Хори и Мијамура (јапонски: 堀さんと宮村くん) — семрежна манга создадена од Хироки Адачи под псевдонимот Херо. Првично, од февруари 2007 до декември 2011 г. била објавена во формат јонкома на мрежното место на авторотDokkai Ahen. Подоцна била објавена од Square Enix во 10 тома под отпечатокот Gangan Comics од 22 октомври 2008 г. до 28 декември 2011 г. Дополнителни приказни биле објавени под општиот наслов Hori-san to Miyamura-kun Omake (јап. 堀さんと宮村くん おまけ). Од 2012 г., сериите OVA се објавени врз основа на мангата.[1]

Хори и Мијамура
Корицата на првиот том, лево е Кјоко Хори, десно е Изуми Мијамура
АвторХироки Адачи
Жанрромантична комедија
Објавена2007 — 22 декември 2011 (манга)
18 октомври 2011 — 18 март 2021 (манга „Хоримија“)
21 јули 2012 — 16 јули 2021 (Hori-san to Miyamura-kun Omake)
26 септември 2012 — 14 декември 2020 (OVA)
10 јануари 2021 — 4 април 2021 (аниме „Хоримија“)
1 јули 2023 — 23 септември 2023 (аниме „Horimiya: The Missing Pieces“)
Издавачсамоиздавање
Square Enix

Од 2011 г., Даисуке Хагивара ја адаптирал мангата под надзор на Херо. Неговото дело е објавено под насловот Horimiya (Хоримија, јап. ホリミヤ, споено од имињата Хори и Мијамура) во списанието Monthly G Fantasy.[2] Аниме-адаптација на Horimiya била создадена од CloverWorks, а серијата била премиерно прикажана во јануари 2021 г. Била создадена и втора аниме-серија, насловена Horimiya: The Missing Pieces, која се прикажувала од јули до септември 2023 г.

Содржина

уреди

Приказната се врти околу двајца средношколци — Кјоко Хори, умна и популарна ученичка, и нејзиниот соученик Изуми Мијамура — мрачно и навидум затворено момче со очила. Надвор од училиште, Хори е домашарка, која се грижи за куќата и за нејзиниот помал брат Сота. Таа настојчиво пробува да го скрие тоа од своите соученици, за да не ја наруши нејзината друштвена положба и да не предизвика загриженост кај другите. Еден ден, Сота доаѓа дома со крварење од носот. Тој е придружен од момче со бројни пирсови и тетоважи и се претставува како Мијамура. Хори одвај го препознава. Тие одлучуваат да ја кријат својата вистинска самоличност од своите врсници. Меѓутоа, со текот на времето, кога двајцата почнуваат да учат повеќе еден за друг, дознаваат дека имаат повеќе заедничко отколку што првично мислеле. Заедно, тие решаваат да си помагаат еден на друг да ја чуваат во тајност нивната самоличност по училиште. Како што минува времето, двајцата стануваат сѐ поблиски и поблиски.

Ликови

уреди

Кјоко Хори (јап. 堀 京子) — таа е бистра и популарна девојка на училиште, но дома е одговорна девојка што се грижи за својот помал брат и за сите домашни работи. Кога нејзиниот соученик Изуми Мијамура ја видел Хори дома поради случајна средба, се исплашила дека нејзината тајна ќе биде откриена. За среќа, Изуми претпочита да ја чува тајната за себе. Со текот на времето, таа развива романтични чувства кон него и тие почнуваат да излегуваат.

Изуми Мијамура (јап. 宮村 伊澄) — поради неговиот чуден и морничав изглед, често го мешаат на училиште за отаку. На училиште никогаш не ги соблекува сакото и панталоните, бидејќи под нив ги крие тетоважите, а под косата пирсовите. Ја дознал тајната на Кјоко кога еден ден го однел нејзиниот брат дома. Пред да ја запознае, не мислел дека може да се согласува со некого, но како последица на врската со Кјоко, полека почнува да стекнува самодоверба и да се дружи меѓу своите соученици. Отпрвин, тој ја посетил куќата на Кјоко за да си игра со нејзиниот помал брат, но додека поминувал време со неа, почнал да ги цени другите аспекти на нејзиниот карактер што таа ги криела од другите соученици. Кога Кјоко настинала и лежела во кревет со треска, Мијамура ѝ ја признал својата љубов. Тие официјално станале пар кога Кјоске, таткото на Кјоко, ја прашал својата ќерка дали Мијамура ѝ е дечко.

Сота Хори (јап. 堀 創太) — син на Кјоске Хори и Јурико Хори и помалиот брат на Кјоко Хори со кого Изуми Мијамура првпат се среќава на почетокот на приказната кога Сота се исплашил од куче, кое го тера Мијамура да го врати дома, со што се среќава со Хори.

Јурико Хори (јап. 堀 百合子) — работохолична мајка на Кјоко, која знае да готви само кари, благодарна е за помошта на Изуми во грижата за Сота со Кјоко. Таа била соученичка на Кјоске во средно.

Кјоске Хори (јап. 堀 京介) — татко на Кјоко и Сота што често отсуствува бидејќи е работохоличар. Тој посредно ја охрабрува врската на Кјоко и Изуми и се однесува кон Изуми како еден од неговите најдобри пријатели. Кјоко е обично безобразна, а понекогаш и насилна кон него, бидејќи тој не бил многу во близина додека таа растела. Тој бил соученик на Јурико во средно.

Наводи

уреди
  1. Kemner, Louis (2020-11-21). „Horimiya: What You Need to Know About the Shonen Romance Before the Anime“. CBR (англиски). Посетено на 2023-10-17.
  2. „3rd Hori-san to Miyamura-kun Original Anime Episode Previewed in Video“. Anime News Network. 2014-12-31. Архивирано од изворникот на 2020-11-29. Посетено на 2015-04-08. Занемарен непознатиот параметар |deadlink= (се препорачува |url-status=) (help)

Надворешни врски

уреди