Факултет за музичка уметност - Скопје

Факултетот за музичка уметност – Скопје (ФМУ - Скопје) е јавна високообразовна установа која врши високообразна, научно-истражувачка, уметничка и применувачка дејност од областа на музичката уметност. ФМУ - Скопје својата дејност ја врши во состав на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

Факултет за музичка уметност - Скопје
ВидДржавен универзитет
Основан1966
Деканпроф. м-р Живко Фирфов
МестоСкопје, Македонија Македонија
fmu.ukim.edu.mk

Историја

уреди

Факултетот за музичка уметност е формиран во 1966 година под името Висока музичка школа. До 1978 година работел заедно со Музичко-балетскиот училиштен центар, а во март истата година бил преименуван во Факултет за музичка уметност.[1]

Техничка опрема

уреди

ФМУ - Скопје својата дејност ја извршува во свој објект сместен на ул: Питу Гули бб во Скопје, веднаш до Камениот Мост на левата страна од Вардар. Објектот со вкупна површина од 1.546 м2, располага со 10 предавални, 2 концертни сали, 16 кабинети за поединечна настава и 4 аудио-видео лаборатории. ФМУ - Скопје располага со голем инструментариум и технички инвентар потребен за успешна реализација на својата образовна и научна дејност: преку 30 клавири, 3 синтисајзери, клавичембало, широк спектар на ударни инструменти, 3 телевизори, 11 компјутери, графоскоп, 10 ЦД плеери, 3 ДВД плеери, 2 ЛЦД проектори, 2 дигитални камери, филмска камера, дигитален аудио процесор, видеомиксер, 11 микрофони, 25 рефлектори, 2 димери, 3 аудио миксери и друга опрема. ФМУ располага со своја библиотека, со читална, компјутер и аудио опрема.[2]

Наставен кадар

уреди

На ФМУ - Скопје наставата ја изведуваат наставници и соработници кои се во работен однос на ФМУ, но и наставници и соработници кои се вработени во други установи, а се избрани во наставно-научни звања на ФМУ (Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и др.). Вкупно 40 наставници и поголем број соработници работат на ФМУ.[2]

На ФМУ - Скопје се остваруваат студии по студиски програми за додипломски и постдипломски студии. Во првиот циклус на универзитетските студии овозможени се 27 студиски програми. Образовниот процес на првиот циклус студии трае четири години со осум семестри настава. Во рамки на факултетот делува Институтот за истражување и архивирање на музика - ИРАМ. Во архивите на ИРАМ има над 20.000 минути дигитално аудио со македонски фолклор (песни, приказни, обичаи) и над 2.000 минути дигитално видео (документарни програми, концерти, хроника на културни настани со 135 кратки филмови). Во рамките на ИРАМ делува Студентско Интернет-радио и телевизија, а ИРАМ е и организатор на 16 интернационални конференции.[2]

Музичка дејност

уреди

Во рамки на ФМУ - Скопје делуваат и повеќе ансамбли, како: Симфониски оркестар, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, мешаниот хор „Драган Шуплевски“, народен оркестар и биг-бенд. Сите овие ансамбли претставуваат значајни субјекти за културниот живот на Македонија, реализирајќи бројни домашни и меѓународни проекти.[2]

Организација и структура

уреди

Факултетот за музичка уметност - Скопје има декан и два продекани (еден за настава и еден за концертна и меѓународна дејност). На Факултетот се основани следните катедри:[2]

  1. Катедра за музичка теорија и педагогија, музикологија, композиција и диригирање
  2. Катедра за дувачки инструменти, удирачки инструменти и соло пеење
  3. Катедра за клавишни инструменти и харфа
  4. Катедра за гудачки инструменти и гитара
  5. Катедра за балетска педагогија

Наводи

уреди
  1. Дирекција за култура и уметност - Скопје, Есенски музички свечености, Скопје, ноември 2014.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Официјално мрежно место на Факултет за музичка уметност - Скопје