Црква „Св. Никола“ - Слепче (Прилепско)

манастирска црква на Слепченскиот манастир

Свети Никола – манастирска црква на Слепченскиот манастир во Прилепско.[1] Сместена во средишниот дел од источната половина на манастирскиот двор.[2] Црквата е прогласена за споменик на културата.

Свети Никола

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Преспанско-пелагониска
Архијерејско намесништво Прилепско
Парохија Долненско-секиречка
Местоположба

Карта

Координати 41°30′09.5″N 21°27′54.4″E / 41.502639° СГШ; 21.465111° ИГД / 41.502639; 21.465111
Место Слепче (Прилепско)
Општина Долнени
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Никола
Завршено 1672/1673/1674
Живопис 1674
Архитектонски опис

Историја

уреди

Натписот над влезот на црквата од внатрешната страна укажува дека црквата била изградена и зографисана во 1674 година,[3] од натпис на мермерната плоча во олтарскиот простор како година на изградба се среќава 1673, а според други извори наведено е дека црквата била изградена во 1672 година. Од натписот над влезната врата се забележува дека ктитори на црквата биле игуменот и јеромонах Сергиј, јеромонахот Никифор, монахот Кирил, монахињата Јаникија, како и имињата Џоре, Михо, Тоде, двајца со име Петко, Цветко, Никола и Јосиф, кои веројатно биле мештани вклучени во црковниот одбор. Поголемиот дел на имињата од овој натпис се споменуваат и на натпис на мермерната плоча од олтарниот простор, а на него се среќаваат и нови имиња, како Јован, Јанко, јереј Неделко, Фило, Марко и Огнен.[2]

Архитектура

уреди

Градбата на црквата претставува карактеристичен пример на црковната архитектура во Македонија од XVII век. Таа е еднокорабна, без апсидаа, со мали отвори на источната и јужната страна, и со единствен влез на западната страна. Фасадите не се украсени, а градбсата е покриена на две води. Во поново време, кон западната страна бил дограден затворен трем.[4] Над влезната врата на црквата е живописан ликот на Свети Никола со мали претстави на Богородица и Исус Христос од двете негови страни. Фреската е делумно избледена и упатува на нејзина второстепена заштита. На западниот дел од јужната страна има ниша со фреска на којашто е претставен Исус Христос на престол со наклонети фигури на Богородица од неговата десна и Свети Јован Крстител од неовата лева страна.[2]

Иконостас

уреди

Црквата има иконостасот којшто претставува богато резбарско и иконописно дело. Царските двери и Големиот крст со двете ламји го офразуваат влијанието на Атос. Како автор на резбарско-сликарските работи на царските двери може да се смета игуменот Сергиј кој оставил потпис на дверите. Од негово време потекнуваат и престолните икони на Богородица со Исус и Исус Христос, што е забележливо и од натписот на самите икони, како и чинот на Дванаесетте Апостоли кој се наоѓа над престолните икони. Во најгорниот дел, иконостасот завршува со Големиот крст со Распетието Христово и две ламји.[4]

Фрескоживопис

уреди

Внатрешноста на црквата е живописана во целост, а особено е впечатлива црнобојната основа. Не е точно наведено кои се зографите кои го изработиле живописот, но од ктиторскиот натпис над влезната врата се добива впечаток дека тоа се игуменот Серхгиј и јеромонахот Михаил поради тоа што во натписот е наведено дека херомонахот Михаил бил негов ученик. Меѓутоа, за автор на живописот се посочува зографот Коста од костурското село Линотопи, чие име се споменува во манастирскиот триптих.[2][5]

Западен ѕид

уреди

Во делот на западниот ѕид којшто се наоѓа јужно од влезот се насликани двајца ктитори — игуменот и јеромонах Сергиј и неговиот ученик јеромонахот Михаил — кои со по една рака држат макета на црквата, а на покривот од макетираната црква е прикажан патрониот светец Свети Никола. Живописаните ктитори се облечени во црна монашка облека, мантија и камилавка, а игуменот Сергиј дополнително е облечен со уште една наметка којашто ја носи преку првата. Игуменот Сергиј макетата ја држи во левата рака, а јеромонахот Михаил во десната, додека во останатата рака и двајцата држат броеница.[2]

