Црно семе (роман)
„Црно семе“ — роман на македонскиот писател Ташко Георгиевски, завршен во март 1966 година, а истата година бил објавен од издавачката куќа Македонска книга.[1]
Содржина
уреди- Глава 1-4: Војникот Доне Совичанов, родум од селото Саракиново, е обвинет дека е комунист. Заедно со сонародникот Марко и со други војници, го носат во еден затворенички логор. Таму бараат да потпише дека се откажува од комунизмот, а откако тој одбива, го претепуваат. Во логорот, тој се спријателува со уште еден затвореник, Христос. По некое време, затворениците ги префрлаат во друг логор, каде Доне е повторно претепан, така што Марко и Христос мора да му помагаат да се одржи на нозе. За сето време, Доне мисли на својата жена Ангелина, најубавата во селото, и мислите на неа му даваат сила да ги издржи измачувањата. Еден ден, затворениците ги носат во Солун, а оттаму со брод ги пренесуваат на пуст остров.[2]
- Глава 5-10: Набргу, Доне закрепнува од повредите предизвикани од тепањето. Затворениците ги собираат на жештината, принудувајќи ги да пеат песни во слава на Грција при што Доне повторно го привлекува вниманието со својот изглед (нема коса, брада и веѓи) и грчките офицери повторно го тепаат. Измачувањето со пеењето се повторува секојдневно, а затворениците ги измачуваат и со жед при што со суровоста особено се истакнува потпоручникот Маки. Како последица на постојаното измачување, многумина од затворениците попуштаат и ги потпишуваат бараните документи.[3]
- Глава 11-15: Доаѓа зимата и условите стануваат уште полоши зашто затворениците се изложени на студот. Марко го потпишува признанието и станува чувар на затворениците. Христос, пак, е ангажиран на изградбата на црквата, но работата му предизвикува внатрешен немир и постојнао ги сонува светците. Во логорот пристигаат нови затвореници. Еден ден, Доне го преместуваат во друга група која ја префрлаат на другата страна од островот, додека Христос останува во првичната група. Во новата група, Доне се спријателува со студентот Парис кој се одликува со голема храброст. За чудо, новата група затвореници наидува на добар однос, без тепање, со добра храна и вода, и со полесни работни задачи. Сепак, од затворениците се бара да го потпишат признанието дека се откажуваат од комунистичката партија, а откако никој не потпишува, повторно ги враќаат во претходната група. Меѓутоа, водени од Парис, затворениците креваат бунт и некое време војската не смее да ги нападне. Најпосле, бунтот е крваво задушен при што многу затвореници се убиени, но Доне успева да се спаси. Во меѓувреме, Христос собира муви кои треба да му ги даде на Маки во замена за писмото од неговата жена, а Доне му помага на Христос да ги собере мувите. Кога Маки конечно му го предава писмото, Христос полудува по што ги уништува иконите во црквата. Доне успева да го прочита писмото што го добил Христос и дознава дека тој веќе го потпишал признанието и поради тоа настрадале неколку смејства во неговото родно место, така што жена му го проколнала. Христос го бесат пред црквата и набргу тој умира, а тогаш Доне за првпат почувствува страв.[4]
За делото
уредиВрз основа на романот, во 1971 година бил снимен истоимениот филм во режија на Кирил Ценевски, а според сценариото на Ташко Георгиевски.
Изданија
уредиРоманот доживеал повеќе изданија, како:
- Прво издание на „Македонска книга“ од 1966 година во рамките на библиотеката „Наша современа проза“. Книгата, со обем од 94 страници, има тврди корици, а била испечатена во графичкиот завод „Гоце Делчев“ во Скопје, во тираж од 2 000 примероци. Цртежот на корицата е дело на Димитар Кондовски, а јазичната редакција ја извршил Илија Корубин. Интересно, на насловната страница стои дека издавач е „Македонска книга“, додека на последната страница како издавач стои книгоиздателството „Кочо Рацин“, а тоа најверојанто се должи на фактот дека во меѓувреме издавачката куќа „Кочо Рацин“ го променила името во „Македонска книга“.[5]
Наводи
уреди- ↑ Ташко Георгиевски, Црно семе. Македонска книга, Скопје, 1966.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црно семе. Македонска книга, Скопје, 1966, стр. 5-31.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црно семе. Македонска книга, Скопје, 1966, стр. 32-62.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црно семе. Македонска книга, Скопје, 1966, стр. 63-94.
- ↑ Ташко Георгиевски, Црно семе. Македонска книга, Скопје, 1966.