Црква „Св. Ѓорѓи“ - Драгомирци
Свети Ѓорѓи (грчки: Αγίου Γεωργίου) — црква во селото Драгомирци, Кукушко, Егејска Македонија. Влегува во состав на Полјанско-кукушката епархија на Цариградската патријаршија.[1] Во 1981 г. црквата е прогласена за заштитен споменик.[2]
Свети Ѓорѓи | |
---|---|
Aγίου Γεωργίου | |
41°0′35″N 22°39′45″E / 41.00972° СГШ; 22.66250° ИГД | |
Место | Драгомирци, Кукушко |
Земја | Егејска Македонија, Грција |
Вероисповед | Цариградска патријаршија |
Архитектура | |
Културнонаследна категорија | споменик на културата |
Архит. тип | трикорабна базилика |
Завршена | 1806 |
Управа | |
Архијерејско намесништво | Крестонско |
Епархија | Полјанско-кукушка |
Архитектура
уредиЦрквата престставува трикорабна базилика, најтипична за своето време. Има димензии од 19,80 × 9,70 м, полукружна апсида во источниот дел на градбата, и нартекс и галерија на запад. Порано имала трем на југ, за што сведочат остатоците од дрвените потпори во ѕидовите.[1]
Внатре црквата корабите се поделени со две колонади од по четири пара столбови. Средниот кораб е поширок. Столбовите се дрвени и аглести, но премачкани со гипс за да изгледаат цилиндрични. Апсидата е полукружна, а нишите на жртвеникот и ѓаконикот не излегуваат од источниот ѕид. Галеријата е над нартексот на западната страна и до неа се стасува по дрвени скалила од северната страна. Храмот има два влеза — јужниот води во наосот, а западниот во нартексот. Прозорците се малку на број и имаат хоризонтачни железни пречки. Зачуван е оригиналниот под, направен од плочи од малтешки камен.[1]
Покривот е симетричен на средишната оска и има засеци на источната и западната страна. Апсидата има сопствен покрив.[1]
Камената камбанарија на југоисточниот агол на комплексот е подоцнежна. Под покривот има четири сводести отвори. На источниот ѕид во песочник е врежана годината 1895.[1]
Живопис и украси
уредиНа јужниот ѕид на храмот, лево над главниот влез има мермерна плоча со натпис. Во средиштето е обликуван крст со иницијалите Ι(ησού)ς Χ(ριστό)ς ΝΙΚΙ. Натписот гласи „ΜΙΝ ΑΠΡΙΛΙΟΣ/ ΙΣ ΕΤΟΣ 1806 ΜΕΙ/ ΓΕΟΡΓΕΚΟΣ Ο ΜΙΤΡΕΣΤΙ/ ΠΑΠΑ ΙΟΥΑΝΙ ΧΡΙΣΟ“. Од него дознаваме дека црквата е изградена во април 1806 г. по стар стил. Градителот е наведен како „Георгекос Митрешти“ (Ѓорѓи Митревски?), а свештеникот како Јован Хрисо (Христов?).[1]
Столбовите на наосот се украсени со цветни мотиви. Над лаковите и во соодветните горни подрачја на јужниот и северниот ѕид се претставени сцени од циклусот за Христос — Сретението Господово, Поклонението на мудреците, Воскресението Лазарево, Преображението Христово и други. На источниот ѕид е Благовештението, Рождеството Христово, сцени од чудата, Страстите и Воскресението Христово. Во конхата на апсидата е претставена Богородица Патеводителка со Христос, а под нив има јерарси. На јужниот ѕид меѓу таванот и вратата е претставен Легнатиот Христос, а потоа и Второто пришествие, макар што сцената во голема мера е уништена.[1]
