Филигран – техника на изработување накит од тенка златна или сребрена жица слична на тантела и украс, украсен предмет, накит изработен во таква техника[1]

Етрурски филигран, златна обетка, V век п.н.е. , Британски музеј.
Сребрен коњ и кочија, филигрански предмет
Сребрен сад, филигрански предмет

Потекло на поимот

уреди

Името филигран доаѓа од латинските зборови filum (нишка) и granum (зрно), кој како збор се востановил во XVII век во Франција.[2][3]

Опис

уреди

Филигранската техника е позната од многу одамна (2500 г.п.н.е) и во текот на вековите со нејзе се изработувал прекрасен накит како и украсни предмети на кои и денес им се воодушевуваме.

За изработка на предмети со оваа техника се користи сребрена, златна или поретко бакарна жица за компонирање на мотивите. Нишките од жицата се виткаат и преплетуваат, меѓусебно се врзуваат и така се обликува сложен мотив кој може да биде положен на метална подлога или да биде слободен. Мотивите од филигранска жица се различни од геометриски фигури до цветови и животни. На вака изработените предмети понекогаш се ставале ситни метални куглички.

Историја

уреди

Иако филигранот стана посебна гранка на јувелирството во модерно време, оваа техника била составен дел на златарите од античко време. Имено, целиот накит на Етрурците и во Стара Грција бил правен со лемење наместо со резба или гравирање на материјалите.[4]

Филигранот е најраспространетата техника во уметничката обработка на сребро и злато. Бидејќи не постоеле мостри и шеми за изработка на мотиви, кај оваа техника најмногу е пројавен поединечниот народен дух. Секој мајстор ги комбинирал шарите „од умот“, а добрите мајстори на филигранот биле надалеку прочуени и добро платени за својата работа. Филигранската техника првенствено е застапена во Средоземјето. Познати се примероци накит кои се пронајдени во Троја и кои потекнуваат од 2500 г.п.н.е. како и во Микена од 1500 г.п.н.е. Преубави примероци накит изработени со филигранска техника откриени се во етрурските гробници кои потекнуваат од VI век п.н.е.

Во Стар Рим, филигранската техника се користела на големо. Под влијание на римската уметност во време на „големата преселба на народите“, оваа техника на изработка на накит била широко прифатена и кај германските племиња. Својот зенит го достигнува во Византија од VI до XII век.

Начин на изработка и употреба

уреди

Може да се каже дека филигранската уметност се состои од виткање, усукување и плетење на тенки метални жици, и нивно спојување (лемење) една со друга во точките на допир како и со подлогата. За гранулирани мотиви, се сечат мали парчиња од златна или сребрена жица кои потоа се лепат со дувало или лемило во денешно време, при што добиваат сферичен облик и малку се разликуваат меѓусебе.[5][6]

Брошовите, крстовите, обетките, копчињата[7] и други лични украсни предмети изработени во филигранска техника во денешно време, за да го задржат својот облик се зацврстени со метални плочки или ленти.

Галерија на македонски филигран

уреди

Наводи

уреди
  1. Велковска, Снежана; Конески, Кирил (2014). Толковен речник на македонскиот јазик. VI. Скопје: Институт за македонски јазик„Крсте Мисирков“. стр. 239. ISBN 978-608-220-029-3.
  2. Oxford Dictionaries entry for "filigree" http://oxforddictionaries.com/definition/english/filigree Архивирано на 3 август 2014 г.
  3. Online Etymology Dictionary http://www.etymonline.com/index.php?term=filigree
  4. Castellani, Alessandro (1861). A Memoir on the Jewellery of the Ancients. Jackson and Keeson. Архивирано од изворникот на 2014-08-20. Посетено на 2017-08-05.
  5. Maryon, Herbert (1971). „Filigree“. Metalwork and Enameling (5. изд.). Dover Press. стр. 53–55.
  6. Higgins, Reynold Alleyne (1980). Greek and Roman Jewellery (2. изд.). University of California Press. стр. 20. ISBN 9780520036017.
  7. *Elements of a German filigree button, made c. 1880 image from Victoria & Albert Museum jewellery collection