Северно од влезот еден до друг се насликани Свети Архистратиг Михаил и Светка Петка, а во повисокиот дел над вратата, долж целиот ѕид е прикажана композицијата „Успение Богородично“. Во највисокиот дел, на триаголна површина во средишниот дел има сводест отвор за вентилација кој е украсен со цветни облици кои симболизираат своевиден влез за небесата, а од неговата лева и десна страна излегува по една свиткана рака во лактот со по еден дел од украсен чаршаф. Во сводестиот фриз се претставени Дванааесетте Апостоли седнати на две клупи со по шестмина на обете страни.[2]

Северен и јужен ѕид

уреди
 
Големата ниша на северниот ѕид. Од лево кон десно: Свети Мина, Свети Ѓорѓи, Свети Јован Крстите, Исус Христос на престол и Богородица.

Северниот и јужниот ѕид содржат композиции насликани во три зони и еден фриз. На обата ѕида се распоредени по две ниши — помала и поголема. Во првата зона на двата ѕида се прикажани светци воини и две композиции во големите ниши — на јужниот ѕид Исус Христос, а на северниот ѕид Свети Никола. Во втората зона на двата ѕида е претставен акатистот на Пресвета Богородица, а во третата зона се живописани Страдањата Христови.[2] Од сцените и композициите на Богородичниот акатист насликани се 23 од вкупно 25 строфи коишто ги содржи акатистот, поделени на 12 икоси и 11 кондаци, а изоставени се само Благовештението второ и Опсадата на Цариград.[3]

 
Големата ниша на јужниот ѕид. Од лево кон десно: Свети Никола седнат на престол, Свети Атанасиј и Свети Димитриј.

Од запад кон исток на северниот ѕид, во помала ниша од првата зона на северниот ѕид се насликани Свети Константин и Елена во свечени кралски облеки и со круни на главите, а зад нивните тела има голем крст кој Свети Константин го држи со левата, а Света Елена со десната рака. Во продолжение на нишата се претставени Светите врачи Кузман и Дамјан. Над овие четири ликови, во заоблениот дел на нашиата е прикажана сцена со Исус во младоста, на којашто е седнат во средина, издвоен во кружен облик и опкружен од ангели. На столбестиот дел од левата страна на нашиата е живописана Света Недела, а на десната страна Свети Меркуриј, така што и двајцата се во исправена положба. Над приказот на Света Недела, во аголот од рамката на нишата е насликано Најавувањето на Христовото раѓање, а над приказнот на Свети Меркуриј сцена со Христовото слегување во пеколот. Површината на лаковите од нишите во целост е насликана со ликови и сцени од Библијата. Во првата зона се претставени светци воини, а покрај Свети Меркуриј, во поголемата ниша на ѕидот, се насликани Свети Мина и Свети Ѓорѓи, по што е претставен Исус Христос седнат на престол и од двете страни придржуван од Пресвета Богородица и Свети Јован Крстител. Во втората зона по фризот се прикажани Христовото носење на крстот, Христовото кревање на крстот, како и сцени од акатистот, вклучително Симнувањето од крстот, Пренесувањето во гробот и Појавувањето Христово на Галилејската Гора. Третата зона содржи приказни на Христовите страдања, меѓу кои: Молитвите господови, Предавањето Христово, Распетието Христово, Симнувањето од крстот и Христовиот гроб.[2]

