Светлана Велмар-Јанковиќ

Светлана Велмар-Јанковиќ (Белград, 1 февруари 1933 — Белград, 9 април 2014) — српска писателка и академик САНУ.[1]

Светлана Велмар Јанковиќ
Родена 1 февруари 1933(1933-02-01)
Белград, Кралство Југославија
Починала 9 април 2014(2014-04-09) (возр. 81)
Белград, Србија
Занимање книжевник

Животопис

уреди

Светлана Велмар-Јанковиќ била ќерка на Милица и на српскиот писател Владимир Велмар-Јанковиќ. Таа е родена во Белград, каде го поминала најголемиот дел од животот.[2] Бегајќи од виорот на Втората светска војна, дел од воените години ги поминала во Вучје, во кругот на семејството на нејзиниот тетин, Лазе М. Теокаревиќ. Светлана Велмар-Јанковиќ, опишувајќи ги настаните од својот живот, ги опишувала и луѓето кои биле неразделен дел од нејзиното растење и созревање и кои оставиле траги на неа и нејзиното дело. Еден од нив е нејзиниот пријател и лекар, по потекло од Лесковац, Жак Конфино. Како семеен пријател, Жак Конфино многу време поминувал во кругот на семејството Велмар-Јанковиќ. Затоа, кај неа се родила желбата кога порасне да биде, како и чичкото Жак, детски лекар и писател. По војната, таа ја посетувала Четвртата женска гимназија. Француска книжевност студирала кај Миодраг Ибровац и Никола Банашевиќ, a латински јазик изучувала под надзор на Милош Н. Ѓуриќ. Прво работела како новинарка во „Детски печат“ („Дечја штампа“) и како секретарка и уредничка на списанието „Книжевност“ („Књижевност“). Потоа ја уредувала библиотеката за проза и есеи на домашни писатели во издавачкото претпријатие „Просвета“. За дописен член на Српската академија на науки и уметности била избрана на 2 новември 2006, а за редовен член на 5 новември 2009 година.[2] Во периодот од 2007 до 2013 година, таа била претседател на Управниот одбор на Народната библиотека на Србија. Погребана е на Новите гробишта во Белград, во семејната гробница на нејзиниот дедо Велислав Вуловиќ, каде е погребана и нејзината мајка Милица.

Творештво

уреди

Светлана Велмар-Јанковиќ ги објавила следниве дела:[3]

  • „Лузна“ (роман, 1956)
  • „Современици“ (есеи, 1967)
  • Дорќол“ (раскази, 1981)
  • „Лагум“ (роман, 1990)
  • „Клетници“ (есеи, 1993)
  • „Врачар“ (раскази, 1994)
  • „Кнез Михаило“ (драма, 1994)
  • Бездна“ (роман, 1995)
  • „Гласови“ (раскази, 1997)
  • „Книга за Марко“ (раскази, 1998)
  • „Светилник“ (молитви, 1998)
  • „Лузна“ (второ, преработено издание, 1999)
  • „Нигдина“ (роман, 2000)
  • „Жезло“ (драми, 2001)
  • „Прозраци“ (сеќавања, 2003)
  • „Востание“ (роман, 2004)
  • „Избраници“ (есеи, 2005)
  • „Маѓепсани очила: раскази за Београд“ (раскази, 2006)
  • „Седумте мои другари“ (раскази, 2007)
  • „Портата на Балканот: брз водич низ минатото на Белград“ (монографија, 2011)
  • „Сродници“ (есеи, 2013)

Нејзините дела се преведени на повеќе јазици, како: англиски, француски, германски, шпански, италијански, грчки, руски, бугарски, корејски и унгарски. Исто така, таа добила повеќе книжевни награди, и тоа: „Исидора Секулиќ“, Андриќевата награда (за „Дорќол“), „Меша Селимовиќ“, „Ѓорѓе Јовановиќ“, „Бора Станковиќ“, „Пера Тодоровиќ“, наградата на Народната библиотека на Србија за најчитана книга во 1992 година, Ниновата награда за најдобар роман („Бездна“), „Невен“, наградата на „Политикин забавник“, „Жак Конфино“, „Мишиќев дукат“, „Ramonda serbica“ и „Стефан Митров Љубиша“.[4]

Наводи

уреди
  1. Потекло на зборот - Антологија на српскиот расказ I, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2016, стр. 63.
  2. 2,0 2,1 „O piscu“, во: Svetlana Velmar-Janković, Dorćol, Treće izdanje. Beograd: Laguna, 2014, стр. 219.
  3. „O piscu“, во: Svetlana Velmar-Janković, Dorćol, Treće izdanje. Beograd: Laguna, 2014, стр. 219-220.
  4. „O piscu“, во: Svetlana Velmar-Janković, Dorćol, Treće izdanje. Beograd: Laguna, 2014, стр. 220.