Гај Петрониј Арбитер (латински: Gaius Petronius Arbiter) - римски писател и поет.

Животопис

уреди

Нема податоци за раѓањето на Петрониј. Во своите „Анали“ (XVI, 18-19), познатиот римски историчар Такит го опишува Петрониј како човек кој дење спиел, а ноќите ги поминувал во уживање, а понекогаш во духовна работа, така што стекнал голема слава во Рим, не толку по сериозната работа, туку по декадентниот живот. Сепак, тој не бил озлогласен поради развратниот живот, туку го сметале за човек кој се разбира во телесните уживања и за судија на добриот вкус. Оттука, тој бил познат како „арбитер на елеганцијата“ (arbiter elegantiarum), зашто ништо не било сметано за убаво и возвишено ако така не го оценил Петрониј. Меѓутоа, заповедникот на царската гарда Тигелин, кој му завидувал на Петрониј, го наклеветил кај императорот Нерон[1] како божемен учесник во Пизоновата завера против Нерон, поради што бил осуден на смрт.[2] Петрониј умрел така што си ги пресекол вените на рацете, по што ги затворил, па повторно ги отворил, сакајќи да ја покаже својата безгрижност и во умирањето при што цело време разговарал со пријателите за несериозни нешта (според Такит, особено ги избегнувал изреките на мудреците и разговорите за бесмртноста на душата). Потоа, тој ослободил неколку робови, а неколку казнил и заспал со цел смртта да делува природно. Додека умирал, тој не кажал пофални зборови за Нерон (со намера да ја царевата одмазда кон неговите роднини), туку наредил на Нерон да му испратат еден ракопис во кој ги исмеал недостатоците на своето време, снобовите и ослободените робови, кои биле столбови на тогашниот режим. Потоа, го скршил својот прстен со монограмот за да спречи власта да го фалсификува неговиот тестамент и скршил една скапа ваза (која ја купил за 300.000 сестерции) за да не ја присвои Нерон. На тој начин, историчарите Такит и Плиниј го опишуваат Гај Петрониј и со тоа, со голема сигурност може да се тврди дека тој е авторот на „Сатирикон“. Сепак, постојат мислења дека автор на романот „Сатирикон“ е некој друг Петрониј, а некои тврдат дека живеел во сосема друго време.[3]

Творештво

уреди

Петрониј е автор на духовитиот културно-историски романСатирикон“ („Сатирска книга“), составен од 20 книги, а напишан во проза и во стихови. Во него го критикувал општеството, вклучувајќи ги поетите и говорниците. „Сатирикон“ е едно од најдуховитите дела на античката книжевност, но од него се сочувани само фрагменти. Најголемиот сочуван дел е „Трималхионовата гозба“ (Cena Trimalhionis) во кој се опишува гозбата на богатиот сноб Трималхион во некој град во Јужна Италија. Ракописот во кој се наоѓа овој фрагмент е пронајден во Трогир, во 17 век, а денес се чува во париската библиотека.[2]

Во романот „Наспроти“, францускиот писател Жорис-Карл Уисманс го нарекува Петрониј „прониклив набљудувач, пребирлив аналитичар, прекрасен сликар; мирно, без предубедувања, без омраза, го опишуваше секојдневниот живот на Рим“ и „го откриваше обичниот живот на народот“, а „сето тоа е раскажано со еден чудно свеж стил, со прецизна боја, со стил кој се напојува од сите дијалекти... отстранувајќи го сите ограничувања, сите рамки на божемниот Голем век“. Според Уисманс, „Сатирикон“ претставува „реалистичен роман, парче отсечено во живо од римскиот живот, без стремеж за реформа или сатира... без потреба од вештачка цел и од морал“ кој се одликува со „блескав, филигрански јазик, без притоа авторот да не се појави ниту еднаш, без да се впушти во каков и да било коментар, без да ги одобрува или проколнува постапките или мислите на своите ликови, пороците на една изнемоштена цивилизација...“ На тој начин, со префинетоста на стилот, со острината на опсервирањето и со цврстината на методот, „Сатирикон“ се приближува до некои модерни француски романи.[4]

Наводи

уреди
  1. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 79.
  2. 2,0 2,1 „Petronije Arbiter“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 102.
  3. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 79-80.
  4. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 46-48.