Од исток кон запад на јужниот ѕид, во големата ниша се насликани Свети Никола седнат на престол со мали претстави на Исус Христос и Богородица од двете негови страни, како и на Свети Атанасиј и Свети Димитриј. Во малата ниша, сместена во западната половина на јужниот ѕид, се претставени светите воини: Свети Теодор Тирон, Свети Теодор Стратилат и Свети Никита. На крајот од јужниот ѕид, непосредно до работ кој го поврзува со западниот, е насликан Свети Антониј. Во втората зона, во наосот, од исток кон запад се живописани: Тајната вечера, Приведувањето Христово, Петровото одрекување, Тепањето Христово, Ругањето на Христа и Судењето Христово од Пилат; додека третата зона во наосот располага со шест сцени, меѓу кои: Раѓањето Христово, Воскреснувањето на Лазар, Цветници, Тајната вечера и Умивание.[2]

Наос и олтар

уреди

Црковниот свод во наосот содржи повеќе претстави. На западната страна е прикажан Светиот дух со гулаб во сончев диск со долги зраци, а по него следуваат Исус Христос како цар на небото, Бог Саваот во средишниот дел на сводот, Исус Христос Седржител опкружен со херувими, серафими и други божји суштества. Непосредно над Големиот крст од иконостасот е насликан Исус Христос како ангел, а во крајниот дел, до источниот ѕид во олтарниот простор, е прикажан Исус Христос Емануил, што на хебрејски значи „Бог е со нас“.[2]

Претставите на ѕидните површини во олтар претставуваат продолжение на сцените насликани на останатите ѕидови во црквата. Во средината на источниот ѕид има невообичена претстава на Богородица Ширшаја со малиот Исус, а под неа има четири свети сослужители. Десно од Богородица Ширшаја, во средишниот дел се наоѓа нишата на ѓаконикот, а на поголема површина се прикажани Свети Роман, Свети Ахил Лариски и Свети Кирил Александриски. Најдолниот дел од северниот ѕид има приказ на Свети Петар како со наклон и испружени раце му се обраќа на Исус Христос кој е прикажан како богомладенец на олтар. Над оваа фреска следи зона со две полиња, во која се насликани сцени од Раѓањето Христово со Мајакта Бижја, а потоа фризот со неколку светители и над него Христовото воскресение од гробот и Томината молба за простување. Во највисокиот дел, насликани се уште две претстави со Христовото патешествие — Воскресението Христово и Христовото појавување. На јужниот дел од ѕидот во олтарот, во првата зона се прикажани Свети Спиридон и Свети Герман во свечена облека, а над нив во две полиња се живописани сцените со осветлението на смоквата и сцената со фарисеите. Во третата зона на овој дел од ѕидот се среќаваат уште две сцени од Христовото патешествие — Раѓањето и Сретението.[2]

Галерија

уреди
 
Фрески и напис над влезната врата во црквата „Св. Никола“ - Слепче (Прилепско)
 
Напис на мермерна плоча пред влезот на црквата
Надворешност
Графички цртежи на натписите и фреските

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 18. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 Д., Т.. „Величието на црквата „Св. Никола“ во манастирот кај селото Слепче, Општина Долнени“. Пелагон. 27 април 2019.
  3. 3,0 3,1 А., Б.. „Манастир „Свети Никола“, село Слепче“. OldPrilep. 6 декември 2011.
  4. 4,0 4,1 Ќорнаков, Димитар (2009). Македонски манастири. Скопје: Матица македонска. стр. 145–149. ISBN 9989-48-558-5.
  5. Гергова, Иванка. Хоросът от манастира „Св. Никола“ от Слепче Прилепско, УДК.745.41(497.7), стр. 143.

Литература

уреди
  • Митревски, Н. (2001). Манастирот Слепче кај Прилеп. Прилеп.
  • Nikolovski, D. (2009). Macedonian Woodcarving. Skopje, стр. 107-111, ill. 73.
  • Nikolovski, D. (2010). The Icon Painting in Macedonia. Skopje, стр. 101, ill. 130.
  • Ќорнаков, Д. (1998). „Иконостасот од манастирската црква „Свети Никола” во село Слепче (Прилепско)“. Пелагонитиса, бр. 5/6, Битола, стр. 102-107.

Надворешни врски

уреди