Еже во маглата
Еже во маглата (руски: Ёжик в тума́не) е советски анимиран филм од 1975 во режија на Јуриј Норштејн и продукција на Сојузмултфилм. Сценариото е напишано од страна на Сергеј Козлов, кој подоцна објавува и книга со истото име. Сепак, во 2006 година, книгата е реиздадена а како потписници на истата се јавуваат и Козлов и Норштејн; овде Норштејн појаснува дека и самиот тој има одреден удел во пишувањето на сценариото.[1]
„Еже во маглата“ | |
---|---|
Ежето и Мечето ги броеја ѕвездите. Мечето само зборуваше и зборуваше, "...бидејќи... ако не ти, кој друг ќе ги брои ѕвездите?" А Ежето си мислеше: "Зарем не е прекрасно што сме повторно заедно?" | |
Режисер | Јуриј Норштејн |
Продуцент | Сојузмултфилм |
Сценарист | Сергеј Козлов Јуриј Норштејн [1] |
Главни улоги | Алексеј Баталов Марија Виноградова Вјачеслав Невињи |
Музика | Михаил Меерович |
Премиера | 1975 (СССР) |
Времетраење | 10 мин 29 сек |
Земја | СССР |
Јазик | руски |
Следен | Ако ѕвездите паднат (1978) |
Еже во маглата се смета за еден од најдобрите цртани филмови во историјата. Во 1976 година, добива награда за најдобар филм на Кинофестивалот на републиките одржан во Фројнц како и на Техеранскиот филмски фестивал на децата и младината. Во 2003 година, пак, цртаниот е прогласен за најдобар на сите времиња откако е спроведена анкета меѓу 140 кинокритичари и аниматори од сите страни на светот (претходно, на двапати оваа титула му е доделена на еден друг цртан филм на Норштејн - Приказна на приказните - кој овде завршува на второто место).[2][3]
Кратка содржина
уредиОва е приказна за малиот еж (чиј глас го позајмува Марија Виноградова) и неговиот пријател - Мечето (глас на Вјачеслав Невињи). Двајцата секоја вечер се сретнуваат за да пијат чај од самоварот на Мечето, кој се топли на оган распламтен од гранки од смрека. Додека го пијат својот чај, Ежето и Мечето разговараат и заедно ги бројат ѕвездите. Еден ден, Ежето решава да донесе мармалад од малини. Додека оди да се сретне со Мечето, тоа минува низ шумата и ненадејно здогледува една бела кобила која стои во маглата, која, пак, е толку густа што Ежето не може да си ја види ниту својата розова шепа. Сепак, Ежето е љубопитно и се обидува да дознае дали кобилата би се загушила кога би легнала да спие во маглата. И бидејќи е научник, Ежето решава да дознае само.
Наместо да стигне до кобилата, тоа одеднаш завршува во еден чуден свет населен со многу страшни суштества (утка, полжав, молци и лилјак) но исто така и со неколку што сакаат да му помогнат (куче и веројатно кит кон кого раскажувачот се осврнува со Тој или Некој руски: Кто); светот во маглата е свет на тишина и шепоти, на мрак, непроодна трева и волшебни ѕвезди. Ежето го слуша гугукањето на утката и свртувајќи се кон нејзе ѝ вели дека е луда (руски: псих). Сепак, доволно е преплашен за во секој момент да мисли дека утката е до него. Неговата љубопитност, и покрај сѐ, го води напред. Иако на момент го заборава мармаладот што го носи со себе, кучето му го враќа. Потоа, во неможност да ја распознае околината поради маглата, паѓа во реката. Јас сум во реката, вели Ежето, нека водата ме понесе. Минува време и тоа сфаќа дека е доволно водено за наскоро да потоне. Миг пред да се случи тоа, некој му ја допира дланката и бара од него објаснување како се нашло во реката. Откако Ежето му објаснува, водното суштество (веројатно кит) го понесува до брегот. На брегот, Ежето седнува на стеблото на кое тој, заедно со Мечето, ги бројат ѕвездите секоја вечер. Мечето доаѓа задишено и почнува да објаснува како го барал. А морал да го најде "...бидејќи... кој освен тебе знае да ги брои ѕвездите?". Ежето е збунето и постојано гледа во огнот околу кој летаат молци - овој пат тие изгледаат многу поубаво на светлината. Мечето и Ежето почнуваат повторно да ги бројат ѕвездите. Мечето само зборува и зборува, а Ежето си мислеше: "Зарем не е прекрасно што сме повторно заедно?" Помислува и на кобилата - "како ѝ е нејзе, таму... во маглата?"
