Портал:Македонија/Вовед
Македонија претставува регион во југоисточна Европа, или поточно на Балканскиот Полуостров. Македонија зафаќа површина од 67.741,2 km² и има население од 4,9 милиони жители, од кои 26,56% се етнички Македонци, но точниот број на Македонците не е познат поради несоодветни пописи во Грција и Бугарија.
Македонија го зафаќа средишниот дел на Балканскиот полуостров, односно просторот што на север е ограден со планините Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак, Осогово и Рила, на југ со реката Бистрица и брегот на Егејското Море до утоката на реката Места, на запад со билата на планините Кораб, Јабланица, Грамушта и Пинд, додека пак на исток е оградена со западните падини на планините Родопи. Територијата исто така се совпаѓа со сливот што се простира од (од запад кон исток) реките Бистрица, Вардар и Струма (од кои Вардар наводнува далеку најголема површина) и рамнините околу Солун и Сер.
Македонија има карактеристичен релјеф кој во најголем дел е составен од планини кои припаѓаат на старите грамадни планини на родопската група и младите верижни планини на шарската група. На територијата на Македонија се застапени и голем број на котлини особено во средишниот и западниот дел, а има повеќе природни езера како Охридско Езеро, Преспанско Езеро, Дојранско Езеро, Островско Езеро, Петерско Езеро, Костурско Езеро, Лагадинско Езеро, Бешичко Езеро и др. (Дознајте повеќе...)