Франциска Урсула Раѓивил
Франциска Урсула Раѓивил (полски: Franciszka Urszula Radziwiłł, белоруски: Францішка Уршуля Радзівіл, 13 февруари 1705, Чарториск – 23 мај 1753, Навагрудак) била полска писателка и драматург, првата писателка на територијата на модерна Полска и Белорусија. Таа била кнегиња и последната женска претставничка на благородничката куќа Вишњовецки.
Франциска Урсула Раѓивил | |
---|---|
Бакарна гравура од Гирш Лејбович | |
Роден/а | Франциска Урсула Вишњовецка 13 февруари 1705 Чарториск, Полско-литванска Државна Заедница |
Починат/а | 23 мај 1753 Пучевиче, Навагрудак | (возр. 48)
Занимање | Писател, поет, драматург |
Сопруг/а | Михаил Казимир Раѓивил |
Животопис
уредиРаѓивил била единственото дете на познати и богати родители. Нејзиниот татко бил кнезот Јануш-Антон Вишњовецки (1678–1741) кој бил кастелан на Краков, гувернер на Вилнус и Краков и градоначалник на Пинск, а неговата сопруга Теофила Лешчинска (1680–1757) била ќерка на кралскиот пехарник, гувернер на Подласија, градоначалник на Ковел и Каменец.
Раѓивил имала одлично образование: таа зборувала неколку европски јазици, била запозната со светската литература и пишувала поезија. Во домот на Вишњовецки доминирала креативна атмосфера, таткото на Раѓивил бил талентиран говорник и писател кој пишувал верски трактати, пофалби и религиозни песни. Во неговиот двор во Чарториск имал активна капела, а можно е да пишувал драми и за Дворскиот театар на Михаил Серваци Вишњовецки.
На 23 април 1725 година, Раѓивил се омажила за Михаил Казимир Раѓивил „Рибонка“, мецена на чело на најбогатото семејство во земјата. Тој бил IX ординат на Њасвиж (подоцна велики литвански хетман). Во бракот тие имале четири деца: Карол Станислав „Пане Коханку“ (1734–1790), Јануш Тадеуш (1734–1750), Теофила Констанца (1738–1818) и Катаржина Каролина (1740–1789).
Во тие денови било невозможно да се замисли животот во Њасвиж без фестивали, банкети, лов, митинзи, паради и игри. На иницијатива на Раѓивил, на сето ова бил додаден и театар со забава на кралско ниво: во Варшава театарските претстави биле иницирани само од кралевите Август II и Август III.
Принцот Михаил често бил отсутен бидејќи бил зафатен со парламентот и трибуналите, како и со другите негови имоти кои требал да ги посетува, па младата принцеза лично донесувала одлуки за повеќето прашања поврзани со управувањето на Њасвиж. Таа ја водела реставрацијата на замокот Њасвиж по разорните војни со Шведска, го заштитила Њасвиж од нападите на руската армија во 1730-тите, ја организирала и проширила библиотеката и ја обновила печатницата.
Бидејќи таа многу ретко била во можност да го напушти Њасвиж, таа развила голема културна пропаганда и христијански дострел. Талентите во литературната и ликовната уметност ѝ дозволија на Раѓивил за многу краток период да го претвори Њасвиж во еден од центрите на културниот живот во кралството.
Театарската страст на Михаил Казимир и Франциска Урсула започнала во 1740 година, кога за прв пат во замокот Њасвиж странска трупа оддржала претстава наречена „Примерот на правдата“. По ова биле организирани продукции со сопствени трупи, а меѓу драмите кои биле изведувани спаѓале комедиите на Молиер, „Заира“ на Волтер, како и драми на други европски автори. Театарот го постигнал својот дострел по 1746 година, кога Франциска станала негов менаџер. Тогаш биле изведени нејзините први драмски дела. Речиси секоја година принцезата пишувала по неколку нови драми со наративна содржина: во некои таа ставала акцент на потребата за образование, во други ги осудувала неверните сопрузи или се восхитувала на женската добрина и искреност. Сепак, доминантна тема во нејзините драми била љубовта, за што сведочат и елоквентните имиња на драмите: „Љубовта – пристрасен судија“, „Љубовта – вешт мајстор“, „Генијална љубов“ и слично.