Во левиот дел над влезот е откриен натпис со сина боја и големи букви, на кој се вели дека средствата за храмот ги дало трговското семејство Чорбаџиски. Натписот ги наведува и зографите кои ги обновиле фреските — Евстатиос Ангелу од Солун и Димитар Вангелов (Димитриос Евангелу), а годината на обновата е укажана како 1863. Димитар Вангелов е од Петрово иако во почетокот на кариерата соработувал и со уметници од Солун. Некои од неговите творби можат да се видат на подрачјето на Кукушко и Солунско.[1]
Главните фигури имаат долги лица и големи очи, долги носови и темна кожа. Фигурите на втор план се помали и етерни. Облеклата ги следат линиите на телото и ја разоткриваат неприродната и нескладна структура.[1]
Иконостасот е резбан и се потпира на првиот пар столбови од источната страна. Изработен е во втората половина на XIX век и по висина е поделен на три подрачја. Првото подрачје се состои од прости табли, втората од седум големи икони, а третата од 22 мали икони, кои не се целосно зачувани. Фризовите се изрезбани со цветни и животински мотиви.[1]
Малите столбови на царските двери се овенчани со човечка фигура во фустанела која носи тојага во левата рака. Вон царските двери, на вратичката на жртвеникот е претставен Архангел Михаил. Во долниот дел на оваа фреска има натпис на авторот на иконостасот — истакнатиот тресонечки творец Дичо Зограф, претставник на Дебарската школа. Над иконостасот има крст со два змеја.[1]
На средниот столб од северната колонада е сместен деветтостраниот амвон. На секоја од овие страни се насликани четворицата евангелисти и столбовите на верата. Крај фигурата на Свети Атанас Кулакиски, новомаченик настрадан за верата во 1774 г., се гледа натписот: „Κύριε Ιησού/ Χριστέ ελέ(η)σον και σωσον του κεκοι(μη)μέ/νου δούλου σου Αθανά/σιος Πέϊκου και αξίω/σον αυτόν εν τη επου/ρανίω Βασιλία σου/Αμήν“. („Господи, Исусе Христе, помилуј и спаси го работ твој Атанас Пејков и прими го во Царството Твое, Амин.“)[1]
Северниот правоаголен дел на амвонот, кој се состои од големи табли, е украсен со цветни мотиви. Во горното подрачје има букети од рози, а во долното – две качулести дрва и три високи чемпреси. Во средиштето има минускулен калиграфски натпис: Χείρ Ζήση παππά/ Κων(στ)αντίνου Ζωγρά/φου ἐκ Κολακιάς/ τῷ αωξζ΄. Според натписот, амвонот е дело на зографот Зисис Папаконстантину, претставник на Кулакиската школа од погрченото солунско село Кулакија.[3] Владичкиот престол е прост, со змејски глави во подножјето. Пет пренсливи икони се дело на други претставници на Кулакиската школа — Атанасиос Маргаритис и Ставракис Маргаритис од 1859 и 1861 г. Подоцна тие се преместени во поновата црква.[1] Во храмот има икони на Димитар Вангелов.[4]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 Χατζούλη, Γλυκερία Μ. „Ιερός Ναός Αγίου Γεωργίου στο Βαφειοχώρι“. Promo.cross. Архивирано од изворникот на 2014-12-05. Посетено на 21 јуни 2014.
- ↑ „ΥΑ ΥΠΠΕ/ΑΡΧ/Β1/Φ34/8276/214/26-2-1981 - ΦΕΚ 182/Β/31-3-1981“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2022-05-12. Занемарен непознатиот параметар
|access0date=
(help) - ↑ Ευγενίδου, Δέσποινα (1982). Μια „Συντεχνία“ αγιογράφων του 19ου αιώνα από την Κολακιά (PDF). Θεσσαλονίκη: Μακεδονικά, Τόμος ΚΒ (1982) 180-204. стр. 182. Посетено на 10 јуни 2014.
- ↑ „Ταξιδεύοντας με τους ζωγράφους“ (PDF). Υπουργείο Πολιτισμού και Αθλητισμού. Εφορεία Αρχαιοτήτων Κιλκίς. Посетено на 23 јуни 2018.