Франсоаз Саган (фр. Françoise Sagan; Кажар, 21 јуни 1935 — Онфлер, 24 септември 2004), со крсно име Франсоаз Коаре, била француски драматург, романописец и сценарист. Наречена „шармантен мал монструм“ од страна на Франсоа Моријак[1] таа се појавила на насловната страна на „Фигаро“. Саган е позната по силните романтични теми во своите книги кои вклучуваат богати и илузорни ликови, припадници на буржоаската класа. Нејзиното прво и најпознато дело е романот „Добар ден таго“ (1954), кое го напишала како тинејџерка.

Франсоаз Саган
Françoise Sagan
Роден/а21 јуни 1935(1935-06-21)
Кажар, Франција
Починат/а24 септември 2004 (возраст: 69)
Онфлер, Франција
Занимањероманописец, сценарист и драматург
Франсоаз Саган во 1960 година

Животопис

уреди

Саган е родена во Кажар, а детството го поминала во Лот, опкружена со животни кои биле нејзина страст до крајот на нејзиниот живот. Со прекарот „Кики“ била најмлада ќерка на имотни родители – нејзиниот татко бил директор на компанија, а мајка и ќерка на богат земјопоседник. Нејзиното семејство за време на војната живеело во Дофне, а потоа во Веркорс. Нејзината баба од страна на татко ѝ била Русинка од Санкт Петербург.[2][3] Саган го стекнала своето образование во еден лицеј на милосредни сестри,[4] а потоа се запишала на факултет, но не била заинтересирана за него и не го завршила.

Животопис

уреди

Псевдонимот Саган го презела по ликот на „Принцезата Саган“ од прочуеното дело на Марсел Пруст, „Во потрага по изгубеното време“. Таа се мажела двапати. На 13 март 1958 година се омажила за својот прв сопруг, Ги Шелер, издавач во Ашет кој бил постар од неа дури 20 години. Тие се развеле во јуни 1960 година. Во 1962 година, се омажила за Боб Вестхоф, млад американски плејбој, а се развеле во 1963 година. Истата година, во јуни се родил нивниот син Денис.[5] Саган потоа имала долгогодишна лезбиска врска со модната стилистка Пеги Рош. Имала, исто така, и љубовник, Бернар Франк, оженет есеист опседнат со јадење и пишување. По тој период, таа ја започнала својата долгогодишна лезбиска врска со уредничката на француското издание на магазинот „Плејбој“ Аник Жеј, откако Жеј ѝ се обратила да напише статија за неа.[6] На патувањата по Америка, често била гледана во друштво со Труман Капоти и со Ава Гарднер. На 14 март 1957 имала сообраќајна несреќа, возејќи го спортскиот автомобил „Астон Мартин“, заради што била неколку дена во кома. Кога одела на своите коцкарски патувања во Монте Карло, најмногу сакала да го вози својот „Јагуар“.

Во 1990-тите, Саган била обвинета и осудена за поседување кокаин. Во неколку периоди од својот живот, таа била зависна од неколку вида дрога. Со години користела пилули на рецепт, амфетамин, кокаин, морфиум и алкохол. Кога полицијата во една прилика вршела претрес на нејзината куќа, нејзиното куче Банко ги одвело до кокаинот кој потоа и самото почнало да го лиже. Тогаш, Саган им рекла на полицајците: „Погледнете, и нему му се допаѓа“. Нејзината здравствена состојба била нарушена во почетокот на 21 век. Во текот на 2002 година не била во состојба да се појави на судењето за даночна измама, случај во кој бил вмешан и поранешниот француски претседател Франсоа Митеран, а за кој Саган била условно осудена. Франсоаз Саган починала од емболија на белодробните крила во Онфлер, на 24 септември 2004 година, во 69 година од животот. По својата желба, била погребана во своето сакано родно место, Кажар, до својот втор сопруг. Во својата телеграма на сочувство, францускиот претседател Жак Ширак, меѓу останатото, навел: „Со нејзината смрт, Франција го изгуби еден од своите најбрилијантни и најсензибилни писатели – еминентна фигура на литературниот живот“.

Творештво

уреди

Во текот на четириесетгодишната книжевна кариера, Саган објавила над 30 дела, претежно романи и драмски дела. Таа дебитирала на книжевната сцена со романот „Добар ден, таго“ (1954), кој ја освоил Наградата на критиката и остварил голема популарност ширум светот, продавајќи се во милионски тиражи. Нејзини најпознати романи се: „Добар ден, таго“, „Одредена насмевка“, „Зе месец, за година“ и „Го сакате Брамс?“, кои се одликуваат со тажен цинизам на главните женски ликови, прерана изживеаност, депоетизација на љубовта и потполна рамнодушност кон општетсвените и политичките проблеми.[7]

Ликовите од делата на Саган, кои станале идоли на илузорните тинејџери, се слични со оние кај Дејвид Џером Селинџер. Таа останала строго доследна на францускиот психолошки роман, дури и во времето коаг во модал бил „новиот роман“. Разговорот меѓу нејзините ликови содржи низа од изнијансирани егзистенцијални прашања. Покрај романите, драмите и автобиографиите, пишувала и текстови за музика и сценарија за филмови. Во 1960-тите, Саган се посветила на пишување драми, кои се одликувале со извонредни дијалози, но кои биле со просечна успешност. Подоцна, таа повеќе се сосредоточува на својата кариера на романописец.