Делата на Раѓивил можат да се поделат во два периода. Првиот период (1725–45) бил двојазичен, а жанрот – главно поетски и епистоларен. Најплодниот период на драмска уметност и театарски активности во Њасвиж бил во периодот од 1746–52 година, кога принцезата самата го водела културниот живот во замокот.
Последната театарска претстава во театарот во Њасвиж според „Дневникот“ на Михаил Казимир Раѓивил, датирала на 27 декември 1752 година: тоа била „оперетата на Европа“ (т.е. операта „Среќна несреќа“). Претходно во октомври, принцезата била толку болна што дури напишала проштално писмо до нејзиниот сопруг. Таа живеела уште шест месеци. Болеста, која се повлекла во првите месеци од 1753 година, ненадејно ескалирала на 18 мај кога принцезата, патувајќи кон Гродно, била принудена да остане во Пучевичи, село во близина на Навагрудак. На 19 мај, таа била пренесена во Навагрудак, каде што починала на 23 мај 1753 година во куќата на градоначалникот на Бабрујск.
Книжевно творештво
уредиПоезија
уредиРаѓивил е автор на 80 поетски дела[1] со различен обем – од четири до сто и педесет реда. Жанровскиот систем и фигуративната уметничка палета на нејзината поезија се засновани на класичното книжевно наследство на антиката (Цицерон, Овидиј, Сенека), формирано под влијание на западноевропската (првенствено француската класична) поетска школа од 17 век (поезијата на Франсоа де Молерб и Жан де Ла Бријер) но во тесна врска со уметничките достигнувања на националната култура од ренесансата и барокот.
Првите поетски творби на принцезата биле од епистоларниот вид. Од големиот број на писма на Раѓивил (над 1300) најинтересни се четирите поетски писма до нејзиниот сопруг. Поетските творби од овој вид го рефлектирале концептот на разговор, кој бил формиран уште во античката епистоларна теорија и се здобил со популарност во француската салонска поезија од 18-тиот век. Според прописите на Цицерон, авторот пишува писма „cotidianis verbis“ („со секојдневни зборови“) и традиционалната епистоларна формула ја комбинира со „состојбата на срцето“.
Сите четири поетски писма до принцот Михаил, проткаени со чувство на тага поради разделбата, го носат печатот на топлите субјективни чувства. Сепак, Раѓивил ги пишувала своите посланија очигледно надевајќи се на поширока публика, бидејќи меѓу редови ги артикулира главните точки на Кодексот на идеалната љубов: вечна лојалност, признавање на највисоките вредности на љубовта, безгранична тага и губење на интерес за животот по одвојување од саканиот. Станислав Василевски поетските писма на принцезата Раѓивилова ги опишал како „бунтен расцут на чувства без литературна пудра и фризури“.[2]
Голем дел од поетските творби на Раѓивилова се проткаени со експресивен дидактицизам. Опомената е идеолошка доминанта во поетското дело на принцезата насловено како „Совети за олеснување на сите животни настани“, кое било напишано по раѓањето на нејзината ќерка Ана Марија во 1732 година и ѝ била посветена нејзе, а не долго по смртта на принцезата во 1753 година била отпечатена од исусовците во Њасвиж. По воведната молитва, во петнаесет параграфи авторот ги формулира основните начела на целомудрениот живот. Традиционалните христијански концепти овде се проткаени со хуманистички духовни вредности кои се вкоренети во „Моралните писма до Луцилиј“ на Сенека. На пример, советите „да се прослави тројството на Единиот Бог“, да се биде ослободен од гордоста, да се избегне корупцијата и мрзеливоста и да се почитуваат родителите се поврзуваат со величење на мудроста и потврдување на приоритетот на духовните вредности пред убавината. Ако советот да се пристапи кон идеалот на светоста (бесконечната милост и добрина) се толкуваат во согласност со христијанско-хуманистичката доктрина, повикот за воздржаност кореспондира со ставовите на стоиците и епикурејците за спокојството на душата која не е оптоварена со завист и алчност. Организациско начело на се што е добро и позитивно е Бог, па затоа во последниот пасус советот „внимателно да се држиме за заповедите“ е поврзан со желбата за Божји благослов за малата ќерка.
