Сер Гавејн и Зелениот Витез
Сер Гавејн и Зелениот Витез (англиски: Sir Gawain and the Green Knight) — витешка романса од XIV век, која ги опишува приклученијата на сер Гавејн, витез на Тркалезната маса. Се состои од 2.500 стиха напишани во алитеративен стих, поделени на четири дела. Делото опстојува во еден ракопис — Cotton Nero A.x. — кој се наоѓа во Британската библиотека и кој вклучува уште три стихотворби од религиозна природа. Се претпоставува дека тие припаѓаат на еден автор, анонимниот поет на Гавејн. Четирите стохотворби се напишани на северозападниот мидлендски дијалект на средноанглискиот јазик.[1]
Изворниот ракопис на Сер Гавејн и Зелениот Витез | |
Земја | XIV век Кралство Англија |
---|---|
Јазик | средноанглиски |
Жанр | витешка романса |
Содржина
уредиПриказната започнува во дворот на кралот Артур во Камелот на новогодишната ноќ. Огромен зелен витез со секира влегува во салата каде што витезите се гоштаваат и издава предизвик. Тој сака еден од витезите да ја земе секирата и да го удри со неа, под услов после година и еден ден да може да го возврати ударот. По одреден период на тишина, сер Гавејн, најмладиот витез на Тркалезната маса, како и внук на кралот Артур, го прифаќа предизвикот и ја отсекува главата на великанот со тежок удар, очекувајќи ја неговата смрт. Меѓутоа, Зелениот Витез ја крева главата, го потсетува Гавејн да го чека во Зелениот параклис за една година и еден ден, се качува на коњот и заминува.
На Денот на сите светци, сер Гавејн се вооружува, го зема својот црвен штит со златен пентаграм на него, симболизирајќи ги петте доблести на витешкиот кодекс — пријателство, чесност, невиност, учтивост и благочестие, и тргнува во потрага по Зелениот параклис. По талкање низ дивите шуми и карпестите земји на Западна Англија и Северен Велс, Гавејн на Бадник стигнува до замокот на Бертилак и неговата прекрасна сопруга, кои се воодушевени што примаат толку истакнат гостин. Гавејн им кажува за неговата закажана средба во Зелениот параклис на Нова година и дека мора да го продолжи своето патешествие следниот ден. Бертилак се насмевнува и одговара дека неговата потрага е завршена бидејќи Зелениот параклис е не повеќе од две милји оддалечен.
Господарот на замокот оди на лов следниот ден и му нуди договор на Гавејн — тој ќе му го даде она што го уловил во шумата, а Гавејн ќе му го даде она што го добил во текот на денот во замокот. Гавејн прифаќа. По заминувањето на господарот, господарката на замокот, дамата Бертилак, ја посетува спалната соба на Гавејн за да го заведе. Сепак, Гавејн не ѝ дозволува ништо друго освен еден бакнеж. Кога господарот Бертилак се враќа со елен што го убил, Гавејн го бакнува без да објасни од каде го добил. Следниот ден повторно доаѓа дамата, но понапорна, а овој пат вепарот на Бертилак се заменува со два бакнежи. Третиот ден, дамата Бертилак е уште пожестока и, покрај своето внимание, на сер Гавејн му нуди зелено-златен свилен појас, за која верува дека ќе го заштити од сите телесни повреди. Гавејн повторно учтиво ја одвраќа, двајцата разменуваат само три бакнежи, но го прифаќа подарокот. Таа вечер, господарот Бертилак се враќа со убиена лисица и ја менува за три бакнежи, но Гавејн не му го дава свилениот појас.
Следното утро, Гавејн тргнува кон Зелениот параклис со свилениот појас. Тој таму го наоѓа Зелениот Витез како ја остри својата секира, и како што е договорено, Гавејн се наведнува за да го прими ударот. Зелениот Витез замавнува еднаш и Гавејн се мрда, вториот пат Зелениот Витез му ја запира раката, а на третиот замав нежно го удира Гавејн по вратот. Зелениот Витез открива дека е Бертилак и објаснува дека предизвикот го смислила волшебничката Моргана ле Феј, полусестрата на кралот Артур. Гавејн е вознемирен и се кае, но двајцата остануваат пријатели и Гавејн се враќа во Камелот носејќи го зелениот појас како симбол на неговиот срам. Сепак, кралот Артур наредува сите витези отсега натаму да носат зелен појас како признание за приклучението[2] на Гавејн.
Наводи
уреди- ↑ „British Library“. www.bl.uk. Архивирано од изворникот на 2023-07-16. Посетено на 2023-07-26.
- ↑ Приклучение значи авантура. Синоним.
Надворешни врски
уредиПовеќе за Сер Гавејн и Зелениот Витез на збратимените проекти на Википедија | |
Дефиниции и преводи на Викиречник ? | |
Податотеки на Ризницата ? | |
Образовни ресурси на Викиуниверзитет ? | |
Новинарски известувања на Викивести ? | |
Мисли на Викицитат ? | |
Изворни текстови на Викиизвор ? | |
Прирачници на Викикниги ? | |
? | Информации за патување во Википатување ? ? |