Центурија, сто мали романи-река (италијански: Centuria, cento piccoli romanzi fiume) - роман на италијанскиот писател Џорџо Манганели, составен од 100 кратки раскази, означени со природните броеви од еден до сто. За првпат, романот бил објавен во 1979 година од издавачката куќа „Рицоли“. Истата година, романот бил добитник на наградата „Вијареџо“.[1]

Постанокот на делото уреди

Постојат неколку претпоставки во врска со инспирацијата на авторот за насловот на „Центурија“. Така, во 1960 година, заедно со Чезаре Гарболи, Манганели бил дел од иницијативата „Сто книги во секоја куќа“, која на читателите им претставила преглед на сто одбрани книги од XIX и XX век. Притоа, на рецензентот му била дадена само по една страница за осврт кон секоја книга и можеби тоа го инспирирало Манганели за сто „романи“ од по една страница. Подоцна, во ноември 1978 година, неколку месеци пред излегувањето на „Центурија“, Манганели бил член на жирито на конкурсот на неделникот „Еспресо“ со наслов „Сто книги за да научите да читате“ за кој изјавил: „Самата идеја е безумна и би била смешна да не беше ужасно искрена и чесна...“. Подоцна, во бројот од 11 март 1979 година, „Еспресо“ објавил претпремиерно неколку од „романите“ од „Центурија“. Според весникот, „Центурија“ е одговор на Манганели на критикуваниот конкурс. Сепак, во интервјуто дадено на Стефано Џованарди, објавено во дневниот весник „Аванти!“ на 8 април 1979 година, Манганели го опишува раѓањето на „Центурија“, велејќи: „Сите раскази ги напишав од септември до ноември минатата година и се објавени по истиот редослед по кој се напишани... Случајно имав многу листови за машина за пишување што беа малку поголеми од вообичаено и дојдов во искушение да напишам наративни секвенци што во никој случај не би ја надминале големината на еден лист; малку наликува на митот за сонетот, односно за една строга и деспотска структура... Впрочем, верувам дека ако ги немав тие листови, никогаш не ќе успеев да ја напишам оваа книга“.[2]

„Центурија“ била објавена во јануари 1979 година и веднаш постигнала голем успех кај критиката и кај публиката. Во јули истата година, книгата ја добила наградата „Вјареџо“ (Viareggio). Подоцна, во март 1980 година, во бројот 161 на списанието Caffè биле објавени 20 други раскази со наслов „Други центурии“, од кои се претпоставува дека Манганели веројатно имал намера да издаде уште една таква книга.[2]

Критички осврт кон делото уреди

Во 1985 година, „Центурија“ била објавена на француски јазик при што предговорот го напишал Итало Калвино. Во него, Калвино истакнува дека „Центурија“ е сосема различна од останатите книги на Манганели и дека таа е напишана концизно и есенцијално, со синтетички и концентрирани наративни инвенции. Притоа, психологијата е суровината за претпоставените апстракции на Манганели, додека другиот пол е теологијата на непостоењето. Сепак, универзумот во кој се сместени стотте „романи“ е истиот кој е застапен и во другите дела на Манганели. Според Калвино, „Центурија“ е целосно необична книга со огромно богатство на мотиви.[3] Во својот осврт кон делото, Паола Италија го оценува како „сложен предмет, кој виси меѓу раскажувачкиот експеримент и пародијата“.[2]

Изданија на македонски јазик уреди

Во 2012 година, романот бил објавен од издавачката куќа „Антолог“, како десетта книга во рамките на библиотеката „Бранови“. Притоа, покрај оригиналните 100 раскази, ова издание содржи и дополнителни 31 расказ. Исто така, во книгата е ставен и предговорот кон француското издание од 1985 година, напишан од Итало Калвино, авторска белешка и делови од белешката кон делото од страна на Паола Италија. Преводот од италијански јазик го направила Јулија Петровска, а лектурата е дело на Маргарита Костовска. На корицата на книгата е ставена сликата на Џорџо Фратини, „Каде ми е главата“. Книгата е со обем од 20 сантиметри и има 288 страници. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4507-70-3. издавањето на книгата било овозможено со финансиска помош на Министерството за култура на Македонија.[1]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Џорџо Манганели, Центурија. Скопје: Антолог, 2012.
  2. 2,0 2,1 2,2 Паола Италија, „Белешка за делото (одломки)“, во: Џорџо Манганели, Центурија. Скопје: Антолог, 2012, стр. 283-286.
  3. Итало Калвино, „Предговор кон француското издание“, во: Џорџо Манганели, Центурија. Скопје: Антолог, 2012, стр. 275-279.