Само три од седумте деца на Михаил и Франческа преживеале и достигнале полнолетство. Загубата на секое дете била причина за тешка душевна болка кај мајката, која за нив пишувала меморијални песни. Така, по повод смртта на двегодишниот првороден син во 1729 година бил напишан „Натписот на надгробниот споменик... на Николај Кристоф Раѓивил“, а по повод смртта на седумнаесетгодишниот Јануш во 1750 година бил напишан „Жалот за мојот син“ („Збогум до синот“). Двете погребни дела се истакнале по нивната елоквентност и имале панегириски елементи. Така, смртта на малиот син Николај е прикажана преку типичните слики на барокната елегична песна, од кои повеќето се концентрирани околу мотивот на „жетвата на смртта“. Овој избор му овозможува на авторот да направи посебен поетски оксиморон: Николај, кој бил роден во мај, а починал во јули, се споредува со „мајски цвет“, кој е прерано - сè уште во лето - косен од смртта.
Оплакувањето на Николај не е само поврзано со личната болка на мајката, туку е и свесност за непоправливата загуба на магнатските семејства Раѓивил и Вишњовецки, како и за кралството. Смртта на младиот принц е прикажана преку хералдичките знаци на амблемот на Раѓивил (орелот) и амблемот на Вишњовецки (ѕвезда и крст), преку доминантните бои (жолта и сина) на овие амблеми и преку кратка дигресија во славната историја на двете благороднички семејства. Само повремено, гласот на мајчинската тага се пробива низ покорните молитвени зборови кон Бога, низ возвишените реторички пасуси.
Циклусот од поетски портрети „Опис на дамите на нејзиното височество Раѓивил, канцеларка на Големото Литванско Кралство“ е напишан најверојатно во 1733 година, кога принцезата Раѓивил била во посета на нејзината свекрва Ана Катерина Раѓивил, на која и се однесува насловот. Ова е типичен пример на дворска поезија, создадена под влијание на француската салонска култура од 17-тиот век. Поетските портрети се главно комплементарни; тие имале рекреативна функција и затоа биле полни со вербална софистицираност и перифраза. Активна во општествениот живот, принцезата користела значајни факти од нејзината околина во својата поезија. Таа лесто пишувала голем број песни по повод на некој настан. Овие песни се разновидни по содржина и расположение: поздравни песни, проштални песни и слично. Настанот кој го инспирирал делото може да биде свадба или чувство на пријателска наклонетост, па дури и лов или писмо од Леон Михал Раѓивил до неговата сопруга Ана Мицелска.
Значаен дел од поетското наследство на принцезата се лирските песни во кои авторот се обидува да ја одрази „тиранијата на душата“. Таа го изразува своето лично разбирање за природата на односите меѓу жените и мажите, ја анализира својата ера од висината на нејзиното животно искуство и формулира сопствена стратегија за внатрешниот живот („Жалба“, „Стих со шум за бракот“).
Лирските песни на Раѓивил понекогаш биле во форма на религиозни песни. Меѓутоа, песните упатени кон Бога стануваат поетски илустрации за различни состојби на христијанската душа, кои се совпаѓаат со триесет и трите јазли на бројаницата. Понекогаш библиската темтика функционирала како уметничка подлога за расплет на моралниот концепт на авторот („Слатки спомени за рајот“). Овие лирски творби на Раѓивил се најконзистентни со развојот на барокната естетика и стил.
Со помош на разни уметнички техники Раѓивил ја открива својата животна филозофија, првично поврзана со внатрешниот живот. Како и другите поети од барокниот период, таа се чувствувала како среќен сопственик на вистината. Ова чувство доведе до свесност за интелектуалниот елитизам.
