Глагол

(Пренасочено од Глаголи)
Примери
  • Јас вчера го измив автомобилот.
  • Мачката спие на креветот.
  • Ние сме биле во Америка.

Глагол (латински: verbum, „збор“) — една од зборовните групи на јазикот. Според дефинициите на синтаксата, глаголот е збор што искажува дејство, процес или состојба. Во најголем број од јазиците основната форма на глаголот е инфинитивот, но во некои јазици, како што е македонскиот, инфинитивот не постои па така, основната форма се одредува според некоја глаголска форма во еднина. Главните одлики на глаголот се неговите граматички категории кои, за разлика од другите зборовни групи, се најбројни. Меѓу нив спаѓаат времето, видот, начинот, залогот, лицето, родот, бројот и преодноста. Македонскиот збор „глагол“ потекнува од старословенскиот што значи „зборува“.

Усогласување на глаголот

уреди

Во јазиците каде глаголите се менуваат по лице, односно каде се користат наставки, глаголот најчесто треба да се усогласи според лицето, родот и бројот. Така на пример во македонскиот јазик глаголот „работи“ има форма „работиме“ за прво лице множина или на пример формата „работам“ за прво лице еднина. Од другата страна пак, англискиот јазик има многу мал број наставки за глаголите и повеќето форми се исти со инфинитивот и усогласувањето е поедноставно.

Глаголите во латинскиот и романските јазици се менуваат по време, вид и налин и се усогласуваат по лице и број, но не и род. Јапонските глаголи се менуваат по време, начин и вид но нема усогласување. Некои јазици имаат повеќелично усогласување и такви јазици се на пример баскискиот и грузискиот јазик. Во овие јазици, глаголот се усогласува со лицето, директниот предмет па дури и со индиректниот предмет.

Лице, род и број

уреди

Во јазиците каде глаголите имаат наставки, се јавуваат три граматички лица: прво, второ и трето лице.

Во зависност од јазиците, формите треба да се усогласат со граматичкиот род, односно: машки, женски и среден род. Во некои јазици нема разликување на родови, а некои пак имаат недостаток на еден род, најчесто среднот.

Во најголем број јазици каде глаголите се менуваат, глаголските форми треба да се усогласат и со еден од двата броја: еднина и множина.

Време

уреди

Во зависност од јазикот, глаголите можат да изразат граматичко време, глаголски вид и глаголски начин. Граматичкото време[1][2][3] е всушност употреба на помошни глаголи или наставки за да се искаже дали одредено дејство или состојба се случила пред, за време на или после моментот на кажување. Точката за ориентација е моментот на искажување на дејството и според тоа се добиваат три апсолутни времиња: сегашно, минато и идно. Ако точката за ориентација не е сегашното време, тогаш станува збор за релативни времиња и такви времиња се на пример минато-идно време или минато неопределено свршено време.

Видот се користи да се искаже како дејството се случило низ времето. Како таков, може да биде лексички и граматички, каде лексичкиот е вметнат во значењето на глаголот. Се комбинира со глаголското време и се добиваат:

  • хабитуален или повторувачки вид - дејството се повторува,
  • продолжен вид - дејството се одвива без прекин и тој може да се подели на:
  • перфект - комбинира елементи на времето и видот

Во некои јазици видот се искажува со помош на посебни глаголски форми, наместо со помошни глаголи. Таков јазик на пример е македонскиот, каде секој глагол може да биде свршен или несвршен. Со свршениот глагол дејството се гледа како целина (исто како со свршениот вид), а со несвршениот глагол дејството се гледа како процес (исто како несвршениот вид). Некои македонски глаголи се двовидни, односно можат со една форма да ги искажат двата вида.

Уделот на видот во македонскиот јазик може да се анализира само од призмата на зборообразувањето, но не и во рамките на морфологијата (флексијата) на глаголите (пр. даде и јаде се два глагола од два различни вида и ништо не укажува, освен нивното значење, каков е видот на нивното дејство).

Начин

уреди

Начинот[4] се користи да се искаже поставеноста на говорникот во однос на некое дејство искажано со глаголот, особено во поглед на степенот на неопходноста, задолженоста, дозволата, одлучноста или способноста. Сите јазици искажуваат модалноста со помош на прилози, но некои јазици користат и глаголски форми. Ако глаголската форма вкулучува помошен глагол, тогаш помошниот глагол се нарекува модален глагол. Ако глаголската конструкција која искажува модалитет вклучува инфлекција, тогаш станува збор за начин, кој може да биде: заповеден, исказен или можен начин. Често поимите „начин“ и „модалитет“ се помешуваат и зборот „начин“ се користи да се опфати цела оваа глаголска категорија, но начинот е дел од модалитетот.

Залог

уреди

Залогот[5] се користи да се искаже дали подметот го врши дејството во реченицата или дали дејството/подметот се врши врз основа на подметот. Со други зборови, залогот се користи да се истаке или подметот или дејството/ предметот во реченицата, во зависност од зборувачот. Ако во реченицата се нагласува подметот тогаш станува збор за активна реченица, а ако се нагласува дејството или предметот тогаш станува збор за пасивна реченица. Во македонскиот јазик залогот се создава синтактички, односно со редоследот на зборовите.

Активна: Дарко ја отвора вратата.
Пасивна: Вратата е отворена од Дарко.

Наводи

уреди
  1. Comrie, Bernard, Tense, Cambridge Univ. Press, 1985.
  2. Östen Dahl, Tense and Aspect Systems, Blackwell, 1985.
  3. Fleischman, Suzanne, The Future in Thought and Action, Cambridge Univ. Press, 1982.
  4. Palmer, F. R., Mood and Modality, Cambridge Univ. Press, 2001.
  5. Klaiman, M. H., Grammatical Voice (Cambridge Studies in Linguistics), Cambridge Univ. Press, 1991.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди