Јура (планински венец)
Јура (или Жира, француски: Massif du Jura; германски: Juragebirge) — планински венец на север од Западните Алпи, долж француско-швајцарската граница. Ги двои сливовите на реките Рајна и Рона, образувајќи ги нивните вододелници.
Јура | |
---|---|
Jura | |
Поглед на Јура | |
Највисока точка | |
Врв | Крет де ла Неж |
Надм. вис. | 1.720 м |
Координати | 46°16′N 5°56′E / 46.27° СГШ; 5.93° ИГД |
Географија | |
Земји | Франција и Швајцарија |
Покраини | |
Топографска карта на Јура. Францускиот дел е обележан со црвено, а швајцарскиот со жолто. |
Името на венецот е изведено од поимот juria, што е латинизиран облик на келтската основа jor- со значење „шума“.[1][2][3] По овие планини е наречен францускиот департман Јура, швајцарскиот кантон Јура, геолошкиот период јура и истоимениот венец на Месечината.
Физиографија
уредиПланините сочинуваат посебна физиографска покраина во рамките на поголемото Средноевропско Средногорје.
Во Франција, Јура покрива добар дел од регионот Бургундија-Франш Конте и се протега на југ во соседниот Оверњ-Рона-Алпи. Највиоките предели се во департманот Ен, каде е сместен врвот Крет де ла Неж; венецот завршува на југ, во северозападниот дел на департманот Савоја. Северниот крај на Јура достигнува до најјужниот дел на областа Алзас. Околу 1.600 км2 од површината во Франција е заштитена како Регионален природен парк Горна Јура.
Швајцарска Јура е еден од трите географски области на Швајцарија, заедно со Швајцарската Висорамнина и Швајцарските Алпи. Во Швајцарија, венецот се протега по западната граница со Франција, во кантоните Базел-краина, Золотурн, Јура, Берн (Бернска Јура), Нешател и Во.
Значаен дел од Швајцарска Јура нема историски врски со земјата бидејќи е припоена кон неа дури во XIX век. Во XX век се развило сепаратистичко движење, поради што во 1979 г. е создаден кантонот Јура.
Швајцарска Јура претрпела индустријализација во XVIII век и станала значаен центар на часовничарството. Тука има неколку градови на поголема надморска височина, како што се Ла Шо де Фон, Ле Локл и Сант Кроа (познат по музички кутии). Сепак, од 1960 г. наваму населението бележи постојан пад.
Главниот венец се нарекува „Набрана Јура“ (Faltenjura), и продолжува како Висорамнинска Јура во кантоните Базел-краина и Аргау, а потоа во Шафхаузен и јужна Германија кон висорамнините Швапска и Франкоска Јура.
Геологија
уредиВенецот е мошне остар, а теренот се ублажува странично, приближно во линијата северозапад-југозапад. Овој облик го овозможува набирањето предизвикано од главната алпска горообразбена предница, која се поместува на север. Оваа појава е помалку изразена во пониските делови.
Геолошките набори сочинуваат три главни појаси (литолошки единици) на градба кои водат потекло од три епохи: лијас (долна јура), догер (средна јура) и малм (горна јура). Секој период на набирање го покажува дејството на некогашното плитко море на ова подрачје, за што сведочи тлото од карбонатни низи, со изобилство од биокластни и оолитни одделници помеѓу слоевите (наречени и хоризонти).
Во структурен поглед, низата набори е настаната поради евапоритско смолкнување. Меѓуслојните набори сè уште се релативно млади, што се забележува од општиот облик на пределот кој нема знаци на битна ерозија, што укажува на скорешноста на горообразбата.
Највисок врв на венецот е Крет де ла Неж, со висина од 1.720 м.
Туризам
уредиЈура нуди разновидни можности за туристите. Позастапени од нив се планинарството, велосипедизмот, алпското скијање и скијачкото трчање. Постојат поголем број добро обележани планинарски патеки, од кои особено се издвојува Јурската патека (Jurahöhenweg) долга дури 310 км.
Позабележителни природни знаменитости се природните реткости како монументалниот цирк Кре ди Ван, врвот Шасерал, пештерата Грот де л'Орб и клисурата Таубенлох.
Планинските градови Ле Локл и Ла Шо де Фон се прогласени за светско наследство на УНЕСКО поради важната улога во историјата на часовничарството. Во средината на венецот, недалеку од Понтарлје, на карпест изданок е сместена тврдината Жу (XI век), преградена од познатиот војсководец и воен инженер Себастјен Вобан во 1690 г. а подоцна и други.
Низ јужна Јура минува дел од магистралата A40, која на потегот Бур ен Брес - Белгард на Валсерин се нарекува „Автопат на титаните“.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Rollier, L. 1903. Das Schweizerische Juragebirge. Sonderabdruck aus dem Geographischen Lexikon der Schweiz, Verlag von Gebr. Attinger, 39 pp; Neuenburg
- ↑ Hölder, H. 1964. Jura - Handbuch der stratigraphischen Geologie, IV. Enke-Verlag, 603 pp., 158 figs, 43 tabs; Stuttgart
- ↑ Arkell, W.J. 1956. Jurassic Geology of the World. Oliver & Boyd, 806 pp.; Edinburgh und London.
Надворешни врски
уреди„Јура“ на Ризницата ? - Јура во Енциклопедија Британика (англиски)
- Јура (област) — Историски речник на Швајцарија (германски) (француски) (италијански)
- Портал за флората на Јура (француски)
- Јура Архивирано на 30 октомври 2020 г. — Голема руска енциклопедија (руски)