Важен факт е „лабавиот“ однос на Раѓивил кон авторските права. Од една страна, Раѓивилова лично преработила песна од францускиот поет Франсоа Вијон без да го стави во преработката името на авторот, од друга страна – таа го доделува авторството на своите песни на други лица (како што се, „Благодарност на Неговото Височество Принцот Леон Раѓивил“ или „Стих за споменот на нејзиното височество Ана Мицелска...").
Проза
уредиАвторството на Раѓивил останува недокажано за прозните трактати на француски јазик сместени во збирката „Ракопис со различни песни кои по барање на Неговото Височество, мојот сопруг, се препишани од мојата рака[...] во Њасвиж на 29 март 1732“. Во делата „За меѓусебните одговорности на мажите и жените..." и „Односите со другите и нивната тајност“ се анализираат различни прашања од семејниот живот, а даваат и размислување за тоа како може да се обезбеди среќа во бракот: мудра претпазливост, побожност на сопружниците, реципрочно извршување на брачните обврски, пристојност и добронамерност, учтивост и доблесност.
Во нејзиниот трактат „За бракот“ таа пишува за духовната, религиозна и социјалната природа на бракот, ги формулира неговите цели и дава совети како да се направи вистинскиот избор за да се направи бракот среќен. Очигледно е дека прашањата одразени во франкофонските расправи биле од исклучитечен интересн за Раѓивил, чие творештво од почетокот било јасно насочено кон темата на љубовта, барем во рамки на бракот.[1]
Драма
уредиОд 1746 година, Раѓивил пишувала по две или три драми годишно кои се изведувале на сцените во Њасвиж.[1] По бракот, принцезата ретко патувала надвор од резиденциите на Раѓивил. Честото породување и лошата здравствена состојба не ѝ дозволувале да патува, па нејзиното театарско образование се одвивало дома, во библиотеката. Од поетско-драматичните дела преминала кон комедијата, трагедијата и либретото.
Посебна одлика на драмските дела на Раѓивил е тоа што таа пишувала директно за сцената: штом ќе завршила со пишување на некоја трагедија или комедија, секоја семејна прослава би можела да биде соодветна прилика за нејзино изведување. Па така, сериозен настан се одвивал кога се изведувало нешто сериозно, кога семејниот настан бил весел – била присутна комедија.
Постои причина за сомнеж дека Раѓивил почнала да пишува драми дури во 1740-тите: фрагментите од поединечни дела веројатно биле напишани порано. Постои веројатност делови од нацртот да биле веќе напишани пред 1732 година, кога принцезата активно размислувала за проблемите на љубовта и бракот. Меѓутоа, бидејќи доказите за раното драмско искуство не постојат, за почеток на нејзината драматуршка и режисерска дејност официјално се смета 13 јуни 1746 година, кога во летната резиденција Алба во Њасвиж била изведена комедијата „Генијална љубов“, посветена на нејзината 44-годишнина со принцот Михаил Казимир. Поради недостиг на објекти приспособени за изведби, претставата била извевдена на отворено; била изградена декорацијата наменета за сцената, биле поставени софи за благородниците и свештенството, а ситните благородници и офицерите на гарнизонот на Њасвиж ја гледале претставата стоејќи.
По првата претстава, поттикната од пофалби од Михаил, Раѓивил во 1746 година напишала уште една драма наречена „Тоа е Божја предодреденост“. Ова дело, означено од авторот како трагедија, посочува кон повеќе приказни и всушност претставува вид драматична интерпретација на бајките. Така, основата на горенаведената трагедија може да се препознае во европската фолклорна приказна за Заспаната убавица и Снежана. Бидејќи принцезите Теофила и Керолина Раѓивил биле глумици во оваа претстава, можеме да претпоставиме дека децата на Раѓивил биле тие кои ја поттикнале да црпи инспирација од познатите бајки.
Споредбата на заплетот на претставата „Тоа е Божја предодреденост“ со различни толкувања на оригиналната приказна во фолклорот ги покажува белоруските или украинските корени на приказната. Во исто време, наивната приказна на Раѓивил е исполнета со морализирачки патос. Претставата станува илустрација на еден од централните мотиви на драмите на Раѓивил: сè што се случува во светот е прашање за Божјата предодреденост. Главната улога во претставата не му припаѓа на огледалото, туку на суровата безбожна мајка која ја губи убавината кога станува морално чудовиште.
