Шпикерог
Шпикерог (германски: Spiekeroog) — еден од 32. Фризиски Острови и општина во округот Витмунд, во сојузната покраина Долна Саксонија, Германија. Тој е еден од седумте населени Источнофризиски Острови на работ од долносаксонскиот дел од Ваденското Море во јужниот дел на Северното Море, сместен помеѓу островот Лангеог (запад) и Вангероге (исток).
Шпикерог | |
Воздушен поглед на Шпикерог | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Долна Саксонија |
Округ | Витмунд |
Градоначалник | Матијас Пишчан (ДХС) |
Основни податоци | |
Површина | 18,25 км2 |
Надм. височина | 3 м |
Население | 841 (31 декември 2022)[1] |
- Густина | 46 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | WTM |
Пошт. бр. | 26474 |
Повик. бр. | 0 49 76 |
Портал | www.spiekeroog.de |
Местоположба на Шпикерог во рамките на округот Витмунд | |
Координати | 53°46′19″N 7°41′49″E / 53.77194° СГШ; 7.69694° ИГД |
На островот не се користат моторни возила и е поврзан со ферибот преку пристаништето во Нојхарлингерзил. На Шпикерог нема аеродром, што го прави единствен од седумте населени Источнофризиски Острови. Поседува само хелипад во пристанишната област.
Шпикерог има површина од 18,25 квадратни километри, а најкраткото растојание од копното е 5,7 километри.
Потеклото на името Шпикерог не е потврдено, чие име првпат било споменато во 1398 година. Денес, повеќето луѓе веруваат дека е превод на „складиштен остров“.
Географија
уредиМестоположба
уредиШпикерог е еден од Источнофризиските Острови и влегува во рамки на националниот парк „Долносаксонско Ваденско Море“. Овие острови за разлика од Севернофризиските Острови не се остатоци од крајбрежјето при плимните бури, туку тие се образувани од песок разнесуван од ветер пред 5.000 години. Поради плимните струи и јаките западни ветришта, островите трајно се движат од северозапад кон југоисток. Поради тоа, практично сите островски села, кои некогаш биле во средишниот дел на островите, денес се наоѓаат на западниот крај од островите. Дури на почетокот на XX век со поставувањата на крајбрежните заштити ова движење е спречено.
Пред околу 300 години, островот Шпикерог бил доста помал. Преку спојување на островите Литјеог и Олдеог, како и насипите и дренажата на заливот Харле, островот ја добил денешната големина и облик.
Заштита на островот
уредиДините на северозапад, север, исток и југоисток на островот се долги над 10,6 километри[2] и се природна заштита на островот од плимни бури. Тие се одржуваат од сојузната покраина преку својата агенција за управување со водата, крајбрежјето и природата. Одржувањето вклучува поставување стапови за зафаќање песок, садење трева и ширење на сува вегетација на голите области за да се избегне создавање на песочни наслаги од морскиот ветер. Покрај природните дини, на островот постојат 14 препреки направени од тули во 1930-тите години.
При плимната бура од 1962 година еден дел од селото, како и железничката станица, бил поплавен. Водата дошла од источниот дел преку најниските делови на островот. Јужниот насип долг 1,6 километри во 1970-тите години бил одново направен, а дупките помеѓу источниот и западниот дел биле пополнети. Близу поранешната железничка станица постои порта која го овозможува сообраќајот на железницата придвижувана од коњи. Портата по правило е затворена.
Историја
уредиШпикерог бил првпат споменат во 1398 година како Шпикерох (Spiekeroch). Тогаш, тој бил место за криење за пиратите. Тие биле поддржувани од мештаните, иако било вообичаено да ги ограбуваат и самите мештани.