Можни интерпретации
уредиЗа одредени анализатори, главната идеја на цртаниот е концептот на просветлување и напуштање на маглата на цивилизацијата.[се бара извор] Оттука, јасно е зошто Ежето и Мечето се пријатни ликови што се пријателски настроени кон светот околу нив. Утката, пак, како и повеќето шумски животни изгледа се нивен контраст - постојано ловат и забораваат на убавините што ги нуди светот околу нив.
Ноќната прошетка на Ежето направена со цел да се стигне до пријателот за да се пие чај и јаде мармалади да се бројат ѕвездите е таква навика што тоа и воопшто не е свесно дека опасност го демне од сите страни. Утката од која подоцна ќе биде преплашен, уште од самиот почеток чекори зад него, но тоа не ѝ обрнува внимание. Наместо тоа, тој мисли на разговорот што ќе го води со својот пријател. Средбата со прекрасната кобила (макар што често се вели дека е коњ, на крајот Ежето се осврнува кон животното во женски род [4]) е она што почнува да го тера Ежето да размислува. Неговата љубопитност, поттикната од желбата да се осознае една друга реалност, го води низ маглата. Не можејќи да види ништо, Ежето се уплашува и повикува кон кобилата - но таа не одговара: невозможно е целта да се достигне без претходно искусување на тешкотиите. Ежето здогледува еден лист од ореово дрво а наскоро и самото дрво, но изгледа како тој никогаш да не го видел ниту едното ниту другото. Мигот кога сфаќа дека ја изгубил теглата со мармалад - симбол на удобноста и на сѐ што му е познато - неговата љубопитност се претвора во страв, кој го преплавува до тој степен што Ежето трепери и пред очигледно грижливото куче што чудесно му го враќа мармаладот. Сепак, некој го повикува кучето - свирката наликува на Бетовеновата Петта симфонија. За сето ова време, во далечината одвај може да се слушне како Мечето го повикува својот пријател. Ежето е сѐ уште преплашено - слепо се затрчува и завршува во реката. Одлучува да плови со водата - како да ја прифаќа судбината и смртта без никаков страв. Кобилата го здогледува но не се обидува да му помогне. Одеднаш, Некој ја допира неговата шепа и го прашува Ежето: "Кој си ти и како стигна дотука?", прашање што луѓето си го поставуваа илјадници години. Ежето дава искрен одговор - неговиот живот е спасен. Се враќа во светот што претходно го познавал, но сега е сменет. Мечето зборува и зборува, но Ежето молчи среќно само што е тука со него. Помислува на кобилата - симбол на чудото, тајновитоста и убавината на постоењето. Како ѝ е нејзе, таму... во маглата?, прашува.
Еже во маглата зборува за животот, за начинот на кој луѓето забораваат дека тој е подарок и дека секој момент од постоењето е доволно свет за да се вдише со полни гради[се бара извор], за фактот дека треба само да се биде свесен дека се живее и дека сме дел од светот. "Еве го светот", вели една изрека на Фредерик Бјухер, која често се поврзува со цртаниот филм. "Прекрасни и ужасни нешта ќе се случат. Не плаши се."