Во комедијата „Љубовта е пристрасен судија“, Раѓивил ѝ дава нова форма на приказната за тројанскиот принц Парис, од неговото раѓање до неговото пристигнување во Троја со Еелена. Грчките митови за Тројанската војна уште од античко време биле многу популарни. Сепак, и покрај големиот број претходници кои пишувале за тројанскиот мит, Раѓивил тргнала по свој пат при создавањето на комедијата. Таа ги менува настаните, текот на приказната и имињата на ликовите. Во својата претстава таа покажа ново, „аристократско“ разбирање на суштината на тројанскиот мит со нови акценти. Таа сосема ги екзонерира Парис и Пријам, и покрај тоа што претходната книжевно-драмска традиција ги сметала за негативни ликови кои се поставиле против волјата на боговите.
На главниот лик таа му дава фундаментално ново толкување: во познатата сцена со „Трите божици“ Парис без двоумење ѝ го дава „јаболкото на раздорот“ на Венера, за разлика од митскиот херој. Тој верува дека ќе мора да се плаши од осудата на боговите ако го подари јаболкото со цел да стекне моќ или мудрост, но не за љубов. Ново толкување добива и патувањето на Парис до Грција. Според митот, тројанскиот принц оди да ја ослободи Хесина - сестрата на Пријам, но со надеж дека ќе ја добие Елена во Спарта. Во делото на Раѓивил, Парис целосно заборава за дарот на Венера: засрамен од своето незнаење, тој оди на долго патување во цивилизираните земји за да се школува. Овој заплет има првенствено дидактичка цел да ги подучи децата, а во поширока смисла реинтерпретацијата на митот може да се гледа како резултат на просветителската идеологија, со нејзиниот култ кон науката и образованието.
„Несовесен судија“ е приказна за трите христијански сестри-маченички Агапа, Хионија и Ирина кои живееле во времето на императорот Диоклецијан. Драмата е блиска до жанрот на средновековната морална драма, но креативно преработена, така што главните ликови биле во центарот на вниманието. Гуриј Баришев истакнал дека „акцент е ставен на големината и моќта на духот кој не може да се скрши со убедување да се промени религијата или со мачење и понижување“.[3] Опишувајќи ги главните ликови, авторот го привлекува вниманието на „внатрешниот“, духовен аспект на нивната светост. Во ова се рефлектира талентот на Раѓивилова како поетски толкувач на христијанската религија.
Комедијата „Љубовта се раѓа во очите“ е прва во циклусот на драми што полскиот научник Јуриј Кжижановски ги нарекува античко-источно-пасторални. Дејството на комедијата се одвива воКипар во античко време. Фокусот на авторот е на моќта што љубовта ја има над личноста. Во една од епизодите, Раѓивил нуди модел на идеалната држава.
Во 1750 година, Раѓивил ја напишала трагедијата „Злато во оган“. Заплетот на претставата е познат од романите на Бокачо: приказната за маркизот од Салуцо, кој се оженил со сиромашна девојка, а потоа сурово ја проверил лојалноста на новата сопруга. Уште една комедија, „Забава на среќата“ се одвива во Египет и се базира на легендата за египетскиот крал Априес, кој бил соборен од новопрогласениот крал Амадис. Легендата е преземена од херодотовата „Историја“. Раѓивил во ова дело успешно ги синтетизира античката историја, фигуративните и наративните елементи на хеленистичките и херојските романи, додавајќи го величествениот барокен тон како декорација. Во делото „Заробени либертини“ од 1751 година, Раѓивил обработува познати источни бајки од „Илјада и една ноќ“. Данскиот научник Адолф Стендер-Петерсон ја истакнува живоста на дијалозите и изновредната диференцијација на карактерите.[4] Достигнувањето на Раѓивил било во тоа што во ерата на пасторалната драма таа користела живи разговори, создавала живописни реални ликови и успешно ги комбинирала сите овие елементи.
Комедијата „Неразумен судија“ била втората источна фарса, со „реални примероци од комичниот ориентализам“.[5] Во ова дело Раѓивил ги обединува источното опкружување со елементите на фарсичното дејство.