Во 1625 година, 13 семејства живееле на островот, занимавајќи се со земјоделство, рибарство и обработка на камен. Подоцна, ловењето китови и бродоградбата станале важни за стопанството на островот. При наполеонската окупација, бродоградбата била запрена поради блокадата против Англија, што довело до голема сиромаштија. Шверцот на добра до и од тогашниот англиски остров Хелголанд бил единствен извор на приход во тоа време. Во 1812 година, Англија ги нападнала француските населби на островот, но безуспешно.
На почетокот на XIX век, идејата за крајбрежни одморалишта - првпат создадени во Англија - станале омилено долж островите во германскиот дел на Северното Море. Првото крајбрежно одморалиште било создадено во 1797 година на островот Нордернај. Од 1820 година, гостите го користеле Шпикерог за време на одморите. Неделен ферибот бил воспоставен од Нојхарлингерзил во 1792 година, а од 1842 година имало ферибот еднаш дневно. За подобрување на удобноста на туристите и гостите била изградена железница придвижувана од коњи во 1885 година помеѓу селото и западната плажа. Таа била продолжена во 1892 година до новоизграденото пристаниште во југозападниот дел на островот. Оваа железница била заменета од дизел локомотови на 31 мај 1949 година, со што се ставило крај на последната железница придвиджувана од коњи во Германија.
Туризам
уредиШпикерог бил омилено одморалиште за бројни германски претседатели. Густав Хајнеман, Рихард фон Вајцзекер и Јоханес Рау (кој склопил брак на островот) ги поминувале своите одмори тука.
Како одморалиште на Северното Море, островот е дом на бројни здравствени установи, вклучувајќи велнес-центри и бањи.
Шпикерог има капацитет од 3.500 кревети за туристи, вклучувајќи ги сите хотели, пансиони, приватни соби, апартмани и здравствени центри. Според податоци од 2003 година, 64.000 туристи го посетуваат островот годишно со 554.000 ноќењава и 81.000 дневни посетители.
Покрај хотелите, пансиони и апартманите, постои и камп-место на западниот дел од островот, кое е отворено од мај до септември.
Знаменитости
уредиСтарата островска црква била изградена во 1696 година и со тоа е најстара црква на Источнофризиските Острови. Портретот на Пресвета Богородица во рамки на црквата веројатно е од брод од шпанската армада, кој заглавил на Шпикерог во 1588 година.
Гробиштата на бездомните (Drinkeldodenkarkhof) се гробишта за 84. жртви од потопувањето на бродот Јохана во 1854 година.
Островскиот музеј прикажува историски артефакти од островот, развојот на крајбрежното одморалиште и природата на островот.
Музејот на школките во куќата Коге прикажува 2.000 школки од целиот свет.
Од 2007 година, бронзената скулптура „Де Уткикер“ (De Utkieker) со височина од 3,5 метри од германскиот вајар Ханес Хелмке е поставена на дини со поглед кон морето. Таа е симбол за зачувување на островот како природен дијамант.
Центарот на националниот парк Витбилтен е сместен на два километри источно од селото, опкружен од песочни дини и солени мочуришта. Изложбениот дел прикажува скелет на кит и многу интерактивни и мултимедијални содржини, кои го објаснуваат животот на островот.
Калливите плимни прошетки се организираат на островот.
Од април до септември (зависни од празниците), железницата придвижувана од коњи работи помеѓу старата железничка станица и Вестенд.
Галерија
уреди-
Крајбрежна заштита на западниот дел од островот
-
Католичката црква
-
Општинското собрание
-
Островската црква
-
Центарот на националниот парк
-
Островската железничка станица
Наводи
уреди- ↑ „Населеност на окрузите, општините и месните заедници во Долна Саксонија на 31 декември 2022“. Служба за статистика и комуникациска технологија на Долна Саксонија. јули 2023. (германски)
- ↑ Pressemitteilung des NLWKN vom 14. August 2018, auch mit Plan des Inselschutzes im Bereich der Hermann-Lietz-Schule, abgerufen am 16. August 2018
Надворешни врски
уреди- Шпикерог на Ризницата ?
- Матична страница (германски)