сите негови квалитети уште со првата објавена книга. Исто така, според Калвино, Манганели е најиталијански од сите италијански писатели, но и најизолиран во италијанската книжевност. Најиталијански бидејќи се раѓа директно од италијанската проза од XVIII век, со елаборирана синтакса и неочекувани именки, глаголи и придавки, како и вител од аналогии и смешни досетки. Истовремено, тој е најизолираниот бидејќи безмилосно ги урива сите поучни намери кои доминирале во италијанската книжевност во XIX и во XX век. Понатаму, Калвино истакнува дека Манганели истовремено ги претставува традицијата и авангардата. Традицијата бидејќи секогаш поаѓа од идеалот на формата, како во синтаксата така и во логиката на аргументирањето; авангардата, бидејќи не постои предизвик во употребата на мислата и изразните форми пред кои тој би се повлекол.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Итало Калвино, „Предговор кон француското издание“, во: Џорџо Манганели, Центурија. Скопје: Антолог, 2012, стр. 275-279.