Последната и најпродуктивна година во творештвото на принцезата била 1752 година: таа превела две драми на Молиер – „Les Précieuses ridicules“ и „Доктор и покрај себе“. Истата година, таа напишала две опери базирани на класичната античка митологија. Античкиот мит ја отелотворува доминантната идеја во делата на Раѓивил: проверки но и награди за искрената љубов. За разлика од античките приказни, љубовта на Раѓивил е галантно префинето чувство и желба за духовно единство, а не физичка жед.[6]
Раѓивил била креатор на репертоарот на Њасвишкиот дворски театар, како и преведувач и обработувач на наследството на комедиите на Молиер. Таа била првата белоруска жена-драматург и создала синкретична драмска култура, развиена под значително влијание на западноевропскиот театар. Таа се служела со добро познати литературни и фолклорни заплети, кои креативно ги преработувала во согласност со нејзиниот морален и естетски концепт. Нејзиниот стил бил создаден под влијание на барокот, вклучивајќи ги неговите нејасни жанровски граници и слободна композиција. Во исто време, одредени епизоди го потврдуваат влијанието на класичната поезија, како и на просветителската идеологија.[7] Пренесувајќи ја сцената во егзотични земји, таа ги прилагодувала секојдневните, општествено-политички реалности на нејзината татковина со нејзините доместични, социјални и политичкати одлики.
Кредото на Раѓивил може да се опише како „пофалба на жената“. Стилот на нејзиното драматично творештво бил формиран под влијание на највискоте достигнувања на европската литатурна уметност од претходните епохи, а бил тесно поврзан со опсегот на теми и идеи на доцниот барок и претставува доказ за високото ниво на префинетост на поетскиот јазик во полско-белоруската литература од 18-тиот век.[8] Раѓивил ги апсорбирала идеите и концептите на модерното време – на просветителството, и нејзините дела ги одразуваат духовните потреби на аристократијата.
Наследство
уредиПо нејзината смрт, еден од њасвишките актери и сценски режисери Јакуб Фричински ги објавил сите нејзини драмски дела, со врежани илустрации од Михал Жуковски врз основа на цртежите на Раѓивил („Комедија и трагедија“, 1754 година).[9] Обемен том со наслов „Комедија и трагедија, составени од Нејзиното височество принцезата Вишњовецки, Корибут, Раѓивил“ вклучува девет комедии, пет трагедии и две опери (според жанровските дефиниции опишани во книгата). Постојат неколку примероци од книгата испечатени без датум, на добра хартија, со разлики и во насловната страна и во текстот. Копијата во Националната библиотека на Белорусија најверојатно е реобјавување.
Наследството на Раѓивил е вреден историски и литературен документ. Се состои од шеснаесет комедии и трагедии, а писателката дури ги испробала своите вештини во оперски либрета. Нејзините драми биле изведени на повеќе раџивилови имоти, но по смртта на Михаил Казимир во 1762 година нејзините дела станале театарска реликвија и го држеле интересот само на тесен круг на семејството Раѓивил, а јавноста ги заборавила. Новиот подем на Њасвишкиот театар започнал во 1777 година, кога синот на Раѓивил, Карол Станислав Раѓивил „Пане Коханку“, се вратил од егзил.
Долго време името Франциска Урсула Раѓивил било непознато за општиот читател. Во Белорусија, книга со избрани драми била објавена дури во 2003 година. Наталија Русецка, Наталија Гордиенко, Андреј Хаданович, Жана Некрашевич-Коротка и други го изработиле преводот на белоруски јазик.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 „Franciszka Urszula Radziwillowa: Selected Drama and Verse – ACMRS“.
- ↑ Waylewski S. U księżnej pani. Lwów, 1922. S. 4-5.
- ↑ Барышев Г. Театральная культура Белоруссии XVIII века. Мн., 1992. С 121
- ↑ Stender-Petersen A. die Dramen, insbesondere die Komödien, der Fürszin Radziwiłł // Zeitschrift für slawische Philologie. 1960. T. XXVIII. H 2. S. 381—281.