Дела

уреди

Романи

уреди
  • Добар ден таго (Bonjour tristesse, 1954)
  • Извесна насмевка (Un certain sourire, 1955)
  • За месец, за година (Dans un mois, dans un an, 1957)
  • Го сакате ли Брамс? (Aimez-vous Brahms? 1959)
  • Чудесните облаци (Les merveilleux nuages, 1961)
  • Шамада (La chamade, 1965)
  • Срцепазител (Le garde du cœur, 1968)
  • Малку сонце во студената вода (Un peu de soleil dans l'eau froide, 1969)
  • Модрици во душата (Des bleus à l'âme, 1972)
  • Изгубен профил (Un profil perdu, 1974)
  • Растурена постела (Le lit défait, 1977)
  • Покорното куче (Le chien couchant, 1980)
  • Претерано нашминкана жена (La femme fardée, 1981)
  • Неподвижна бура (Un orage immobile, 1983)
  • Уморен од војната (De guerre lasse, 1985)
  • Акварелна крв (Un sang d'aquarelle, 1987)
  • Повод (водило) (La laisse, 1989)
  • Заобиколници (Les faux-fuyants, 1991)
  • Минлива болка (Un chagrin de passage, 1994)
  • Замаглено огледано (Le miroir égaré, 1996)

Раскази

уреди
  • Свилени очи (Les yeux de soie, 1975)
  • Сценска музика (Musiques de scène, 1981)
  • Домот на Ракел Вега (La maison de Raquel Vega, 1985)

Драми

уреди
  • Замок во Шведска (Château en Suède, 1960)
  • Виолини понекогаш (Les violons parfois, 1961)
  • Пурпурниот фустан на Валентина (La robe mauve de Valentine, 1963)
  • Bonheur, impair et passe (1964)
  • L'écharde (1966)
  • Le cheval évanoui (1966)
  • Пијано во тревата (Un piano dans l'herbe, 1970)
  • Убав ден и убава ноќ (Il fait beau jour et nuit, 1978)
  • Спротивна крајност (L'excès contraire, 1987)

Филм

уреди

Животот на Саган бил прикажан во биографскиот филм „Саган“, на француската режисерка Дијана Кирис, кој бил премиерно прикажан во Франција на 11 јуни 2008 година. Насловната улога ја играла француската глумица Силви Тести.

Занимливости

уреди
  • Саган била голема пријателка на францускиот претседател Франсоа Митеран.
  • Во казиното во кое била постојана посетителка, сè ставала на „среќниот број 8“ и во 1958 година добила 80 000 франци за една ноќ, кои ги потрошила веќе наредниот ден купувајќи замок.
  • Таа е една од ретките писатели чии книги се објавени во Русија, Грузија и Украина за време на Студената војна.

Цитати

уреди
  • „За љубовта ништо не е пострашно од смеата.“
  • На прашањето дали верува во љубов одговорила: „Се шегувате? Верувам во страст. Ништо друго. Две години, ништо повеќе. Добро, три години.“
  • „Бракот е лотарија во која мажот ја става својата слобода, а жената својата среќа.“
  • „Лесно ѝ е на паметна жена меѓу мажите, но тешко меѓу жените.“
  • „Љубовта е како возење автомобил: стартуваш нагло, возиш пребрзо, а кочиш кога е веќе предоцна.“
  • „Ниедна жена радо не носи износен фустан на својата соперничка. Кога се во прашање туѓите мажи, не е така пребирлива.“
  • „Постојат две групи мажи кои не знаат ништо за жените: оженети и неоженети мажи.“
  • „Со пари не се купува среќата, но претпочитам да плаќам во Јагуар отколку во автобус.“
  • „Ги сакам мажите кои се однесуваат како мажи. Ги сакам јаки и детинести.“
  • „Ќе живеам лошо ако не пишувам, но и ќе пишувам лошо ако не живеам.“

Наводи

уреди
  1. Fransoaz Sagan, Dobar dan, tugo. Beograd: Laguna, 2020.
  2. SAGAN Francoise
  3. FRANSUAZA SAGAN
  4. „O autorki“, во: Fransoaz Sagan, Dobar dan, tugo. Beograd: Laguna, 2020, стр. 133.
  5. Paris Match 2889 29 Sep 2004
  6. Campbell, Matthew, "Lesbian love triangle stirs Paris literati" Архивирано на 22 септември 2011 г., The Sunday Times, 26 December 2007
  7. „O autorki“, во: Fransoaz Sagan, Dobar dan, tugo. Beograd: Laguna, 2020, стр. 133.

Надворешни врски

уреди
  • Jean-Louis de Rambures, interview with F. Sagan (in French) in: "Comment travaillent les écrivains", Paris 1978
  • Litweb.net Архивирано на 4 мај 2008 г.
  • Blair Fuller & Robert B. Silvers (Autumn 1956). „Francoise Sagan, The Art of Fiction No. 15“. The Paris Review.
  • French press bids farewell; BBC article