Статус и додатни податоци
уредиЕже во маглата, заедно со Приказна на приказните (филм на Норштејн од 1979 година) се смета за најдобар анимиран филм на сите времиња. Неговата едноставна приказна со длабока филозофска содржина е истовремено привлечна и за деца и за возрасни, а неговата порака - Живеј зашто животот е прекрасен! (отелотворена во одредена мера и во Приказна на приказните) - е универзална химна во чест на постоењето.
Еже во маглата е добитиник на повеќе награди и признанија:
- 1976 - Кинофестивал на републиките, Фројнц: "Најдобар анимиран филм" (наградата почнува да се доделува следната година)
- 1976 - Техерански филмски фестивал на децата и младината: "Најдобар анимиран филм"
- 2003 - Меѓународен фестивал на анимираниот филм Лапута во Токио, Јапонија - Најдобар анимиран филм на сите времиња доделена од 140 кинокритичари и аниматори од сите страни на светот (Приказна на приказните го зазема второто место).
Познатиот јапонски аниматор и оскаровец Хајао Мијазаки во едно интервју вели дека Норштејн е "голем уметник"[5] а истовремено го издвојува Еже во маглата како еден од своите најомилени анимирани филмови.[6]
Еден од најинтересните елементи во филмот е маглата која има потполно реален изглед. Истата е создадена на тој начин што Норштејн поставил многу тенко парче хартија на врвот на секоја сцена и бавно го кревал и движел кон камерата слика по слика сѐ додека она зад него не станало замаглено и бледо.[7]
Творци
уредиРежисер | Јуриј Норштејн (Юрий Норштейн) |
Сценарист | Сергеј Козлов (Сергей Козлов) |
Уметнички режисер | Франческа Јарбусова (Франческа Ярбусова) |
Аниматор | Јуриј Норштејн (Юрий Норштейн) |
Камера | Александр Жуковскиј (Александр Жуковский) |
Композитор | Михаил Меерович (Михаил Меерович) |
Звук | Борис Фиљчиков (Борис Фильчиков) |
Монтажер на сценарио |
Наталија Абрамова (Наталья Абрамова) |
Гласови | Алексеј Баталов (Алексей Баталов) - Раскажувачот Марија Виноградова (Мария Виноградова) - Еже Вјачеслав Невињи (Вячеслав Невинный) - Мече |
Монтажа | Надежда Трешчјева (Надежда Трещёва) |
Поврзано
уредиБелешки
уреди- ↑ 1,0 1,1 Книгата Еже во маглата потпишана од Норштејн и Козлов
- ↑ На Јуриј Норштејн му е доделен јапонски орден (руски). Би-Би-Си (3 ноември 2004).
- ↑ Список на најдобрите анимирани филмови на сите времиња (издвоени се само руските) на Animator.ru (руски) (англиски) (19 јуни 2003)
- ↑ Цртаниот филм со англиски поднаписи.
- ↑ Интервју со Хајао Мијазаки по повод американската премиера на Исчезнувањето на Сен и Чичиро (Spirited Away).
- ↑ Разговор меѓу Јуриј Норштејн и Хајао Мијазаки на руското телевизиско шоу ПроСвет на 22 октомври 2005.
- ↑ Во студиото со Јуриј Норштејн, разговор со режисерот на руското Радио Свобода. (руски)
Надворешни врски
уреди- Еже во маглата на Семрежната филмската база на податоци
- Еже во маглата на Animator.ru (руски) (англиски)
- Еже во маглата Архивирано на 11 декември 2007 г. на Keyframe - the Animation Resource (англиски)
- Цитати од цртаниот филм на страницата на рускиот Викицитат
- Страница на обожаватели (руски)
- Фестивал на анимацијата во Лапута 2003 (јапонски)
- BBC Статија за советските брендови, вклучително и "Ёжик в тумане" (руски)
- Целиот цртан филм со англиски поднаписи на YouTube.
Статијата „Еже во маглата“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |