Хрватска банка за обнова и развој
Хрватска банка за обнова и развој (хрватски: Hrvatska banka, HBOR) претставува државна институција за осигурување и финансирање на извозот, како и поддршка на претприемништвото и економскиот развој, воопшто. Банката е во целосна државна сопственост.
Историја
уредиХрватската кредитна банка за обнова (HKBO) била основана во јуни 1992 година, а во декември 1995 година била преименувана во Хрватска банка за обнова и развој (HBOR). Хрватската банка за обнова и развој е во сопственост на Владата на Република Хрватска, со основачки капитал од 7 милијарди куни.
Цели на банката
уредиОсновната цел на Банката е дефиниран на следниов начин: „Преку кредитирање, осигурување на извозот од политички и комерцијални ризици, издавање гаранции и низ деловно советување, HBOR гради мостови помеѓу претприемничките идеи и нивното остварување, со цел зајакнување на конкурентноста на хрватската економија“. Поконкретно, целите на оваа јавна институција се дефинирани на следниов начин:[1]
- Финансирање за обнова и за развој на хрватската економија;
- Инфраструктурно финансирање;
- Промовирање на извозот;
- Поддршка и развој на малите и средни претпријатија;
- Промовирање на заштита на животната средина;
- Осигурување на извозот од непазарни ризици.
Финансиски активности
уредиИ во случајот на HBOR, кредитирањето на малите и средни претпријатија и поддршката на претприемништвото имаат висок приоритет. Кога е во прашање поддршката на малите и средни претпријатија и на претприемништвото, основните цели и принципи на работење на HBOR се многу слични со оние на другите јавни институции во оваа област. Имено, кредитите се даваат под многу поволни услови, нивната операционализација се врши преку селектирани комерцијални банки со кои HBOR склучува посебни договори, дел од кредитите се револвинг, а средствата се обезбедени од домашни и од меѓународни извори.
Позначајните кредитни линии на оваа институција се:[1]
- Кредитна линија за финансирање жени-претприемачи (кредитот е наменет за финансирање на основни и на трајни обртни средства на износ не поголем од 700 000 куни, рок на отплата до 12 години, вклучувајќи грејс-период од 2 до 5 години и каматна стапка од 4%);
- Кредитна линија за финансирање трајни обртни средства (кредитот е наменет за финансирање трајни обртни средства, износот на кредитот не е ограничен и зависи од тоа со колкави средства располага HBOR, какво е мислењето на деловната банка, кредитниот потенцијал на барателот на кредитот и неговата потреба од обртни средства, рок на отплата до 6 години, вклучувајќи грејс-период од 2 години, и каматна стапка од 4%-6%);
- Кредитна линија за финансирање на развојот на мали и на средни претпријатија (кредитот е наменет за финансирање на трговски друштва, на лица кои самостојно вршат дејност, задруги и сл., со рок на отплата до 12 години, вклучувајќи грејс-период од 3 до 5 години и каматна стапка од 2% до 4%);
- Кредитна линија за финансирање на земјоделството и на мали претпријатија во области кои се од посебен државен интерес (кредитот е наменет за финансирање основни и трајни обртни средства, износот на кредитот не треба да е понизок од 80 000 куни до максимум 3 500 000 куни, рок на отплата до 14 години, вклучувајќи грејс-период од 3 до 5 години и каматна стапка од 2% до 4%);
- Кредитна линија за финансирање острови (кредитот е наменет за финансирање основни и трајни обртни средства на фирми сместени на хрватските острови, износот на кредитот не треба да е понизок од 80 000 куни до максимум 3 500 000 куни, рок на отплата до 14 години, вклучувајќи грејс-период од 3 до 5 години, и каматна стапка од 2% до 4%);
- Кредитна линија (програма) за финансирање од ИПА фондовите (целта на оваа кредитна линија е поддршка на зголемувањето на конкурентноста на малите и на средните претпријатија во Република Хрватска – минималниот износ на кредитот изнесува 80 000 куни, додека максималниот износ не е ограничен, туку зависи од можностите за финансирање на HBOR, намената на инвестицијата, износот на грантот, кредитната способност на барателот на кредитот како и од квалитетот на понуденото обезбедување од негова страна. Рокот на отплата на кредитот е до 5 години, вклучувајќи грејс-период од една година и годишна каматна стапка од 2%).