- ↑ Kryżanowski J. talia i melpomena w Nieświeżu: Twórczość U. F. Radziwiłłowej // Pamiętnik teatralny. 1961. R. X. Z. 3 (39). S. 397.
- ↑ Некрашэвіч-кароткая Ж. Францішка Уршуля Радзівілл… С 872.
- ↑ Некрашэвіч-Кароткая Ж. ФранцішкаУршуля Радзівілл… С. 874.
- ↑ Некрашэвіч-Кароткая Ж. Францішка Уршуля Радзівілл… С. 875.
- ↑ Widacka, Hanna. „Księżna sawantka“ (полски). Muzeum Pałac w Wilanowie. Архивирано од изворникот на 2012-03-15. Посетено на 2008-07-27. Занемарен непознатиот параметар
|deadlink=
(се препорачува|url-status=
) (help)
Библиографија
уреди- Радзівіл Ф. У. Выбраныя творы: Пер. з пол. і фр./францішка Уршуля Радзівіл; Уклад. Сяргея Кавалёва; Прадм. Жанны Некрашэвіч-Кароткай і Наталлі Русецкай; Камент. Сяргея Кавалёва і іншю — Мн.: МГА «Бел. кнігазбор», 2003. — 445 с., [8] л. іл. — (Беларускі кнігазбор; Сер. 1. Мастацкая літаратура).
- Радзівіл Ф. У. Перасцярогі збавення: [Вершы]. Безразважлівы судддзя: [П’еса]/Францішка Уршуля Радзівіл //Наша вера. — 2003. — № 2. — С. 52—60.
Дополнителна литература
уреди- Celia Hawkesworth, A History of Central European Women's Writing, Palgrave Macmillan, 2001, ISBN 0-333-77809-X
- Jadwiga Sokolowska and Krystyna Zukowska, Franciszka Urszula Radziwillowa, Poeci polskiego baroku. Warsaw 1965, vol.2
- Judkowiak Barbara, Słowo inscenizowane. O Franciszce Urszuli Radziwiłłowej – poetce
- The Great Lithuanian Kingdom: encyclopaedia. V.2. – Minsk, 2006.
- Encyclopaedia of Belarusian literature and art. V.4. – Minsk, 1985.
- Frantsishka Urshulia Radzіwill // Belarusian encyclopaedia. Minsk, 2001. V.6, book 1, p. 213.
- Frantsishka Urshulia Radzіwill // Encyclopaedia of history of Belarus. Minsk, 2001. V.6, book 1, p. 62.
- Frantsishka Urshulia Radzіwill // Enlighteners of Belarus. 10th – beginning of 20th century: Minsk, 2001, pp 345–346.
- Baryshau G. Ursula Frantsishka Radzіwill (1705–1753) / Gury Baryshau // Slavutyia іmiony Batskaushchyny: Minsk, 2000. №1, p. 147–159.
- Baryshev G.I. Nesvizh amateur theater and drama of Urszula Frantsishka Radziwill // Baryshev G.I. Theatre culture of Belarus in XVIII century / Minsk, 1992. pp 103–140.
- Gorshkovoz-Bazhenova O.D. Thumbnails of Urshula Frantsishka Radziwill, engraved by M. Zhukovsky. Theatre in Nevsizh / Gorshkovoz-Bazhenova O.D .// Zdabytkі: dakumentalnye. pomnіkі na Belarusi. Minsk, 2002, vol. 5, pp. 48–57.
- Nekrashevіch-Karotkaya Zh. Frantsishka Urshulya Radzіwіll // History of Belarusian literature in X-XIX centuries. Literature of the past: XI – XVIII centuries, in 2 volumes / V.A. Chamyarytskі. – Minsk, 2007. ISBN 978-985-08-0875-2
- Maslyanіtsyna, I. M. Radzіwіll Frantsishka Urshula // Myslіtselі i asvetnіkі Belarusi. Entsyklapedychny davednіk / edited by B. I. Sachanka. – Minsk: Belaruskaya entsyklapediya, 1995. – pp. 276–281. – 672. – ISBN 985-11-0016-1.